Фото: ЕПА

Македонската и српската економија се компатибилни, меѓусебно се надополнуваат и постои простор за уште посилна соработка, како во традиционалните сектори, така и во новите економски области. Тоа го покажува растот од скоро 16 отсто извоз на Србија во Македонија во првите девет месеци споредбено со истиот период лани, истакна потпретседателката на српската Влада и министерка за економија Андријана Месаровиќ на отворањето на македонско – српскиот бизнис форум што денеска се одржува во Скопје.

Појасни дека во првите девет месеци од оваа година Србија во земјава извезла стоки во вредност поголема од 804 милиони евра, но и оти повеќе од 953 компании со мнозински македонски капитал успешно работат во Србија, пред сè, во трговијата, градежништвото, преработувачката индустрија и ИКТ-секторот.

– Од 2012 година до денес, инвестициите од Северна Македонија во Србија достигнаа повеќе од 115 милиони евра. Тоа потврдува дека инвеститорите од регионот ја препознаваат стабилноста, предвидливоста и одличната деловна клима во нашата земја. Важно е да се нагласи дека Србија денес е земја со инвестициски кредитен рејтинг, еден од најзначајните меѓународни показатели за макроекономска стабилност и доверливост на стопанската средина. Тоа е порака до инвеститорите дека Србија е сигурно место за вложување, со јасни правила, стабилни финансии и одговорна економска политика – рече Месаровиќ.

Двете земји, нагласи, негуваат активен политички дијалог и практична соработка, забележувајќи дека иницијативата Отворен Балкан дала конкретни резултати и за граѓаните и за стопанството.

Повикувајќи ги македонските инвеститори да вложуваат во Србија ги посочи предностите кои државата ги нуди, како што се договорите за слободна трговија со Народна Република Кина, Евроазиската унија, Република Турција, Египет, Обединетите Арапски Емирати…

– Овие договори отвораат врата кон огромен број пазари под преференцијални услови, што на вашите производи им дава силна конкурентска предност. Затоа ве повикувам да инвестирате во Србија и да ги зголемите вашите извозни потенцијали користејќи ги уникатните предности што Србија ги нуди денес – рече Месаровиќ во обраќањето пред бизнисмените.

Според неа, Србија на своите соседи не гледа како на конкуренција, туку како на сојузници во процесот на модернизација и економска трансформација посочувајќи ја имплементацијата на договорите во рамките на иницијативата Отворен Балкан, со кои на граѓаните на трите држави им се овозможува слободен пристап до пазарот на труд и меѓусебно признавање на електронските идентификациски шеми.

– Денешниот форум претставува круна на интензивната и содржајна соработка меѓу нашите две држави. Овој деловен собир е замислен како оперативна платформа, место за конкретни договори, отворање нови канали на комуникација и нови заеднички проекти. Денес го потпишавме Меморандумот за разбирање меѓу нашите две влади, со приоритети поврзани со натамошно унапредување на економската соработка, инвестициите, заеднички настап на трети пазари и унапредување на инфраструктурните и стопанските проекти од заеднички интерес. Тоа се темите што ја одредуваат иднината на регионот и на кои заедно можеме да дадеме одговор – додаде српската вицепремиерка и министерка за економија.

Изрази надеж дека денешниот форум ќе донесе нови можности, посилни партнерства и ќе го отвори патот кон уште поблиска соработка меѓу бизнис секторот од двете земји.