Европската централна банка (ЕЦБ) може повторно да ги зголеми каматните стапки или да направи пауза до следниот состанок, со која било одлука во зависност од најновите податоци, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
ЕЦБ додека се бори со висока инфлација на 28 јули деветипат ги зголеми трошоците за заеми.
Лагард во интервју за францускиот весник Фигаро нагласи дека сè уште не е донесена одлука што ќе преземе ЕЦБ на следниот состанок, што треба да се одржи на 14 септември.
– Слушам дека некои луѓе велат дека последното зголемување на стапките ќе се случи во септември. Може да има дополнителни зголемувања на основната стапка или можеби пауза. Паузата, кога и да се случи, во септември или подоцна, не мора да биде конечна. Инфлацијата мора да се врати на својата целна вредност на одржлива основа. Одлуките ќе се засноваат на најновите економски и финансиски податоци, посочи Лагард.
ЕЦБ на состанокот во септември треба да и објави своите најнови прогнози, вклучително и за растот и инфлацијата во еврозоната. Инфлацијата забавува, но сепак во јуни достигна 5,5 проценти, што е значително над целта на ЕЦБ од два отсто.
Сепак, расте загриженоста за влијанието од зголемувањето на каматните стапки откако еврозоната падна во рецесија на почетокот на годината и економијата бележеше пад два последователни квартали.
Според Лагард податоците за економскиот раст во вториот квартал на Германија, Франција и Шпанија, објавени на 28 јули, се „прилично охрабрувачки“.