Првиот вицепремиер на Владата Артан Груби од Тетово најави дека механизацијата која ќе работи на изградба на автопатиштата предвидени во Коридор 8 е на пат кон државата. Откако на почеток на јуни беше означен почетокот на геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар, сега според владините министри ќе се почне и со градежни работи.
– На 12-ти започнуваат градежните активности над село Дебреште, а досега проектирањето оди во одлична форма од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“ и кај сите компании коишто се ангажирани. Тие веќе имаат закупено огромен дел од механизацијата којашто е на пат кон нашата земја и веќе како што гледате градежни работи се вршат насекаде, ќе продолжат и со Коридорот 8, со минирање на планината над Дебреште, и на трансфер на цел тој материјал, на новиот автопат Тетово и Гостивар којшто ќе се изгради – информираше првиот вицепремиер Артан Груби денеска по увидот кој владините функционери го направија по повод обновата на автопатот Скопје-Тетово исто така дел од Коридор 8.
На новинарско прашање кога ќе може да се очекува завршување на автопатот од Охрид до Кичево, министерот Благој Бочварски е со став дека за сите патишта коишто се почнати ќе се прават максимални напори да се завршат.
– Овде станува збор и за оваа делница којашто се рехабилитира и за автопатот Кичево-Охрид којашто ја затекнавме со голем број на проблеми. Проблемите се решаваат, се отклонуваат, веќе се тестира третиот слој на асфалт и се започнува со третиот асфалт, се прави избор на заштитната ограда на овој автопат и ќе започне асфалтирањето на третиот слој. Така што, ние ќе направиме се, ги правиме сите координации, притисоци изведувачите да си ја завршат својата задача, бидејќи институциите својата задача си ја завршија. Да почне сукцесивно дел по дел да се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Пред некој ден се заврши клучката кај аеродромот Охрид и е пуштена во сообраќај, така што продолжува секој оној дел којшто ќе биде приспособен согласно стандарди, процедури, да биде безбеден и да биде пуштен во сообраќај. Ќе почне од Охрид кон Подмоље асфалтирање на третиот слој и продолжуваме кон аеродромот Охрид, Ботун и кон Кичево – изјави Бочварски.
Владините функционери информираа дека преку саеми за вработување продолжуваат да се вработуваат работници за изградба на Коридор 8.
– Огромен интерес има и Владата сите тие две илјади работни места да се пополнат од наши граѓани. Платите се многу конкурентни, работните места се најразлични и се надевам дека ќе аплицираат граѓани и ќе ја видат шансата да се стекнат со огромно искуство работејќи за голем конзорциум како што е Бехтел и Енка – изјави Груби.
Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми на дел од Коридор 8 се очекува да се направи и обиколницата за Тетово.
– Очекуваме за две недели да завршат и да имаме избор на градежна фирма за обиколница на Тетово и за надзор на обиколница на Тетово. Ако успееме за овие 10-15 дена да ги избереме и да заврши таа процедура очекуваме во почетокот на октомври да започнеме со градбата на обиколницата Тетово којашто е многу потребна за градот Тетово – изјави Ејуп Рустеми.
Воедно, според Рустеми, деновиве ќе почне вонреден режим на сообраќај поради градежни активности за модернизација на двете патарини помеѓу Скопје и Тетово, Глумово и Желино, по што за шест месеци ќе има можност за електронско плаќање.
Со 7,5 милиони евра се рехабилитира автопатот Скопје-Тетово
Владиниот прв вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик министерот Беким Реџепи, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и директорот на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионални патишта, Костадин Ацевски, денеска извршија увид на рехабилитација на автопатската делница А2 или од Скопје – Тетово. Според нив, оваа обнова на коловозната лента и поставувањето звучни бариери е дел од инвестицискиот циклус на Владата за изградба и модернизација на европскиот Коридор 8.
– Рехабилитација на делот од Коридор 8 или автопатот А2 Скопје-Тетово се прави со буџет 7,5 милиони евра. Има рехабилитација за најоштетените делови. Очекуваме овој дел да се заврши во октомври. Направивме увид на поставени звучни бариери кај општина Сарај со должина од 1.650 метри. Звучни бариери има поставени и на дел од Коридор 10 односно 1.770 метри кон Куманово. Ги исчистивме сите автопатишта, работиме активно со косење трева, досега имаме искосени 1.930.000 квадрати трева и имаме собрано 650 кубици смет, да апелирам да внимаваме и да чуваме животната средина на автопатиштата – изјави Ејуп Рустеми.
Министерот Благој Бочварски рече дека се работи на рехабилитација и на повеќе патни правци.
– Сите овие активности се во насока на подобрување на квалитетот на нашата патна инфраструктура и во насока на подобрување на условите за патување на граѓаните. Работиме на рехабилитација и на две позиции на автопатот на Коридорот 10 од Демир Капија кон Неготино, но и од Катланово кон Петровец, пет позиции на пет гранични премини во моментот се рехабилитираат. Една е веќе завршена, на останатите се работи. Тоа се патните правци кон Бугарија, кон Косово, кон Грција на патниот правец Битола – Меџитлија, Подмоље – Струга – Ќафасан и практично на сите страни од државата се работи со една силна динамика – посочи Бочварски.
Првиот вицепремиер Артан Груби истакна дека покрај рехабилитацијата на овие патишта за патувањето низ државата ќе биде поквалитетно поради работата и на граничните премини.
– Денеска министерот за внатрешни работи го потпиша договорот којшто е усвоен од страна на Владата за воспоставување на заеднички контроли на граница со Косово, кај Блаце и кај Јажинце со нова модерна методологија и којашто е предвидена во ребалансот на буџетот предвиден да се усвои од страна на Владата. Заокружуваме во овој мандат сите најбитни проекти за државата Коридорите 8 и 10, граничните премини со Албанија, Србија и Косово за поквалитетен живот на граѓаните и подобар економски развој – истакна Груби.
Директорот Рустеми информираше дека увид направиле на рехабилитацијата на регионалниот пат од Тетово кон Боговиње, каде што се обновуваат 650 метри од булеварот „Илинден“ до патот што води кон Попова Шапка.