Трифун Костовски

Еуростандард банка била намерно однесена во стечај и тоа бил планиран чин од сивата еминенција која владее со државата, обвини Трифун Костовски при презентацијата на резултати од истрагата за стечајот на Еуростандард банка.

– Јавното обвинителство, Антикорупциска и финансиска полиција беа уредно поканети, но не се дојдени, што е знак дека нашата земја нема намера да се занимава со ова зло. Во мојата потсвест како инвеститор во банката не ми било цел да направам измама и да ја однесам мојата банка во стечај. Сакам да изнесам факти дека Еуростандард е убиена, односно однесена во стечај со умисла. Оној момент кога почнавме да трагаме по парите, каде се завршени, тогаш се донесе одлука од сивата еминенција која го владее економскиот живот во Македонија. Претседателот на Собранието Талат Џафери беше информиран за настанот, а тој рече дека бил прескокнат деловникот за работа на НБРМ – рече Костовски.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ рече дека тоа што го има во извештајот е врв на она што се случува во банкарскиот сектор.

– Имавме недоволно информации за тоа што преземале надлежните органи и институции за оваа состојба да се спречи. Укажувавме на проблемите во банкарскиот сектор до обвинителството и до гувернерот на НБРМ, но ништо не беше преземено. Ова што ние го видовме во независниот извештај е само врв на она што се случува во банкарскиот сектор. Целта со извештајот е да предизвикаме реакции од институциите – рече Слаѓана Тасева.

Еуростандард банка е само една алка во синџир за организиран банкарски криминал со незаконско финансирање од банки кон компании, тврди меѓународниот експерт за организиран криминал Драго Кос при презентацијата на извештајот за стечајот во Еуростандард банка. Извештајот, според него, покажал дека 54 трансакции меѓу компаниите не биле покриени со договор.


Народна банка ги отфрли тврдењата за банкарскиот ситем

Народна банка преку соопштение реагираше на тврдењата на Трифун Костовски изнесени при презентацијата на резултати од истрагата за стечајот на Еуростандард банка.

– Во однос на приватно нарачаниот извештај од поранешниот акционер, а воедно и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, над којашто поради несолвентност во август 2020 година беше отворена стечајна постапка, изразуваме сериозна загриженост за леснотијата со која од различни поединци се изнесуваат неточни информации поврзани со банкарскиот систем и Народната банка. Ваквото неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и непотребно и неосновано да предизвика штета на финансиските институции во земјата, а со тоа и на економските субјекти и граѓаните – се вели меѓудругото во реакцијата од Народна банка на прес-конференцијата што денеска ја организираше бизнисменот.

Оттаму посочуваат дека „за Народната банка, оценките и мислењата, особено во делот на состојбите во банкарскиот и финансискиот систем на нашата земја и начинот на работата на Народната Банка, искажани од страна на нарачателот на овој извештај, како и лицата кои се најмени од негова страна за да го изработат и промовираат во јавноста, се нерелевантни и неточни“.

– Народната банка е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и практики, што е потврдено и со оценките на меѓународните финансиски организации и кредитни агенции. Последна во низата вакви оценки е одлуката на Европската комисија на крајот од минатата година дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е според стандардите на Европската Унија, со што Европската Комисија ја вклучи нашата земја на листата на само 26 земји во светот кои ги спроведуваат овие стандарди – се вели во соопштението.

Народна банка посочува дека од 2013 до 2020 година изрекла вкупно 30 правни акти на Еуростандард банка

– Во однос на работењето на Еуростандард банка, Народната банка вршејќи ја својата надлежност како супервизорски орган, утврди значајни слабости и пропусти во работењето. Започнувајќи од 2013 година па се до 2020 година, Народната банка во врска со констатираното, на Еуростандард Банка АД Скопје и изрече вкупно 30 правни акти, во кои беа содржани околу 120 различни мерки за подобрување на состојбата на банката. Народната банка нема да дозволи ниту една банка да продолжи да работи без исполнување на минималните законски услови, со што ја штити стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем – велат оттаму.