Фото: Маја Јаневска-Илиева

Постојат индикатори на пазарот на градежништвото дека тоа доживува експанзија не само во земјава туку и во соседството, на просторите на Балканот. Во тој контекст, македонските градежници имаат планови за реструктурирање, а некои веќе се преструктурираат, подготвувајќи се повторно да исчекорат надвор од границите на државава, во обид да ги освојат пазарите во соседството. Ќе успеат ли тие да ги прошират своите градежни активности? Ќе успее ли државата да го даде потребниот импулс за нив и со соодветни правни и енономско-политички мерки да ги ослободи од досегашните стеги и да им даде поттик за да можат да се вратат во градежна кондиција, што ќе има повеќеслојни бенефиции?

Успеваат ли македонските градежни компании полека да се враќаат на странските пазари? По големото намалување на градежните ангажмани надвор од Македонија, последниве години има некакво раздвижување и најава за нов раст на „договорени и извршени градежни активности“.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека во текот на изминатата година била договорена градежна офанзива надвор од земјава, која е и над 50 проценти повисока од претходно договорените градежни активности, иако растот на извршените градежни зафати во странство бележи само речиси седум проценти раст.
– Во периодот јануари–декември 2024 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 357.595 илјади денари, што е за 55,4 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Во наведениот период, градежната оператива од Македонија во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 192.519 илјади денари, што е за 6,8 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година – се наведува во последното соопштение на ДЗС за градежните активности во странство.
Дополнително, податоците покажуваат промени во земјите каде што нашите компании ќе работат во странство. Иако и понатаму најголем дел од договорената градежна активност ќе биде во Германија, каде што и досега на големо работеа македонските градежни компании, минатата година била договорена голема градежна офанзива и во соседна Албанија.
Бројките откриваат дека кај нив следната година треба да се завршат градежни активности во вредност од 150 милиони денари, но и понатаму на врвот е Германија со 157 милиони денари, каде што има намалување бидејќи во 2023 година биле договорени градежни активност што надминуваат 187 милиони денари. Се забележува дека има раст на договорените градежни активности и со компаниите што работат во Бугарија, за каде што се договорени градежни активности во вредност над 11 милиони денари, како и во Црна Гора – речиси 17 милиони денари.
Овие податоци, според упатените во градежниот сектор, се позитивен сигнал. Истакнуваат дека зголемениот договорен ангажман на градежните компании од земјава во странство е позитивна промена.
– Добро е да се работи во странство. Нашите компании, особено во минатото, кога имавме големи градежни компании, редовно имаа градежни зафати во други земји, се работеше насекаде, но со распадот на Југославија голем дел од пазарите се затворија за нашите компании. Секако е добро и за компаниите да имаат и други опции, не само во Македонија, но и за стекнување искуство, кое е драгоцено во секторот. Факт е дека новините денеска пристигнуваат побрзо и полесно, благодарение на развојот на технологијата, за сѐ што е ново брзо се дознава и во нашата земја, но работата со странски компании може да донесе големи бенефиции за работниците, за стекнување искуство во областа – вели еден искусен градежник за нашиот медиум.
Сепак, неговите колеги укажуваат и на проблемите со кои би можеле да се соочат градежните компании што сакаат да работат на пазарите во странство.

– Проблематично е како компаниите ќе одговорат на барањата. Нашите капацитети се намалени и како такви за успешен настап на пазарите надвор би требало да се окрупнат, да формираат конзорциуми. Дополнително би требало да имаат поддршка од државата во обезбедување банкарските гаранции. Нашите компании најчесто работат на инфраструктурни проекти кога добиваат шанса да работат во странство. Тоа се проекти за кои е потребен поголем кадар, искусен кадар, кој го има само една компанија во земјава, но би можел да се обезбеди преку формирање конзорциум – вели градежниот експерт Никола Велковски.
Велковски истакнува оти на растот на договорени градежни работи во странство може да се гледа само позитивно и додава дека тоа ќе влијае позитивно врз работниците. Посочува дека многу е важно државата да посвети поголемо внимание на секторот и да направи напори да се променат навиките кај младите, да не се поттикнуваат да студираат науки што не се бараат на пазарот на трудот, туку да се укаже дека и како градежен занаетчија може да заработуваат солидно.
– Потребно е државата да направи напори да се стимулираат младите да завршат стручни школи, за да има работници за секој сектор. Освен информатичките или техничките науки или, пак, доктори, другите високи школи многу помалку се бараат. Мораме да ги насочиме младите во школи каде што недостига кадар, а не да се форсира високо образование – укажува Велковски.
Посочува дека и професиите како гипсари, плочкари, електричари или, пак, водоинсталатери носат големи плати. Според него, работниците во овие сектори имаат околу 1.500 евра плата, во зависност од дејноста, искуството, брзината со која работат…
– Овие професии речиси и да ги нема, ако најдете од тој кадар скапо ќе ги платите. Голем дел од нив штом стекнат искуство, преку Хрватска бегаат за европските земји. Затоа, велам, мора да се смени државната стратегија за образование, да им се покаже на младите и родителите дека се исплати и со вакви дејности и дека се заработува убаво. Не треба да се форсираат младите на високо образование, не по секоја цена да се заврши факултет или, пак, да се бара работа во државни институции, оти важи за сигурна, како што практикуваат многу наши сограѓани – вели Велковски. Е.Р.