Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за економија денеска соопшти дека Европската комисија, во најновиот извештај за имплементацијата на Планот за раст, потврдила дека Македонија упешно ја спровела реформската мерка 4.1.1 – „Справување со неформалната економија во поддршка на Стратегијата за формализација на неформалната економија“.

Целта на мерката е унапредување на формалната економија преку интензивирање на инспекцискиот надзор и примена на пристап заснован на проценка на ризик, со фокус на секторите најподложни на неформални активности, градежништво, туризам и земјоделство.

– Според оценката на Европската комисија, земјата далеку ги надминала поставените цели за зголемување на бројот на инспекции и резултатите од надзорот во рамките на оваа реформа со вкупна вредност од приближно 2,5 милиони евра, насочени кон јакнење на институциите, дигитализација на инспекциските служби и зајакнување на формалната економија. Државниот инспекторат за труд (ДИТ) спроведе 16.464 инспекции во периодот јули 2024 – јуни 2025, што претставува 242% зголемување во однос на целта за 20% зголемување во однос на просекот од 2020–2023 година – велат од Министерството за економија.

Оттаму посочуваат дека се откриени 543 нерегистрирани работници, што е зголемување од над 200 проценти во однос на претходните години. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) реализирал 669 инспекции, што е 40 проценти повеќе од целната вредност, при што издадени се 222 управни решенија, а 18 нерегистрирани економски оператори се затворени поради непочитување на законите.