Фото: „Нова Македонија“

Во врска со промените во производството на оризопроизводителите, зголемените цени во производствениот процес, менувањето на начинот на работењето, како и употребата на некои агротехнички мерки, соговорниците од Националната мрежа на земјоделци истакнаа дека трошоците енормно им се зголемени, а тие сѐ уште се раководат по производствената цена утврдена пред неколку години. Притоа тие сугерираат дека е неопходно со државните институции „да се влезе најпрвин во разговори, а потоа и во договори“ за да може овој производ да добие вистински статус на стратегиски

Оризопроизводителите пред серија колосални предизвици

На прагот сме на септември, кога почнува новата жетва на оризот. Меѓутоа, оризарите земјоделци од Кочанско се исправени пред два огромни предизвика што се закануваат да остават подолгорочни длабоки негативни последици врз нивното работење и перспективите на оваа земјоделска култура.

Прв предизвик: Ланската оризова арпа непродадена поради ниската откупна цена, амбарите полни и нема простор за складирање на новата жетва?!

Имено, првиот предизвик е непродадената минатогодишна оризова арпа, со која се полни амбарите. Според процените на соговорниците од Националната мрежа на земјоделци, во амбарите на земјоделците од Кочанско од ланската реколта има останато повеќе од 5.000 тони неоткупена арпа, па нагласуваат дури и дека ќе нема простор за складирање на годинашната жетва.
Големото количество неоткупена арпа се должи на ниската откупна цена што ја нудат откупувачите. За предизвикот да биде уште поголем, со новата жетва и зголемувањето на обемот на количествата арпа, заедно со ланските, од Националната мрежа на земјоделци стравуваат дека цената на нивниот производ уште повеќе ќе се намали, при што продажбата на оризот и оризовата арпа ќе стане целосно неисплатлива.
Во моментот килограм арпа се продава од 30 до 32 денара. Таа цена, како што нагласуваат од Националната мрежа на земјоделци, за оризопроизводителите е неодржлива, при што производството им го прави нерентабилно. Соговорниците од Националната мрежа на земјоделци одговорно тврдат дека откупувачите не го испочитувале договорот, при што тврдат дека не е откупен ниту еден килограм ориз. Земјоделците бараат средба со министерот, на која би го отвориле за нив клучното прашање: формирање нова производствена цена за оризовата арпа односно оризот.
– Имаше договор за откуп. Тогаш откупувачите се согласија, но сега велат дека не се во можност. Договорот што се постигна тогаш со министерот за земјоделство не е испочитуван и не е откупен ниту еден килограм ориз. Сега арпата остана во амбарите и луѓето буквално не знаат што да ѝ прават, а и нема каде да ја чуваат, бидејќи сега ќе стигне новата реколта – истакна Здравко Арсов од Националната мрежа на земјоделци.

Втор предизвик: Годинава следува род со лош квалитет, а цените на трошоците (хербициди и друго) се зголемени…

Според соговорниците од Националната мрежа на земјоделци, новата жетва на ориз се очекува да започне следниве денови, имено во септември. Според нивните првични прогнози, поради сушата годинава се очекува „род со лош квалитет“.
– Се очекува да бидат ожнеани околу 20.000 тони оризова арпа, од која по обработката ќе се добијат околу 10.000 тони бел ориз. Но морам да додадам дека квалитетот за 2024 година ќе биде најлош. Причина е доцната сеидба, односно земјоделците што сееја од половината на април до почетокот на мај можно е да имаат нешто подобри резултати. А жетвата се очекува да започне од 15 септември – ни изјави Здравко Арсов од Националната мрежа на земјоделци.
Во врска со промените во производството на оризопроизводителите, менување на начинот на работењето, употреба на некои агротехнички мерки, вклучувајќи и хербициди, соговорниците од Националната мрежа на земјоделци истакнаа дека трошоците енормно им се зголемени, а тие сѐ уште се раководат по производствената цена утврдена пред неколку години, при што сугерираат дека е неопходно со државните институции „да се влезе најпрвин во разговори, а потоа и во договори“ за да може овој производ да добие вистински статус на стратегиски.
– Треба да се напомене дека ние оризопроизводителите од Кочанско сѐ уште се водиме по производствена цена подготвена пред две-три години. Оттогаш досега цените навистина пораснаа на цела логистика околу производството на ориз. Ние имаме промени во производството, употреба на повеќе хербициди итн., при што трошоците многукратно ни се зголемени. Апелираме и замолуваме за прием кај министерот за земјоделство. Ни треба да оствариме дијалог во што е можно пократок рок и ќе најдеме заеднички јазик за да ги решиме проблемите – изјави Стојче Ташов од Националната мрежа на земјоделци. Е.Р.


Деновиве во неколку наврати винопроизводителите ни обрнаа внимание на недостигот од квалитетно наводнување на насадите со винова лоза. Со почетокот на гроздоберот, земјоделците и енолозите ни обрнаа внимание и ѝ се обратија на јавноста, а со тоа пратија порака и до надлежните институции, за огромниот проблем што го имаат во врска со наводнувањето. Тие истакнаа дека поради недостигот од квалитетно организиран и функционален систем за наводнување, грозјето ќе го има во помал обем, иако квалитетот е добар. Во тој контекст, наместо да се има и квалитетна берба и волуменски поголема, повторно, поради недостигот од добри системи за наводнување, се прават загуби, кои ќе се рефлектираат на повеќе нивоа, вклучувајќи и за државата. Истиот проблем го има и кај градинарските култури. Македонија е исклучително плодно тло за производство на земјоделски култури и овој предизвик треба да се реши што побрзо

Македонското земјоделство се соочува со фундаментален проблем: Потреба од системски приод за квалитетно наводнување на земјоделските култури

Создавање ефикасни системи за наводнување како приоритет!

Деновиве во Македонија пристигнаа долгоочекуваните врнежи, кои се исклучително добредојдени, не само заради гаснење на разуздените шумски пожари туку и заради подобрување на водниот режим на почвата, особено кај земјоделските површини.

Локалните врнежи помогнаа, но…

Според агрометеоролозите, локалните врнежи од дожд што деновиве ја зафатија земјава го подобрија водниот режим на почвата, но наводнувањето и натаму останува приоритет!
– Во оваа фаза на развој најголема потреба од вода имаат градинарските култури – велат тие, иако истакнуваат дека долгогодишното запоставување и руинирање на хидромелиоративните системи оставаат сѐ потешки последици врз македонското земјоделство.
Според агрометеоролозите, земјоделските производители од повеќе земјоделски гранки треба заеднички да инсистираат на тоа да се возобнови и системски рестартира организираниот приод на наводнувањето, поради тоа што од година на година сушата ќе биде посилна. Во тој контекст, агрометеоролозите сметаат дека треба да се продолжи и со спроведување планирани и организирани агротехнички мерки.
Според нашите соговорници, експерти за агрометеорологија, од агрометеоролошки аспект, појавата на врнежи од дожд го подобрува водниот физички режим на почвата и ја дополнува влагата потребна во овој период од годината за сите земјоделските култури, но токму во овој момент, во оваа фаза на развој, потребата од вода им е најнеопходна на градинарските култури. Но, како што истакнуваат тие, ниедна земјоделска култура не треба да биде потценета, ниту да ѝ биде ускратено квалитетно количество на наводнување.
– За таков вид квалитетно наводнување во иднина воопшто не треба да се потпираме само на атмосферските дождовни талози, бидејќи тие ќе бидат сѐ помали и поретки. Треба да се погрижиме тоа да го обезбедиме со квалитетни инвестиции за системски да го решиме овој предизвик на неопходно и приоритетно решавање на наводнувањето. Ова нека биде порака и до граѓаните и до надлежните институции. Обезбедувањето храна од домашно производство ќе биде и најквалитетно и најевтино за нашите домашни консументи – велат нашите соговорници.

Зошто е потребен системски приод во наводнувањето?

Агрометеоролозите ни издвојуваат дека кај повеќето градинарски култури, по кои е позната нашата држава, плодот има висока содржина на вода, над 90 отсто, и најчесто квалитетот е поврзан токму со содржината на вода.
– Овие култури имаат поплиток коренов систем и послаба моќ на вшмукување, поради што почесто бараат вода. На пример, краставиците образуваат голема лисна маса, а квалитетните плодови содржат висок процент вода. Доколку има недостиг од вода, приносот и квалитетот многу се намалуваат, а плодовите се со горчлив вкус. И кај другите култури обезбеденоста со вода е неопходна за нормален раст и развој – истакнуваат експертите.
Затоа, приоритет на земјоделските производители треба да биде снабдување на земјоделските култури со потребното количество вода, но треба да се продолжи и со примената на сите потребни агротехнички мерки, порачуваат агрометеоролозите од УХМР. Е.Р.