Ова е исклучително амбициозен и возбудлив формат на настан што ги пренесува решителноста и поттикот што го имаат претприемачите, наедно и прв настан од ваков карактер кај нас, каде што секој може да ја презентира својата идеја и да дојде до инвестиција во почетна фаза

Интервју со Александар Стамболиев, извршен директор и коосновач на Акцелераторот УКИМ

Кај нас за првпат се организира рушење на Гинисовиот рекорд за најдолга презентација во светот на стартап-бизнис идеите пред аудиториум на инвеститори, бизнис-ангели и други. Организаторите на настанот велат дека рушењето рекорди не е само за титулата туку за поврзување со луѓето преку возбудата на достигнувањата, додавајќи дека биле сведоци на прекрасни приказни, храбри потези и натчовечки напори од оние што останаа будни цело време.
Настанот имаше цел да собере голем број бизнис-идеи од кои ќе се изберат најдобрите, со цел намалување на ризикот на инвеститорите. Но истовремено овозможувајќи им на оние најдобрите поддршка во многу рана фаза, односно само идеја. Најдобрите пет идеи добија инвестиција од 25.000 евра, а уште пет други идеи продолжуваат во фаза на разгледување. Судии на настанот од Акцелераторот УКИМ беа Нина Атанасовска, финансиска директорка на Акцелераторот, Дарко Арсов, раководител на проекти, „Кримсон капитал“ / развојната фондација „Кримсон“ и Александар Стамболиев, извршен директор и коосновач на Акцелераторот УКИМ. За таа цел разговаравме со Александар Стамболиев, кој изминативе години спроведува специјално дизајнирани програми за да одговори на потребите и можностите на иноваторите, тимовите и стартапите во реализација на нивниот потенцијал за раст.

Која е вашата мотивација за вклучување во настанот во постигнувањето Гинисов рекорд за најдолг бизнис-маратон?
– Македонскиот екосистем за стартапи и иновации се соочува со слични предизвици како и сличните екосистеми во развој, имаме огромен иновациски потенцијал, со светли научни умови, но многу идеи остануваат само во фазата на идеја. Техничкиот потенцијал за развој на технологии и начин на размислување за создавање иновативни производи е на напредно ниво, но она што недостига се вештините за креирање на соодветниот бизнис-модел и глобален раст на производот. Од овие причини ја прифативме поканата на „Нетворкер“, која претставува одлична можност да се здружат силите со комплементарните инвеститори од екосистемот за стартапи и иновации, со цел да се мобилизираат 150.000 евра и да се инвестираат 25.000 евра за секоја од петте најнапредни стартап-идеи и дополнително да се поддржи нивниот раст со континуирана менторска поддршка, пристап до пазар и пристап до следните инвестиции.
Дали постигнувањето на Гинисовиот рекорд е дополнителна мотивацијата за инвестирање само во идеи и давање неопходна поддршка?
– Постигнувањето на Гинисовиот рекорд за најдолг бизнис-маратон претставува извонредна можност да запознаеме високомотивирани тимови, кои претставија иновативни и алтернативни решенија за различни бизнис и општествени проблеми. Со еднаква страст ни ги претставија своите решенија и младите и повозрасните мажи и жени, со различно професионално и животно искуство. Низ континуирани триесетина часа, над 200 учесници ги претставија своите 60 идеи пред 10 судии и пет инвеститори, зближувајќи ја стартап-заедницата, и покажаа дека кај нас во голема мера се зборува за бизнис. Ова е исклучително амбициозен и возбудлив формат на настан, кој ги пренесува решителноста и поттикот што го имаат претприемачите, наедно и прв настан од ваков карактер кај нас, каде што секој може да ја презентира својата идеја и да дојде до инвестиција во почетна фаза.
Ова нѐ охрабри и во иднина да посветуваме особено внимание на иноваторите чија идеја е во рана фаза на развој, сѐ со цел да им ја дадеме неопходната поддршка. Во таа насока сакам да напоменам дека улогата на акцелераторите во екосистемот за развој на стартапи и иновации е клучна бидејќи ги поврзуваме талентите со финансирањето, пазарните можности со идеите засновани на технологија и ги поддржуваме иноваторите да се прошират на глобално ниво. Континуираното подобрување на деловните вештини на талентите за иновации е единствениот начин да се трансформираат нивните идеи во профитабилен бизнис. На иноваторите и на младите стартапи им треба безбедно место за обиди и грешки, каде што ќе бидат истиснати од нивната комфорна зона за да учат од своите врсници и ментори и да ја потврдат реалната потреба од нивниот производ или услуга. Тоа е основната улога на Акцелераторот УКИМ што ја има во екосистемот за стартапи, да обезбедува пристап до знаење и финансии за развој на вашиот иновативен производ или услуга.
Какви се плановите за понатамошни активности, со цел поддршка на стартапите?
– Акцелераторот УКИМ ги поддржува амбициозните и посветени претприемачи и иноватори во нивниот раст и унапредување на нивниот бизнис, со паметни инвестиции и менторство и поддршка на стартапите во комерцијализирањето на нивното решение преку пристап до знаењето и мрежата за најперспективните претприемачи, кои напредуваат со висок раст на глобалниот пазар. Потребни се континуирани активности за промовирање на претприемништвото како кариерен избор, како и вработувањето во стартап како можност за значително напредување, засновано токму на целокупниот ентузијазам од овој нов сегмент. Потребно е континуирано споделување на успешните приказни и прикажување на претприемачите како модели за пример за да се влијае на промена на свеста.
Изминатиот период проценивме над 300 тима и стартапи, со што обезбедивме различна поддршка врз основа на нивните потреби, што им овозможи на нашите стартапи да мобилизираат над два милиони евра од наши и други извори.
И на крајот да напоменам дека Акцелераторот УКИМ располага со фонд за финансирање во висина од 533.000 евра, наменет за иноваторите и претприемачите што сакаат да го освојат глобалниот пазар. Нашата цел е дека во секое време сме отворени да ги слушнеме бизнис-идеите и да поразговараме за инвестиција во дигитално решение.


Поддршка за раст на брзорастечки компании во Македонија

Од своето основање во 2018 година, Акцелераторот УКИМ континуирано развива специфични програми за поддршка на растот на најперспективните технолошки претприемачи, стартапи, спин-оф и брзорастечки компании во нашата земја во соработка со нашата глобална партнерска мрежа.
Поддршката на Акцелераторот УКИМ вклучува инвестиции во рана фаза и приспособено менторство за развој на производи и технологии, пристап до регионални и меѓународни пазари и клиенти и понатамошно финансирање. Акцелераторот се состои од тим искусни ентузијасти за стартапи, специјализирани за развој на производи, технологија и деловно работење. Кофинансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Акцелераторот УКИМ е единствен токму поради своите основачи, кои вклучуваат организации за поддршка на бизнисот: РСМ Македонија, развојната фондација „Кримсон“ и проф. д-р Димитар Стамболиев, како и најголемиот и престижен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Ова партнерство му овозможува на Акцелераторот УКИМ да им обезбедува експертиза на компаниите за да им помогне да ги развиваат својот бизнис и технологија и ефикасно да се натпреваруваат на глобалниот пазар.