Во 2024 година, 65,5 проценти од вкупната потребна енергија во земјава е обезбедена од увоз, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вкупната потребна енергија во 2024 година изнесувала 2.541.849 тони нафтени еквиваленти. Во структурата на оваа потрошувачка, најголемо учество имаат нафтените продукти со 44,7 проценти и цврстите горива со 24,9 проценти.
Во 2024 година, бруто-примарното производство изнесувало 842.142 тони нафтени еквиваленти, што претставува намалување од 10,6 проценти во споредба со 2023 година. Најголемо намалување е забележано кај лигнитот, со пад од 20,9 проценти и хидроенергијата од 15,8 проценти, додека најзначително зголемување од 140 проценти е евидентирано кај соларната електрична енергија.
Финалната енергетска потрошувачка во 2024 година изнесувала 1.859.697 тони нафтени еквиваленти, по сектори: сообраќај – 47,6 проценти, домаќинства – 26,1 проценти, индустрија – 16,9 проценти, останати сектори – 8,4 проценти.
Учеството на обновливата електрична енергија во бруто-производството на електрична енергија изнесува 39,4 проценти, а во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија изнесува 35,4 проценти. Потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата изнесува 1.727 киловат часови по жител на годишно ниво.

































