Каде ќе патуваат македонските граѓани зa претстојните празници
- Од туристичките агенции потврдуваат дека има голем интерес, како за зимување во некои од ски-центрите така и за пречек на Нова година. Сепак, додаваат дека дестинациите за пречек на идната година се малку поразлични од претходните години, додека меѓу омилените дестинации за зимување остануваат Банско, Боровец и Пампорово во Бугарија
Познатите зимски дестинации во соседството и годинава се првиот избор за македонските граѓани кога станува збор за зимување и зимски спортови. Како и во летните месеци, нашите сограѓани им остануваат верни на навиките. Ако за летен одмор омилена дестинација е соседна Грција, во зимските месеци најголем дел од граѓаните ќе заминат на зимување во соседна Бугарија, барем според досегашните резервации.
Од туристичките агенции потврдуваат дека има голем интерес, како за зимување во некои од ски-центрите така и за пречек на Нова година. Сепак, додаваат дека дестинациите за пречек на идната година се малку поразлични од претходните години, додека меѓу омилените дестинации за зимување остануваат Банско, Боровец и Пампорово во Бугарија.
Пониските цени во Бугарија примамливи за Македонците
Бугарските зимски центри привлекуваат повеќе посетители од Македонија поради пониските цени за престој, но и поради другите потреби во текот на ски-сезоната, велат упатените.
– Покрај Боровец и Банско, во последниве години особено актуелно место за зимување во Бугарија е Пампорово, кое влегува во групата на најбарани. Секако, голем интерес и резервации имаме и за сместувачките капацитети во соседна Србија, Копаоник и Златибор, при што Копаоник е побаран – посочуваат од туристичката агенција.
Претставниците на туристичкиот сектор укажуваат дека граѓаните имаат и поневообичаено барања, како барања за посета на подалечните зимски центри, но многу поретко отколку за овие во соседството. Се бара сместување во Австрија и во Франција, нешто помалку и во Италија, но пред сѐ се бара на Алпите.
Цените се разликуваат од еден до друг зимски центар, а секако зависат и од самиот аранжман, од категоријата на хотелот, понудата и временскиот период на уплата.
Поегзотични дестинации за пребирливите клиенти
Од агенциите укажуваат дека годинава меѓу понудите за „попребирливите“ имаат и повеќе подалечни дестинации, па нашите сограѓани имаат можност за подалечна егзотична дестинација за време на новогодишните и божиќните празнични денови.
Во понудата влегуваат Занзибар, Лисабон, Барселона, Андалузија, Јапонија, Малдиви, Дубаи, Сејшели… Претставниците на агенциите потенцираат дека има голем интерес, дел од понудите веќе се пополнети, дел се со сигурна реализација бидејќи има над 80 отсто резервации, но и дека има дестинации за кои сѐ уште има слободни места.
– Годинава имаме повеќе понуди за поегзотични дестинации. Последните години расте интересот овие празници да се искористат за подалечно патување, за посета на дестинации како Малдивите, на локации што не се блиску и лесно достапни. Дел од понудите се пополнија за кратко време, за дел сѐ уште има слободни места, но се забележува дека расте интересот за посета на поразлични дестинации – укажуваат од една наша позната туристичка агенција.
Меѓу понудите за пречек на Нова година од агенциите велат дека изборот е голем, но и дека интересот меѓу граѓаните е голем. Нагласуваат дека има голем број резервации за пречек на Нова година во некои од европските градови како што се Барселона, Париз, Рим, Мадрид… Дел од нашите сограѓани ќе ја пречекаат Нова година и во некои од хотелите во соседството, како кај јужниот сосед Грција така и во Бугарија или во Србија, а додаваат дека има голем интерес и за понудите за Турција и Црна Гора. Е.Р.
Протестите на земјоделците ги преполовија резервациите во зимските центри во Грција
Протестите на земјоделците низ Грција и отежнатиот сообраќај од почетокот на месецов предизвикаа откажување на речиси половина од резервациите за празничниот период во дел од популарните зимски туристички центри во земјата, според информациите на грчките медиуми.
– Претрпените загуби веќе се значителни и не се ограничени само на периодот околу Божиќ и Нова година туку започнаа истовремено со почетокот на земјоделските протести – информира весникот „Та неа“, според угостителите од повеќе региони во централна Грција, каде што се наоѓаат планински туристички центри.
Во одредени делови на Грција, каде што првично исполнетоста била стопроцентна, сега се намалила на 50-60 проценти, поради откажувањата, според податоците на грчката телевизија Мега.
Претседателот на грчката федерација на угостители, Јанис Хаѕис, преку соопштение на платформата Икс побара начин за ограничување на економската штета што ја трпат членовите на федерацијата, нагласувајќи дека за настанатата ситуација не се одговорни ниту клиентите, ниту членовите, ниту вработените.
Протестите на земјоделците почнаа на 30 ноември со неколку блокади, кои постепено се проширија низ цела Грција, блокирајќи автопатишта, особено во централниот и северниот дел на земјата, каде што сообраќајот беше отежнат или целосно прекинат. Грчките земјоделци ги повлекоа блокадите во вторникот, а сообраќајот ќе се одвива непречено, иако тракторите остануваат паркирани покрај една од коловозните ленти. Е.Р.
































