Фото: МИА

Законот за нефер трговски практики е одличен којшто првпат го регулира односот помеѓу добавувачите и трговците во Република Македонија и тој е прв таков Закон кој се имплементира во земјите од Западен Балкан – истакна денеска од Штип заменик -министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој посочи дека од она што го имаат увидено и од функционирањето, бидејќи тој Закон е под надлежност на Комсијата за заштита од конкуренција, беа откриени неколку картели, кои беа поврзани со едно, како што вели, неправилно и непазарно покачување на цените на одредени производи во маркетите.

-Пред се, ги знаете и казните кои беа изречени за маркетите и за Стопанските комори, кои учествуваа во тоа организирање. Знаеме дека и во однос на другите закони, Закон за заштита на потрошувачи имаа картелско здружување и откриено осигурателни компании итн. Има уште 30-тина други предмети, коишто се во тек, се работат и за брзо време ќе слушнете, какви се резултати има Комисијата за заштита на конкуренција, која мора да ја пофалам дека ги дава и првите резултати, а тоа во многу ќе значи пред се за почитување на пазарните принципи на економијата во Македонија, да не се изигруваат тие, да немаме картелски здруженија, а од друга страна се она што е предвидено со Законот за заштита на потрошувачи треба да го почитуваат пред се трговците, меѓутоа и добавувачите – рече Ристески.

Тој ја пофали и работата на инспекторите во Државниот пазарен инспекторат, кои имаат секојдневни контроли.

-Да ги пофалам и нив дека во текот на оваа година имаат направено преку 20.000 надзори и досега се изречени преку 150 милиони денари казни за оние кои не ги почитуваат законите во Република Македонија, а се поврзани со формулирањето на цените на стоките, кои директно ги погодува стандардот и џебот на граѓаните. Тоа е некаде околу 2,5 милиони евра и врз база на тоа ќе се градат понатамошните политики – посочи Ристески.

Заменик-министерот за економија и труд најави дека ќе се зголемуваат и казните во Законот за заштита на потрошувачи.

– Сметаме дека наредната година повеќекратно ќе биде зголемена казната, која сега изнесува 20.000 евра, меѓутоа сметаме дека тоа е многу мала казна за поголемите трговци и маркети, коишто можат да ја поднесат оваа казна и да продолжат со едно такво неправилно работење. Доколку повеќекратно се зголеми, тогаш верувајте дека ефектите ќе бидат поголеми, а секако тоа е во интерес на заштита на животниот стандард на граѓаните – рече Ристески.

Прашан, дали Владата размислува за правење на новогодишна кошничка, со која би се намалиле цените на прехранбените производи, Ристески со став дека кошничките беа направени поради големото галопирање на цените, кое било предизвикано од едно неправилно, неекономско пазарно работење во претходниот период и, како што вели, „горе-доле се стабилизирани цените, иако се се уште многу високи, бидејќи степенот на инфлација е стабилен и е некаде околу 4 проценти, се уште е висок и тенденцијата е да се намалува степенот на инфлација“. Тој додаде дека со овие кошнички можеби се намалуваа цените, но по нивното завршување се бележеше и покачување на цените и зголемување на инфлацијата.

-Спрема тоа понатаму ќе ја следиме ситуацијата, никогаш не е исклучена ниту една мерка од страна на Министерството за економија и труд и Владата, но не е само овие кошнички ограничување на маржи, има и други начини и методи како да се влијае. Меѓутоа ние сакаме самата пазарна економија во иднина да ги стабилизира цените и да постепено се подобрува животниот стандард – рече Ристески.

Тој истакна дека Владата за наредната година има проекција на инфлацијата од 2 до 3 проценти што е еден европски просек и нормална стапка на инфлација.