Фото: „Нова Македонија“

Региони на ЕУ се соочуваат со силни финансиски потешкотии

  • Според последната анализа направена од статистичкиот центар на Европската Унија, Евростат, во текот на 2024 година, 93 од 243 региони на ЕУ регистрирале стапки на ризик од сиромаштија или социјална исклученост повисоки од просекот на Унијата од 21 отсто. Други четири региони имале иста стапка, додека 146 имале пониски стапки од просекот

Иако се значително развиени, одредени земји, или региони во Европа, сепак, имаат проблеми со животниот стандард на граѓаните, па дел од тамошните жители се соочуваат со голем ризик од сиромаштија. Според последната анализа направена од статистичкиот центар на Европската Унија, Евростат, во текот на 2024 година, 93 од 243 региони на ЕУ регистрирале стапки на ризик од сиромаштија или социјална исклученост повисоки од просекот на Унијата од 21 отсто. Други четири региони имале иста стапка, додека 146 имале пониски стапки од просекот.
– Во пет региони, овие стапки биле повеќе од двојно поголеми од просекот на ЕУ. Највисоката стапка била во Гвајана, Франција, каде што 59,5 отсто од населението било изложено на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Веднаш зад францускиот регион следуваат италијанските региони Калабрија со 48,8 отсто изложеност на сиромаштија, па Кампања со 43,5 проценти. Веднаш зад нив се шпанските автономни градови Мелила со 44,5 проценти и Сеута со 42,2 отсто изложеност на населението на сиромаштија – се појаснува во анализата на Евростат.
Според нивните податоци, во текот на минатата година имало 25 региони каде што најмалку 33 проценти од населението биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост.

И во нашето соседство висока концентрацијата на граѓани што се на
прагот на социјална исклученост

Голем дел од регионите каде што е висока концентрацијата на граѓани што се на прагот на социјална исклученост биле во Грција или поточно пет региони кај нашиот јужен сосед. Потоа следуваат Бугарија, Шпанија и Италија, секоја со по четири региони што се соочуваат со сиромаштија. Зад нив се и Романија и најоддалечените региони на Франција, во двете земји по три региони.
Но зачудува податокот дека во групата на сиромашни региони се и два претежно урбани региони во западните земји од ЕУ – главниот регион на Белгија – Брисел, и Бремен во Германија.

Голем дел од населението во ЕУ изложено на сиромаштија

Статистичарите на Евростат утврдиле дека во текот на 2023 година, дури 94,6 милиони луѓе во ЕУ, што е 21,4 отсто од населението, биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост.
– Бројката е малку намалена во споредба со 2022 година, кога 95,3 милиони граѓани или 21,6 процент од населението биле изложени на ризик од сиромаштија. Во 2023 година, вкупно 71,9 милион луѓе беа изложени на ризик од сиромаштија, додека 5,5 милиони луѓе истовремено се соочиле ризик од сиромаштија, доживување тешка материјална и социјална лишеност и живеење во домаќинство со многу низок интензитет на работа – посочуваат аналитичарите.
Анализите покажале дека низ земјите членки на Европската Унија, речиси една петтина или 18,9 отсто од граѓаните на возраст од 18 години и нагоре, кои биле државјани на земја членка на ЕУ и живееле во неа, биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост во 2023 година.
Но овој удел значително се зголемува ако лицата се граѓани на ЕУ, но живеат во друга земја, не во матичната ЕУ-земја, и уште повеќе за државјани што не се членки на ЕУ, но живеат во некои од европските земји.
– Уделите биле значително повисоки за граѓаните на ЕУ што живеат во друга ЕУ-земја, и тоа 27,9 отсто, и државјани што не се членки на ЕУ од високи 45,5 проценти. Полска беше единствената земја од ЕУ каде што уделот на возрасните што беа изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост беше повисока за државјаните отколку за граѓаните на ЕУ што живеат таму, како и за граѓани што не се од земја членка на ЕУ. Покрај Полска, уште шест земји од ЕУ, односно нивните државјани се во ризик од сиромаштија повеќе отколку уделот на граѓаните на другите земји на ЕУ. Тоа се: Република Ирска, Хрватска, Летонија, Унгарија, Португалија и Словачка – истакнуваат статистичарите.

Каде се живее најкомотно?

Сосема спротивно на нив, низ Европската Унија има 26 региони каде што помалку од 12,5 отсто од населението било изложено на ризик од сиромаштија или социјална исклученост во 2024 година. Оваа група вклучува седум региони во северна и централна Италија, вклучувајќи го Болцано каде што процентот достигнува само 6,6 отсто. Тие всушност имаат најниска стапка на ризик од сиромаштија или социјална исклученост во ЕУ. Шест од осумте региони на Чешка, вклучувајќи го Јихозапад, имаат стапка од 8,8 отсто за ризик од сиромаштија.
Третата најниска стапка во ЕУ ја делат три региони во северна Белгија, исто толку региони во Австрија, како и два региона во Полска, вклучувајќи го главниот Варшавски Регион. Заедно со нив се и главните региони на Хрватска, Романија, Словенија и на Словачка, при што последниот од нив, Братиславскиот крај, има втора најниска стапка во ЕУ од 8,6 проценти. Е.Р.


Стапката на сиромаштија во Македонија бележи намалување

Стапката на сиромаштија во текот на 2023 година во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика, се намалила на 22,2 отсто. Година претходно, или во 2022 година, оваа стапка била 22,9 проценти.
Индикаторите за сиромаштија, кои ги изработува ДЗС, врз основа на податоците од анкетата за приходите и условите за живеење, се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија. Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход. Според оваа анкета, како што соопшти ДЗС, во 2023 година, стапката на сиромашни лица во Македонија изнесувала 22,2 проценти.
Убедливо најсиромашни меѓу нашите сограѓани се домаќинства со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца. Во оваа категорија речиси педесет проценти од семејствата се соочуваат со сиромаштија, поточно 48,9 отсто. Следни се самохраните родители со повеќе издржувани деца, каде што стапката достигнува високи 45 проценти.
– Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2023 година е 17,8 отсто. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8,4 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 11,3 отсто – се посочува во извештајот на ДЗС.
Коефициентот на џини, мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите, во текот на 2023 година достигнала 30,3 проценти. Оваа мерка се зголемила, што покажува уште поголема нееднаквост во распределбата на приходите. Имено, во текот на 2022 година џини-коефициентот достигнувал 29,8 отсто. Е.Р.