За „Нова Македонија“ од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство истакнуваат дека во следниов период приоритет ќе им биде: да се врати надежта кај земјоделците да се занимаваат со производство, а оние што го прават тоа многу поспокојно да продолжат со нивната дејност, поради тоа што мерките за сигурна и предвидлива поддршка на земјоделскиот сектор само што почнуваат…
Најави за сериозна поддршка на државата за земјоделскиот сектор: Набавка на опрема, квалитетен сточен фонд, модернизација на водоводни мрежи…
Обезбедување домашно производство на храна и хранливи продукти преку повеќе мерки за поддршка на земјоделскиот сектор најавуваат од Министерството за земјоделство. Здржување на младите земјоделци, поддршка во набавката на нова опрема, изградба на откупни центри, поддршка за набавка на квалитетна стока, но и голем број други мерки се планираат за следниве години, чија главна цел е развој на земјоделскиот сектор.
– Зголемувањето на производството е финален индикатор за успешноста на спроведените земјоделски политики, кои во земјоделството е потребно да се применуваат во одреден временски период за да се почувствуваат позитивните резултати. За разлика од другите економски дејности каде што непосредно по инвестирањето може да започне реализацијата на производите или услугите на пазарот и повратот на инвестициите, во земјоделскиот сектор постои временска дистанца помеѓу овие две фази, што е особено евидентно кај повеќегодишните култури, кои својата плодност ја постигнуваат по четири-чест години од засадувањето. Оттука, наш првичен и најголем приоритет е да направиме сѐ што е во наша моќ да ги запреме постојните крајно негативни трендови на намалување на производството, кои се резултат на несоодветните политики во последните осум години и потоа да одиме кон зголемување на производството – укажуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од оваа институција за „Нова Македонија“ истакнуваат дека во следниов период приоритет ќе им биде да се врати надежта кај земјоделците да се занимаваат со производство, а оние што го прават тоа да продолжат со нивната дејност.
– Неопходно е кон посветените и сериозни земјоделци да се насочат најголемиот износ на средства за поддршка. Добар дел од овие средства ќе бидат ослободени од оние т.н. земјоделци што во секторот сега се од шпекулантски мотиви. За ова се планирани засилени контроли на користењето на земјиштето и државните субвенции. Директните плаќања ќе се потрудиме да пристигнуваат редовно и без доцнење. Во таа насока ги поедноставивме комплицираните процедури во Програмата за финансиска поддршка за 2025 година – нагласуваат од институцијата.
Во следниот период во најава е професионалните земјоделци да добијат сериозен износ за поддршка на кофинансирањето на нивните инвестиции за развој во еден подолг временски период врз основа на доставен бизнис-план. Во инвестициите ќе бидат вклучени изведба на реновирање на објектите за одгледување на добиток и набавка на модерна и автоматизирана опрема и механизација потребна за производството и педигрирани грла добиток. Процентот на кофинансирање ќе изнесува до 70 проценти, а износот на инвестициите ќе биде дефиниран соодветно за покривање на неопходните типови трошоци (неколкукратно поголем од сегашниот, кој е максимални 20.000 евра).
– Клучна категорија на поддршка ќе бидат младите земјоделци заради задржување во дејноста и подобрување на неповолната старосна структура, како и задругите, бидејќи концентрацијата на понудата и влегувањето на земјоделците во делот на маркетингот е единствениот начин за промена на нивната неповолна состојба во однос на откупувачите. Планот ќе биде подетално презентиран со измените на Националната стратегија, но годишно треба да се поддржат по најмалку пет говедарски, овчарски и козарски фарми, неколку живинарски фарми итн. Ова почнувајќи од 2026 година, бидејќи за истото тоа е потребно да се извршат измени во законската регулатива – објаснуваат надлежните.
Сериозна државна поддршка ќе биде обезбедена за инвестиции во задругите за самите земјоделци да ги решаваат проблемите што се најитни во секторот. За производителите на јаболка во Ресен и градинарите во Струмица во фаза на подготовка е планска документација за изградбата на современи центри за складирање на нивните производи за чување додека не постигнат соодветна цена, а самите земјоделци ќе може да ја планираат и продажбата. Овие капацитети ќе ги изгради државата, а ќе ги користат задругите.
– Во 2025 ќе направиме студија за можноста за слична интервенција и во делот на оризопроизводството. Во следниот период сакаме да ставиме акцент на реално спроведување на задолжителното договорно производство во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој со воспоставување функционален информатички систем за следење на спроведувањето на договорните обврски. Во делот на зајакнување на вертикалните односи, групи производители и откупувачи што имаат договор за производство и откуп, ќе бидат поддржани во спроведување заеднички полезни инвестиции, кои треба да ги зајакнат нивните договорни односи – укажуваат од Министерството за земјоделство.
Од институцијата најавуваат и инвестиции во системите за наводнување, при што укажуваат дека за зголемување на производството клучна е навремена достава на вода за наводнување, па оттука организацијата на системите и инвестициите во истите тие ќе се даде сериозен акцент. Дополнително, целото земјоделско земјиште треба да се додели на земјоделците што поскоро, особено на сточарите за самите да произведуваат добиточна храна за кои се предвидени наменски огласи.
– Планираме да ставиме во функција ефикасен систем за осигурување на земјоделското производство, кој ќе биде задолжителен за намалување на ризиците во работењето, а на крајот на следната година треба да биде завршено дефинирањето на сет од мерки за сите важни потсектори за намалување на влијанието на климатските промени – укажуваат од министерството.
Оттаму дополнуваат дека значаен чинител за развојот и зголемувањето на производството е функционален систем за знаење и иновации во земјоделството (СЗИЗ), кој треба да опфати воспоставување ефикасни советодавни услуги, истражувања, обуки и демонстративни стопанства, кои на земјоделците ќе им овозможат примена на модели на производство со поголема продуктивност, помали трошоци, поголем квалитет и помало влијание на животната средина. Во таа насока треба да се подготви соодветна законска основа и да се воведат мерки за поддршка на системот предвидени за оваа година.
– Условите за живот и работа во руралните средини се клучни за задржување на руралното население во земјоделските региони и во таа насока ќе продолжат инвестициите во комуналната инфраструктура и уредувањето на населените места. Ќе ги забрзаме заглавените постапки, кои треба да овозможат повеќе средства за овој тип инвестиции, кои се на располагање преку ИПАРД подолг период, но не се користат поради неакредитирање на мерката. Во следниот период исто така сакаме да обезбедиме посериозна постапка и промовирање на заштитата на географското потекло на производите заради зголемување на нивната препознатливост на пазарите и додадена вредност. Поддршка е предвидена за дизајнирање промотивен материјал и спроведување активности на промоција на македонското производство на домашниот и странските пазари – нагласуваат надлежните.
Покрај погоре наведените интервенции на политиките, кои треба да придонесат кон зголемено производство кај сите потсектори, во лозарството се планира целосно покривање на трошоците за набавка на саден материјал од домашно потекло, како и доследно почитување на одредбите од Законот за вино.
Што се однесува, пак, до извозот на преработки од земјоделски производи и нивни извоз, од МЗШВ велат дека поддршката за инвестиции во преработувачката индустрија за модернизација и приспособување кон стандардите на ЕУ е постојана мерка во ИПАРД-програмата од 2010 година наваму и голем број компании веќе ја имаат искористено истата таа за воведување нови линии на преработки на примарните земјоделски производи што придонесуваат кон поголема додадена вредност. Дополнително укажуваат дека извозот на преработки од зеленчук и овошје и прехранбени производи е во континуиран раст. Е.Р.
Со темелна модернизација до поголемо производство
Земјоделството, особено растителното производство, е дејност што се одвива на отворено и учесниците во процесот се целосно изложени на надворешните влијанија. Сепак, современите пристапи на производство и пред сѐ примената на механизација придонесуваат кон автоматизирање на работите во секторот и замена на работната рака со работа изведувана од страна на наменски возила (трактори, комбајни, итн.) и соодветна приклучна механизација.
– Модернизацијата на земјоделското производство преку инвестирање е еден од клучните приоритети и постојана мерка во националните земјоделски политики од 2007 година, откога е започнато со имплементација на мерките од политиките на рурален развој. Можностите за инвестиции во земјоделските стопанства, кои исто така вклучуваат и набавка на заштитна опрема и за растенијата од неповолните климатски услови, се зголемени по акредитирањето на ИПАРД-програмата од почетокот на 2010 година. За жал, во изминатиот период, добар дел од мерките од програмата за рурален развој не се редовно објавувани и процентот на алоцираните средства за оваа политика во вкупните средства е околу 20 отсто наместо да се движи кон 35 проценти колку што е предвидено со националната стратегија – укажуваат од министерството.
Додаваат дека нивната цел е во следниот период да инвестираат поголем износ во инвестициите во земјоделскиот сектор, кои најмалку ќе го постигнат процентот предвиден со стратегијата.
– Што се однесува до директната заштита на здравјето и безбедноста на земјоделците, истото тоа треба да биде обврска пред сѐ на самите земјоделци, кои за да ги добијат субвенциите во еден дел се обврзани и со примена на задолжителни правила за заштита при работа во изведување на агротехничките операции како дел од барањата за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина (пример користење заштитна опрема при примена на средства за заштита на растенијата) – укажуваат надлежните. Е.Р.