Според повеќе соговорници, упатени во проблематиката на сточарството, состојбата со одгледување домашни животни во Македонија се движи кон тоа да биде „алармантна“, поради фактот што се намалува сточниот фонд, но и низа други фактори поврзани со одгледувањето стока
Регистриран драстичен пад на бројот на говеда и овци: Зошто десеткувано сточарство?!
Сточарството во Македонија од година на година постојано бележи пад на бројот на говеда и овци. Наспроти некогашните ливади полни со разни типови добиток, какви што ги паметат голем број македонски граѓани, особено повозрасните, денес на нашите ливади речиси не можат да се видат говеда или овци.
Единствена гранка што успева да се одржи, дури е и во пораст, е свињарството, каде што од година на година имаме раст, што е резултат и на можноста свињите да се размножуваат во свињарски фарми, за разлика од говедата и овците, за кои се неопходни ливади и пасишта.
Само за пет години ние сме изгубиле 70 илјади говеда од нашите ниви. Имено, во 2019 година во земјава биле пребројани 217.790 говеда, додека во текот на минатата година само 148.693 говеда.
Бројот на говеда во Македонија постојано бележи подеми и падови, за споредба, во далечната 2009 година во Македонија биле избројани 252.521 говедо, по што во 2013 година се слизнале на 238.333, па се зголемиле на 256.181 говедо. Бројките покажуваат дека постојано има осцилации на говедата во земјава, но последните години се навистина загрижувачки бидејќи немаме раст, туку константно намалување, поради што се создава загриженост дека говедата полека но сигурно исчезнуваат од нашата земја.
Забележани позитивни тенденции кај одгледувањето свињи и живина
Податоците покажуваат дека позитивни тенденции се забележуваат само кај одгледувањето свињи, каде што има постојан раст. Па така, минатата година во Македонија имало 193.412 свињи, додека пак во 2019 година сме имале 135.770 свињи во земјава. Бројките говорат дека и кај нив има подеми и падови, на пример пред десетина години или во 2013 година нивниот број изнесувал 167.492, додека, пак, во 2009 година имало 193.840. Тоа покажува дека иако и овој сектор бележел пад, последните години бројот на примероци на свињи во нашата земја повторно се зголемил.
Од друга страна, кај овците се забележува надолен тренд. Ако во 2009 година имало 755.356 овци на наша територија, во 2013 година тие се намалиле на 731.828, за минатата година да бидат пребројани помалку од шестотини, или поточно 587.073 овци.
Кај козите иако бил забележан тренд на намалување на бројот на примероците, најновите податоци откриваат повторно раст на овие животни во нашата земја, но сѐ уште не ги достигнале нивоата од 2009 година, кога имало 94.016 кози. Во 2013 година нивниот број паднал на 75 илјади примероци, додека минатата година се зголемил за над 10 илјади кози и достигнал 85.528 кози.
Позитивни тенденции има и кај живината, каде што во 2019 година биле пребројани 1.562.089 примероци, додека во текот на минатата година нивниот број се зголемил на 1.746.029.
Сепак, и покрај намалувањето на вкупниот број на говеда во земјава, податоците на статистичарите покажуваат мало намалување или одржување слични нивоа при производството на месо речиси во сите категории.
Напуштањето на земјоделството го намалува и добитокот
Инволвираните во земјоделството во Македонија посочуваат дека кај нас е присутна тенденција на напуштање на земјоделството, поради што се намалува и бројот на добиток. Фармерите укажуваат дека имаме системски проблем што го кочи развојот на секторот и потенцираат дека сега производството се одржува благодарение само на повозрасните граѓани, кои не сакаат да се откажат од одгледувањето домашни животни.
– Родителите на сопругот со децении одгледуваат крави и произведувале млеко. Ние помагаме, но тежината ја носат тие. Иако работиме земја и од неа имаме големи приходи, факт е дека ако тие не можат да се грижат за петте крави што ги имаме, ние ќе ги продадеме. Чувањето стока е макотрпна работа, а трудот не е исплатлив. Потребна им е храна трипати во денот, одмолзување на кравите исто така трипати, па средување на млекото, да не зборуваме за чистење. Млекото се откупува по ниски цени, затоа гледаме да им го продаваме на соседи или жители од околината што сакаат домашно млеко, инаку не се исплати чувањето на кравите – вели една жителка од скопското село Драчево.
За упатените во проблематиката, состојбата со одгледување домашни животни во Македонија е алармантна поради намалувањето на сточниот фонд. Сточарите сметаат дека причина за намалувањето се скратените субвенции за оставено женско јагне и субвенции за женско теле. За да се подобри состојбата, тие предлагаат воведување грантови за купување високопродуктивни овци и крави.
– Сточниот фонд со години се намалува. Само во последните седум години бројот на овци е намален од 500 на 250 илјади. И покрај тоа што статистиката покажува нешто друго, реалните бројки се многу помали. Бројот на кравите значително се намали по пропаѓањето на „Сведмилк“. Овците ги изгубивме во минатата власт, која немаше слух за сточарството – вели Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“.
Според него, за да се подобри сточарството, мора да се дозволат грантови за увоз на високопродуктивни овци што даваат повеќе млеко. Тој укажува оти сточарството е голема инвестиција, младите не можат сами, затоа е потребна помош од државата во вид на грантови. Јанков вели дека со купување и увоз на високопродуктивни овци ќе се зголеми и производството на млеко, укажувајќи дека во маркетите во Македонија речиси а нема домашно тетрапак-млеко, туку само увозно од Србија и од Босна и Херцеговина. Е.Р.