Со побрз карго и патнички превоз до поголем број превезени патници и стока
Реконструкцијата на постојната пруга по должината на коридорот 10, но и изградба на нова најавуваат надлежните, како и железничко поврзување со аеродромот во главниот град. Тоа не е сѐ, меѓу плановите за заживување на железничкиот превоз е и подобрување на искористеноста на железничкиот прстен околу Скопје, со кој, според надлежните, ќе се намалат метежите во градот и ќе се намали и загадувањето.
Железничкиот превоз е значаен, како за превоз на патници така и за превоз на стока, и тој важи за еден од поекономичните во Европа и во светот. Наедно со железничкиот превоз се намалува загадувањето на животната средина, што е уште една причина за негово заживување.
Според најавите, со инвестиција од околу две милијарди евра ќе се гради брза пруга Табановце-Гевгелија. Постојната пруга ќе се реконструира и ќе се направи уште една паралелна пруга. Последните информации што во јавноста ги сподели директорот на „МЖ инфраструктура“, Синиша Ивановски, се дека веќе во септември ќе има првични геолошки активности и истражувања на терен, а механизација доцна наесен.
– Најидеален дел да се гради е до постојната пруга, сигурно ќе има потреба од експропријација, но ќе се трудиме тоа да го сведеме на минимум и да нема проблеми. Од друга страна, тоа што ќе се гради до постојната пруга е веќе пат што е трасиран и проблемите на терен веќе се познати. Постојните 235 километри ќе се трудиме да ги намалиме на 200 и под 200 километри, секаде каде што ќе има можност ќе се исправат кривините – рече Ивановски. Тој најави дека ќе бидат вградени 30 проценти британски компоненти, што, потенцира, ни одговара бидејќи се на второ место по квалитет во светот.
Најавува дека за пет години ќе се завршат и реконструкцијата и изградбата на новата пруга, а и двете ќе се користат и за патнички и за товарен сообраќај.
– Пред сѐ постојната пруга ќе се реконструира целосно, ќе ја искористиме трасата да дојде до 160 км на час и ќе се направи уште една паралелна во согласност со можности по двете ќе се користи и товарен сообраќај и патнички сообраќај.
Ќе видиме во согласност со проектот што е можно помалку, но во исто време ќе имаме и конектори, Скопје сигурно ќе го поврземе, аеродромот Петровец, сигурно ќе биде во Велес и во Гевгелија, но во втора фаза ќе го пуштиме Кочани спрема Штип до Велес за да има како луѓето да доаѓаат до овие централни станици на кои ќе можат да се качуваат за меѓународен сообраќај. Бројот на станици за застанувања на патничките брзи возови ќе се утврди со проектот, но што е можно помалку, но во исто време ќе има и конектори – укажа Ивановски.
Целта е, појасни, да има брз и ефикасен транспорт поради што Министерството за транспорт во соработка со соседните држави ќе направат сè што е можно да има само едно застанување.
Во однос на изградбата на железницата на коридорот 8 кон Бугарија, Ивановски повтори дека и покрај многуте барања што ги испратил до раководството на бугарската железница да дојдат на средба за да се дефинира техничкото решение, нема позитивен одговор. Во последниот допис што му го испратиле, рече дека му посочиле во иднина комуникацијата да биде преку амбасадата и Министерствата за надворешни работи и за транспорт.
– Ми дојде непријатно, дури да се извинам што пишувам воопшто покана, ако нешто сакаат да работиме, да работиме. На крајот на денот ние и реално работиме. Првата фаза Куманово – Белјаковце со австриски „Штрабаг“ ја завршивме, на втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка со турски „Ѓулермак“ војни водам, но пак работиме, бавно но одиме напред. А нивното „домашно“ е само 500 метри од Ѓуешево до граница, кое не се случува, а и од Софија до Ѓуешево нивната пруга е во страшно лоша состојба – вели Ивановски и додава дека по надминување на проблемот со Бугарија, фокусот ќе биде на пругата кон Албанија со која користиме заеднички грант од ЕУ за техничко решение, а како што рече, има коректна комуникација.
Дополнително, се работи и на ревитализација на скопскиот градски воз, со три главни краци – Ѓорче Петров, Миладиновци и Зелениково. Иако за целосна модернизација се потребни 47 милиони евра, се планира итно оперативно решение на релацијата Зелениково – Централна станица со замена на делови од постојната инфраструктура и воведување редовни возови, поддржани од мали автобуси од ЈСП, кои ќе ги собираат патниците од населбите.
Најавата за силни инвестиции во железничкиот сектор за професорот Дејан Трајковски е малку проблематична поради фактот што за најавените инвестиции, според него, се потребни големи финансии, кои тешко дека ќе ги добиеме и од Обединетото Кралство.
– Големи се шансите дека Британците нема да ни одобрат кредит за ваквиот губитнички проект, со време на отплата од 439 години. Никој не сака да остане без своите пари, па ни Велика Британија, освен ако зад заемот не стојат други мотиви.
Најдобро би било властите да престанат со носење непромислени одлуки и непотребно правење штети („Primum non nocere“), од една страна со задолжувања за непрофитабилни проекти, а од друга страна со лишување од профитабилни проекти од енергетиката и со раздавање на националното богатство на странци и приватници, како на пример ветропаркот на „Алказар енерџи“ – укажува професорот Трајковски.
Од друга страна, директорот Ивановски појасни дека проектот претставува квантен скок во транспортната инфраструктура на земјата и е од суштинско значење за приближување до стандардите на ЕУ.
– Ако само ги санираме старите пруги, а другите земји градат брзи железници, никогаш нема да ги стигнеме. Новата пруга ќе се гради според меѓународно признаените ФИДИК-стандарди. Целосното проектирање и изведба ќе бидат одговорност на изведувачот. Така, ризиците се префрлаат од државата кон компанијата, што ја прави изградбата поефикасна – појасни директорот.
Во рамките на проектот, ќе се направи делумна реконструкција на трасата со цел отстранување на кривините и овозможување брзини до 160 километри на час за патничките возови.
– Дел од инвестицијата ќе биде насочена и кон обезбедување на безбедноста на пругата, со изградба на непристапна заштитна ограда по должината на трасата. Таму каде што е лошо, ќе се руши. Мостовите мора да траат 100 години. Нема компромис со квалитетот – заклучува Ивановски.
Заживувањето и подобрувањето на брзината и транспортот на стоки и патници по македонските пруги е нужно и е долгогодишна желба, со чија реализација ќе добијат и граѓаните и компаниите. Иако, за жал, последните години се намалува превозот на стока со вагони, тоа може да се промени со паметни инвестиции. Е.Р.
Санација на постојни мостови
Состојбата со мостовите во нашата земја е сериозна и неопходни се реконструкции и санации, најави неодамна директорот на Јавното претпријатие државни патишта – ЈПДП, Коце Трајановски.
Според она што го соопштија во јавноста, околу сто моста треба да се санираат, а дваесетина се ризични, покажало испитување на Градежниот факултет.
– Испитавме 1.300 моста во земјава за да видиме каква е нивната состојба. Од нив, 97 се детектирани како мостови што треба да се поправаат, а од нив 19 се поризични. За овие 19 работиме на технички решенија за санација. Очекувам дека до септември ќе бидат готови решенијата. Потоа останува да процениме кои се приоритетните за да ги ставиме во програма и побрзо да бидат реконструирани – кажа директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.
ЈПДП моментално работи на санација на два моста. Првиот е на Вардар кај Башино Село, кај Велес, за кој беше кажано дека градежните работи ќе завршат со предвидениот рок, крајот на јуни. Е.Р.