Лиценцата на ЕВН Хоум за вршење на енергетска дејност снабдување со електрична енергија истекува на 1 јули 2024 година. Улогата на „Универзален снабдувач и снабдувач во краен случај“ мора да ја преземе државната компанија ЕСМ Продажба за да престанат народните пари да се одлеваат во странските џебови. Државата треба и мора да ги стопанисува производството, дистрибуцијата и преносот, како и снабдувањето на домаќинствата со електрична енергија, велат од Левица.
Парите на граѓаните треба домаќински да се трошат, велат оттаму, а не да се прелеваат во приватни и странски компании кои се директно или индиректно поврзани со политичките елити, од двата табора, кои владеат со државата повеќе од 30 години.
-Но, властите не размислуваат така. Поранешната раководителка на Бирото за метрологија, Мерита Мустафаи од Тетово, чиј ментор е Артан Груби, е назначена за нова директорка на ЕСМ Продажба со одлука на Управниот одбор на АД ЕСМ од 23 јуни 2023 година. ЕСМ Продажба е фирма-ќерка на АД ЕСМ која продаваше вишоци и купуваше електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи за време на кризната состојба, додека после притисокот од Левица, Владата ѝ даде обврска, со уредба, да ги снабдува со електрична енергија државните институции и прехрамбената идустрија за да го амортизира ценовниот шок. Основната цел на новата директорка, кадар на ДУИ, е испумпување на голем број пари за кратко време од државата преку купо-продажба на електрична енергија. Минатата година, ЕСМ Продажба остварила приходи од 6,57 милиони евра. Најмногу од продажба на електрична енергија во јавниот сектор и произведени вишоци за снабдувачите со струја. Со тоа фирмата-ќерка на ЕСМ за време на енергетската криза се наметна како еден од најголемите трговци со струја во земјата. Токму ова е основната мотивација ДУИ да го пикира и да го добие клучното место за лесен пристап до народни пари. Поради кратковидните мотиви на Владата на ДУИ и СДС, и лукративните мотиви за лично богатење на нивните партиски раководства, ЕСМ Продажба ќе се користи за богатење на џебовите на домашните политичари додека ЕВН се наметнува за да ја продолжи голготата на обичниот човек, за корист на странски капитал реагираат од ДУИ.