Пазарната вредност на биткоинот надмина трилион долари, Ел Салвадор ја објави намерата за изградба на првиот светски „биткоин-град“ инспириран од походите на Александар Македонски, откако стана првата држава која го усвои биткоинот како законско средство за плаќање, а Илон Маск ја „билдаше“ криптовалутата доужкоин. Истовремено „ископувањето“ на криптовалути како нов начин на кој македонските граѓани се обидуваат да дојдат до заработка, дури и со незаконски практики, се актуелизира по пријавата до МВР дека во Градскиот трговски центар (ГТЦ), наводно, се крадела електрична енергија наменета за оваа цел. Сите овие случувања беа дел од изминатата возбудлива година за криптовалутите.
Згора, цената на биткоин се зголеми за речиси 70 отсто со што вредноста на криптопазарот надмина три трилиони долари. Етериум, се покажа добро како и алткоините, а употребата на незаменливите токени (НФТ) се зголеми меѓу компаниите и особено меѓу уметниците. Метаверс исто така стекна популарност по ребрендирањето на Фејсбук во Мета. По сите овие случувања, инвеститорите сега се насочени кон можностите за криптопазарот во претстојната година, која исто така се очекува да биде возбудлива. Се смета дека ќе продолжат силните пазарни трендови кои почнаа во 2021 година, според што криптоиндустријата би требала да забележи зголемување на бројот на учесници на пазарот.
Регулаторните тела низ светот ја поминаа 2021 година проценувајќи го влијанието на криптовалутите врз економијата, а централните банки предупредуваа за ризиците за финансиската стабилност предизвикани од криптовалутите, со што ваквиот тренд се очекува да продолжи и во 2022 година. Институционалните инвестиции веројатно ќе забележат раст, откако криптоиндустријата во 2021 година привлече големи инвестиции од познати компании и финансиски организации. Инвестиорите вложија околу 30 милијарди долари во оваа индустрија, а предвидено е зголемување на конкуренцијата. Технолошките гиганти како „Микрософт“ и „Фејсбук“ имаат големи планови за метаверзумот, а големите брендови како производителите на спортска опрема „Најк“ и „Адидас“ навлегуваат на криптопазарот. Банките исто така ја препознаваат моќта на криптовалутите и се обидуваат да го поддржат пазарот на дигиталните монети.
Американските експерти имаат различни размислувања за биткоинот (се предвидуваше дека ќе ја заврши 2021 година со нешто помала вредност од 50 илјади долари) со шпекулации за вредноста на најпопуларната светска криптовалута кои се движат од 10 илјади до надминување на границата од 100 илјади долари. Професорката по финансии на Универизтетот „Сасекс“, Карол Александер, за американската телевизија „Си-ен-би-си“ истакна дека верува оти биткоинот нема суштинска вредност, туку во поголема мера е „играчка“ отколку инвестиција. Прогнозите се оптимистички за пазарот на незаменливи токени (НФТ), чиј раст се очекува да продолжи. НФТ-делата им помогнаа на уметниците да добијат пристап до нови можности за финансирање на нивната работа, со што добиваат поголема слобода. Незаменливите токени делуваат прилично сигурно, овозможувајќи купување и продажба на сопственички права на уникатни дела од дигиталниот свет, при што со нивното купување се добива и уникатен сертификат за сопственост. Токму затоа НФТ-делата станаа популарни во светот на уметноста.
Со брзиот развој на криптопазарот и прифаќањето на дигиталните монети извесно е дека може да се очекува возбудлива 2022 година во која криптобарата станува мала за големиот број крокодили.