Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од отворањето на новите авио линии, а резултатите од субвенционирањето, според него се гледаат и во зголемениот број на странски туристи во првите пет месеци од годинава.
Одговорајќи на новинарски прашања по денешниот почеток на изградба на спортска сала во Воената академија, Мицкоски посочи дека буџетот за субвенционирање е зголемен на 250-260 милиони денари.
-Впрочем, резултатите се гледаат и во секторот туризам. Имаме зголемен број на странски туристи за 20 проценти во првите пет месеци од годинава. Ова се субвенции на доаѓање на тие летови и во таа насока ќе продолжиме и во периодот којшто следи – рече Мицкоски.
Со „Визер“ од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн, а како што соопшти денеска ТАВ Македонија се воведува и претходно најавената линија до Ларнака, Кипар.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на почетокот на месецов изјави дека очекува за брзо време да има објава за нови авио линии.
– Вчера објавивме пет нови дестинации од коишто ќе се лета од Скопскиот аеродорм, вкупно 16 откако е избрана оваа Влада, за брзо време очекувајте и нови – изјави Николоски на 1 август, по доделувањето уверенија за кандидати за обука на пилоти со кофинансирање од државата.