Цените на нафтата на светските пазари постојано се во некои мали или поголеми подеми и падови, но по конфликтот што започна на Блискиот Исток, а особено по неговото проширување во околината, инвеститорите се исклучително загрижени
Што може да се очекува ако цената на нафтата скокне над 100 долари за барел
Проширувањето на воените дејствија од страна на Израел ги подгреа „стравовите“, што резултира со раст на цените на нафтата, најмногу поради загриженоста дека ширењето на конфликтот на Блискиот Исток може да го наруши протокот на снабдување со сурова нафта од регионот. Поради ова, дел од енергетските експерти сметаат дека барелот може да достигне цени што надминуваат 100 долари во случај на ескалација на војната.
Ова го наметнува прашањето како ваквите флуктуации ќе се одразат врз македонската економија и врз состојбите во нашата околина.
Во Македонија речиси без исклучок се рефлектираат сите светски случувања
Факт е дека Македонија има отворена економија и голем дел од светските случувања, со благо задоцнување, речиси без исклучок се пренесуваат и врз домашните економски субјекти.
Растот на цените на нафтата не може да не предизвика шокови и врз нашата економија, но, сепак, домашните експерти смируваат. Според нив, засега нема големи и нагли движења кај цените на нафтените деривати, што засега е смирувачки сигнал за домашната економија. Сепак, не исклучуваат понатамошна ескалација на состојбите, поради чекорите што ги презема Израел, што, пак, може да доведе до поголеми промени.
– Засега, спротивно од очекувањата, зголемените тензии на Блискиот Исток не доведоа до зголемување на цените на нафтата. Поволниот курс во однос на американскиот долар исто така придонесе цената на нафтата кај нас да биде мошне ниска. Но преоптимистички би било да се очекува дека понатамошната ескалација на конфликтот на Блискиот Исток нема да доведе до зголемување на цените на нафтата. Имајќи предвид дека тоа ќе се одрази негативно врз сите други цени, обврска е на македонската влада да работи на деескалација и постигнување мир на Блискиот Исток – вели економистот Здравко Савески.
Цените на нафтата на светската берза се исклучително сензитивни наслучувањата наБлискиот Исток
Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која ги одредува цените на нафтените деривати во Македонија, првпат по подолг период имаме раст на цените на бензините за високи два и пол денари, како и на дизелот за два денари. Ова е само показател дека цените на нафтата се сензитивни на светските случувања, но особено на конфликти на Блискиот Исток.
На светскиот пазар растат стравувањата од можноста Израел да нишани на нафтената инфраструктура на Иран, а оваа земја е членка на ОПЕК со производство од 3,2 милиони барели дневно, што е три отсто од светското производство.
Аналитичарите истакнуваат дека таков чекор ќе го натера Иран да возврати, вклучувајќи и блокирање на Ормускиот Теснец, клучна логистичка точка низ која тече една петтина од неговата дневна нафта, или напад на саудиски нафтени постројки, како што направи во 2019 година, кога нападите со ирански беспилотни летала привремено уништија 50 отсто од производството на сурова нафта во таа земја.
Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека конфликтот на Блискиот Исток веќе делумно е втиснат во цената на нафтата, бидејќи пазарот реагира на фактот дека понудата може да биде помала како резултат на ескалацијата на војната. Од групата производители ОПЕК плус, во која се и Русија и Казахстан, доаѓа смирувачка изјава дека членовите на оваа организација извозничка на нафта би можеле да ја компензираат загубата на испораките од Иран доколку Израел ги уништи нивните капацитети, но и дека тоа би било значително потешко.
Енергетската аналитичарка Јелица Путниковиќ за медиумите во соседството посочи дека и Балканот, но и земјите во ЕУ засега не би требало да имаат проблем, но не исклучува нарушување на снабдувањето во случај на големи воени конфликти.
– Проблем може да има само во случај на избивање големи воени конфликти на Блискиот Исток. Засега не се очекуваат проблеми на пазарот, особено што од ОПЕК пристигнаа информации дека можат да го заменат иранското производство. Причината за ценовната осцилација сега е од психолошка природа, берзите се чувствителни и веднаш реагираат и тоа се случува и во многу побенигни ситуации – вели Путинковиќ.
Што се однесува до цената, додава таа, таа ќе зависи од светскиот пазар. Путинковиќ укажува дека црното злато би можело да поскапи доколку Суецкиот Канал и Црвено Море бидат блокирани, но појаснува дека многумина веќе го пренасочиле транспортот низ африканскиот континент. Е.Р.