Нашата земја се најде во самиот врв на земји што според европско истражување можат да понудат најголем поврат на инвестирани средства во недвижности со нивно изнајмување. Како што е истакнато во анализата, ова се трите земји со највисоки приноси од закупнина и најповолни даноци на недвижности, со што би можеле да понудат најдобри финансиски поврати од инвестициите во недвижности
Анализа во Британија: Каде во Европа има (нај)добри можности за инвестирање во недвижности?
Неодамнешен извештај ги проучуваше сите елементи за да открие каде е најдобрата локација за инвестирање во недвижности во Европа. Најдобрите европски земји за инвестиции во недвижности во 2025 година се во Централна и Источна Европа, а Молдавија е на чело – се посочува во анализата.
Како што истакнуваат таму, меѓу трите најдобри земји за инвестиции се најде и „балканска земја, која го доби највисокиот резултат во новата студија што ги скенира најдобрите инвестиции во недвижности во Европа, според британската осигурителна компанија ’Вилијам Расел’“.
– Аналитичарите детално ги разгледаа клучните елементи на инвестициите во недвижности, вклучувајќи ги стапките на данок на имот, данокот на доход од закупнина и бруто-приносот од закупнина.
Во претходна студија на британската компанија за преселба „Фрст мув интернешнал“, Литванија се чинеше како најдобар избор. На тековната листа, северноевропската земја го освои второто место, веднаш по неа следува Северна Македонија – се истакнува во анализата.
Молдавија во студијата беше наречена „пазар во развој со висок принос за рани инвеститори во недвижности што се толерантни на ризик“, која покажа дека трошоците за купување имот се максимум 2,80 отсто од цената, а данокот на доход е 12 проценти од киријата, што обезбедува висок принос од кирија.
Кандидати за членки на Унијата во врвот
Земјата доби висок ранг поради нејзиниот главен град, Кишинев, кој во последниве години бележи постојан развој во инфраструктурата, угостителството и деловниот сектор.
– Ова, заедно со растечкиот туризам, поттикнат од винската индустрија и културното наследство на земјата, нуди можности за краткорочен изнајмување. Сепак, земјата не е дел од ЕУ, туку моментално е кандидат за членство во блокот.
Литванија е рангирана како земја со втори најдобри можности за инвестирање во недвижности. Цените на недвижностите скокнаа речиси за 10 проценти во последните три месеци од 2024 година на годишно ниво, според „Евростат“, и трендот веројатно ќе продолжи – објаснуваат аналитичарите.
Сепак, тие додаваат дека и покрај тоа што цените на недвижностите нагло се зголемија во последните години во Литванија, локацијата е привлечна за странците, бидејќи тие не се ограничени од купување имот во Литванија. Цените на киријата исто така привлекуваат инвестиции во земјата бидејќи се високи, повеќе од 170 отсто од она што беа во 2015 година.
– Со бруто-принос од кирија од приближно 6,39 проценти годишно и максимални 4,10 отсто трошоци за купување, умерената стапка на раст на Литванија значи дека цените на недвижностите веројатно ќе растат постојано со текот на времето, обезбедувајќи добар поврат на инвестицијата – се посочува во извештајот.
Македонија, која е уште една земја кандидат за ЕУ, беше рангирана како трета најдобра опција. Главниот град Скопјe доживува урбан раст благодарение на новите градби и надградбите на инфраструктурата и на зголемената побарувачка за станбени и комерцијални простори.
– Земјата нуди ниски даноци, заедно со поедноставен процес за стекнување имот, а постојат и владини стимулации за странски инвестиции. Северна Македонија, исто така, се гордее со бруто-принос од кирија од приближно 6,47 отсто годишно, што укажува на силен поврат во однос на вредноста на имотот – се посочува во извештајот.
Каде на друго место во Европа има добри можности за инвестирање во недвижности?
Според оваа студија, Србија, Ирска и Латвија исто така ветуваат „многу добри“ оценки за принос, при што годишниот бруто-принос од изнајмување е поголем од 7 проценти.
Во Ирска високите приноси се главно загарантирани со високи цени за изнајмување, но зголемените даноци би можеле да го намалат годишниот нето-приход. Земјата се соочува со криза во домувањето, бидејќи не се градат доволно домови за растечкото население, затоа што цените продолжуваат да растат.
Земји со највисок бруто-принос од изнајмување, заедно со релативно низок просечен данок на приход од изнајмување, се Андора, Црна Гора и Бугарија.
И покрај тоа што има малку повисока даночна стапка од 21процент, Италија има трета највисока стапка на принос од изнајмување поради високите приноси од 7,56 отсто, што може да биде привлечно во зависност од специфичните инвестициски цели.
– Додека бруто-приносот од изнајмување и просечната стапка на данок на приход од изнајмување се важни фактори во анализата на инвестициите во недвижности, клучно е да се земат предвид и други фактори, како што се стапките на празни места, трошоците за управување со имот и условите на локалниот пазар – се наведува во студијата.
Сепак, аналитичарите истакнуваат дека оваа анализа не е финансиски совет и препорачуваат читателите да си направат сопствено истражување, посочувајќи дека како новинарска веб-страница тежнеат да ги обезбедат најдобрите водичи, совети и совети од експерти. Е.Р.
Најдобрите земји за инвестирање во 2024 година
За споредба, истата агенција ја направи листата на топ 10 европски земји најдобри за инвестиции според приносите за изнајмување и минатата година, кога нашата земја се најде меѓу првите десет земји.
Во врвот лани беа Латвија, Ирска и Италија, со многу робусни просечни приноси од изнајмување, што сигнализира одлични можности за инвеститорите. Латвија лани се очекувало да донесе принос од изнајмување од 8,06 проценти и се издвојува меѓу земјите со највисок принос.
Минатата година на листата по првите три земји се најдоа Романија, Литванија, Турција, Обединето Кралство, Шпанија, Македонија и на десетто место Црна Гора. Е.Р.