Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, каде ја нагласи заложбата на Владата за стабилни јавни финансии и заштита на животниот стандард.
– Нашата политика е јасна – стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард. Ќе продолжиме со дисциплина во приходите, со одговорност во трошењето и со чувствителност кон реалните потреби на граѓаните – порача Мицкоски.
Тој подвлече дека справувањето со сивата економија не треба да се гледа како краткорочна кампања, туку како долгорочен процес кој бара системски пристап. „Борбата против сивата економија, посочи премиерот, не е кампања, таа е процес, контролата на цената не е популизам таа е заштита на граѓаните“, пренесе МИА.
– Ќе бидеме и цврсти и праведни. И кон оние што избегнуваат обрски и кон оние што се обидуваат да профитраат од кризите затоа што нашата обврска е јасна – економија со ред, пазар со правила, држава со достоинство – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека сивата економија значи загуба на приходи за државата и пропуштени можности за подобри плати, здравство, образование и пензии.
– Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој кој работи чесно. Нашата цел е јасна – формалната економија да стане попривлечна од неформалната, да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално – додаде тој, нагласувајќи дека инспекциските контроли не се доволни и дека е потребен системски пристап.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска ја презентираше ревидираната стратегија за справување со неформалната економија. Таа најави дека со Акцискиот план за 2026–2027 ќе се постави јасна цел – намалување на уделот на неформалната економија од 28,9% на 26% од БДП до крајот на 2027 година.

– Во нејзиното остварување, особено е значајно активно вклучување на сите релевантни институции во имплементацијата на Стратегијата и мерките од неа. Јасна порака за соработка и активно вклучување во имплементацијата испраќаме и преку денешното потпишување на Декларацијата за партнерство и акција, со која изразуваме заедничка посветеност за формализација на неформалната економија – рече Димитриеска Кочоска.
Таа додаде дека декларацијата претставува важен чекор кон системско и координирано справување со неформалната економија, со заедничка посветеност на институциите, бизнис заедницата, синдикатите и академската средина.
































