Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.

Целта на посетата, како што се наведува во соопштението од Министерството, била размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка.

Во состав на делегацијата биле и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа.

Во рамки на работната посета била остварена билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.

-Делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура – велат од Министерството.

Посебен акцент бил ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.

На средбата, како што се наведува во соопштението, била изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.

Работната посета во Прага, како што стои во соопштението, претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.