Претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, во Собранието на Република Македонија, Бојан Стојаноски и пратениците Даниела Велимова и Беким Сали денеска во македонското Собрание имаа средба со претставници на синдикатите, за законските измени за намалување на условот на репрезентативноста на синдикатите од 10 на 5%, а со цел да учествуваат во Економско-социјалниот совет. Пратеникот, Стојаноски вели дека целта на денешната состанок е да имаат една отворена средба, каде што се поканите сите синдикати, односно сите оние конфедерации или здружувања на синдикати и по скратена постапка да ги поднесат законските измени во Законот за работни односи. Посочи дека измените се направени со конзенсус. Тој смета дека намалувањето на условот за репрезентативност од 10 на 5% ќе ја демократизира токму репрезентативноста на синдикатите во Економско-социјалниот совет, а на тој начин повеќе работници ќе бидат претставени во овој совет.
-Вреди да кажам дека ние оваа средба ја објавивме јавно, со отворен повик до сите синдикални организации. Жалам што одреден дел од синдикалните организации не одлучија да дојдат тука. Но, сакам да ја упатам порака дека и во иднина ние во ваква форма ќе ги носиме законските решенија што ќе ги тангираат синдикалните организации, бидејќи се додека имаме аргументиран дијалог не е страшно и да не се согласиме. Но се додека разговараме сметам дека можеме да ги решавиме проблемите и да се движиме во таа насока – велиу Стојаноски.
Забележа дека со повеќе синдикати во Економско-социјаланиот совет може да се направи поголем притисок и врз работодавачите и врз Владата за исполнување на повеќе синдикални и работнички барања.
Прашан зошто не присуствуваат претставници на ССМ, Стојаноски одговори дека лично го поканил претседателот на ССМ, кој одговорил дека во самиот синдикат ќе заземат заеднички став, а поканата останува отворена и за средба со претставниците на ССМ.
Марјан Ристески претседател на Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ) вели дека законските измени за намалување на прагот на репрезентативноста на синдикати нудат поквалитетни решенија, како и поквалитетен социјален дијалог, а нашата држава е на добар пат да ги оствари правата за синдикални движења. Тој смета дека сега сите синдикати со членувањето во Економско-социјалниот совет ќе ја преземат и одговорноста и активно ќе одлучуваат во него.
-Досега знаеме дека имаше 10 посто репрезентативност. Тоа беше голема бројка на членови да се собере, еве тврдам дека ниту еден од синдикатите немавме и имавме застој во Економско-социјалниот совет. Мислам дека сега пратениците предлагаат едно добро решение, каде што репрезентативноста се намалува на 5%, на тој начин повеќе синдикати ќе бидат вклучени во Економско-социјалниот совет – изјави Ристески.
Посочи дека на денешната средба немало претставници од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и им упати јавна порака да дојдат и тие, ако работат во интерес на работниците, како и да се надминат недоразбирањата меѓу синдикалните здруженија.
Претседателот на Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ), Слободан Антовски ги поздравува законските измени и постигнување на конзенсусот за намалување на условите за репрезентативност на синдикатите, за да влезат во Економско-социјалниот совет.
-Среќен сум што се донесе еден ваков акт, за да може и помалите синдикати, под наводници, бидејќи ние цело време, скоро 30 години говориме и не успеавме да дојдеме до тој цензус, бидејќи имавме отпор не од властите, туку повеќе од Сојузот на синдикатите на Македонија и драго ми е што овој Закон се носи и што оваа власт имаше свест да го донесе овој Закон – изјави Арсовски.
Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Рапалковски пак посочи дека овие законски измени се согласно и препораките од Меѓународната организација на трудот, а во кои се побарало да се демократизира синдикалното организирање.
-Во оние работни групи во коишто се изработуваше Нацрт плановите и Нацрт законите во делот на работните односи, изминатите години секогаш имало консензус да се намали прагот на репрезентативност, по барање на помалите синдикати – изјави Рапалковски.