Фото: Влада

Македонското градежништво мора да расте. Првите бројки се многу оптимистички бидејќи првото полугодие споредено со минатата година бележиме раст во градежништвото од 9 отсто, а растот на услуги по транспорт е 6,1 отсто и тоа е далеку над растот кој го има државата. Тоа покажува дека овие два сектори растат, вели вицепремиерот Александар Николоски.

Тој во интервјуто на „Топ Тема” истакна дека крупните капитални проекти се реализираат со одлична динамика, а фокусот во следниот период треба да се стави на малите и средни градежни фирми. Директната помош на Владата кон општините изнесува преку 500 милиони евра.

-За да потикнеме еконoмски развој таков како што сакаме, почнавме на подржување на општините. Тоа со децении се зборуваше и еве сега се подржуваат. Средствата се дел од Светска банка, дел од буџет, лани 100 милиони евра, оваа 250 милиони евра подршка. Ако на тоа додадеме програми на неколку други министерства стигнуваме до 500 милиони евра – вели Николоски.

Тој потенцира дека Владата се соочува со проблем каде градежните фирми не можат да ја следат бројноста и динамиката на проектите што ги нуди Владата.

-И сега се соочуваме со ситуација дека тие проекти не можат да се реализраат бидејќи изведувачите што ги добиле тие проекти не работат согласно темпото во договорот. Ние за прв пат имаме ситуација да имаме пари, а фирмиве да не ја следат амбицијата на Владата. И прифаќам објективен одговор од компаниите дека децении наназад градежниот сектор бил запоставен и дека не можат да растат повеќе од 15 до 20 проценти годишно. Тоа што не го прифаќам е како се нафаќаат за работа која што не можат да ја испорачаат – вели вицепремиерот Николоски.

Тој истакна дека континуирано се води дијалог меѓу Стопанските комори и Владата со цел да се постигне баланс и да се надмине оваа состојба.