Странските директни инвестиции (СДИ) во Централна, Источна и во Југоисточна Европа паднаа во 2024 година на нивоа што се невидени од кулминацијата на пандемијата, при што германските инвеститори нагло се повлекоа, а кинескиот капитал доминираше со новите перспективи, се вели во новиот извештај на Виенскиот институт за меѓународни економски студии
Истражување на Виенскиот институт за меѓународни економски студии
Истражувањето на Виенскиот институт за меѓународни економски студии открива „пад од 44 отсто на бројот на гринфилд-инвестициски проекти објавени во регионот на Централна, Источна и на Југоисточна Европа во првите три квартали од 2024 година во споредба со истиот период минатата година“. Исто така, во извештајот се констатира „пад на вредноста на вложените инвестиции за 39 отсто, што е загрижувачки тренд за еден регион што се потпира на надворешно финансирање за стимулирање на економскиот раст“.
– Кризата во германската индустрија и геополитичките неизвесности сега целосно се чувствуваат во регионот – рече Олга Пиндјук, економистка и авторка на извештајот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, додавајќи дека падот ги одразува пошироките проблеми во европските индустриски инвестиции, како во земјите членки на ЕУ така и во Западен Балкан.
Најостри падови за Бугарија, Полска и за Естонија
Извештајот открива значителен пад на новите странски гринфилд-инвестиции во поголемиот дел од регионот (со исклучок на Молдавија, која забележа раст). Меѓу земјите членки на ЕУ, Бугарија, Полска и Естонија доживеаја некои од најострите падови, со преполовени инвестициски вложувања. На пример, Албанија, и покрај бумот во туризмот, забележа пад од 88 отсто на бројот на гринфилд-инвестициски проекти.
Само осум земји пријавија зголемен прилив на странски капитал во споредба со претходната година, а тоа се Естонија, Литванија и Косово.
Спротивно на тоа, Црна Гора, Украина и Босна и Херцеговина забележаа побрз пад на вредноста на вложени инвестиции отколку во бројот на проекти, што укажува на промена кон помалку капитално интензивни, услужно ориентирани инвестиции во овие земји.
Германија исклучително забележително ги ограничи своите инвестициски вложувања
Германија, долго време главен инвеститор во регионот, нагло ги ограничи своите инвестициски вложувања. Бројот на најавените германски проекти падна од 171 на 96 – пад од 44 отсто – додека вложениот капитал падна за неверојатни 67 отсто, т.е. од над девет милијарди евра во 2023 година на само три милијарди евра во 2024 година.
И австриските инвеститори, историски меѓу најактивните во регионот, го намалија бројот на нивните проекти од 34 на 15. Сепак, Австрија сега вети 20 отсто повеќе капитал – 965 милиони евра во споредба со 804 милиони евра минатата година – што укажува на фокус на помали, но позначајни и посуштински проекти.
– Додека гледаме како германските инвеститори се вртат од Источна Европа кон САД, Австрија останува силно посветена – рече Пиндјук, додавајќи дека австрискиот капитал тече главно во Романија, Унгарија и во Бугарија.
Кина стана најголемиот инвеститор во Централна и Источна Европа и на Балканот
За издвојување е дека сега Кина стана најголемиот инвеститор во нови проекти низ регионот, надминувајќи ја Германија. Не дека Пекинг ги зголеми своите инвестиции, туку дека тие доживеаја помал пад отколку досега водечките германски. Имено, кинеските инвестиции во регионот паднаа за само 30 отсто во однос на заложениот капитал, во споредба со падот на Германија од 67 отсто. Имено, кинеските проекти остануваат капитално интензивни, често фокусирани на сектори како што се електричните возила и батериите.
Романија привлече најголем број кинески проекти оваа година, додека Словачка ќе добие најголем прилив на кинески капитал, поттикнат од обврските како што е планот на кинескиот производител на автомобили САИЦ (SAIC) за производство на електрични возила во земјата.
– Вредноста на кинеските инвестиции во регионот сега ја надминува вредноста на германските проекти за фактор осум – се вели во извештајот.
Сепак, целокупното влијание на кинескиот капитал останува ограничено. Зошто? Олга Пиндјук, економистка и авторка на извештајот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, во врска со тоа вели дека „кинеските резерви на странските директни инвестиции (СДИ) во регионот сочинуваат само еден отсто од вкупниот број, во споредба со околу 70 отсто од земјите на ЕУ“. Повикувајќи се на извештајот, таа издвои дека „Европа сè уште доминира со СДИ во регионот и покрај краткорочната нестабилност“.
Но, исто така, во извештајот се предупредува дека падот може да се продлабочи. Приливите на странски директни инвестиции беа особено слаби во третиот квартал од 2024 година, што се совпадна со зголемената неизвесност пред претседателските избори во САД и поширокото забавување на глобалните инвестиции.
– Изгледа дека инвеститорите имаа уште помала доверба во третиот квартал од 2024 година отколку во екот на пандемијата или по големата инвазија на Русија на Украина – изјави Пиндјук.
Инвеститорите се привлечени од условите во САД
Германските и другите европски инвеститори сѐ повеќе се привлечени од други нешта и се повлекуваат од Европа. Инвеститорите, водени од атрактивни стимулации според Законот за намалување на инфлацијата во САД и пониските трошоци за енергија, се дислоцираат со своите инвестиции во САД. Германските инвестиции во САД, на пример, се зголемија, при што капиталните обврски сега се речиси трипати повисоки од оние во Централна и Источна Европа во истиот период.
Долгорочните трендови укажуваат на структурни предизвици за регионот на Источна и Јужна Европа. Пиндјук истакна дека моделот на „проширено биро“ – каде што Централна и Источна Европа служат како производствен центар за западните компании – покажува знаци на застареност.
– Овој модел на раст можеби имаше свое време што сега веќе минува – рече таа. Земјите како Словачка, кои историски се потпираа на автомобилскиот сектор, имаа некои од најслабите приливи на СДИ во однос на БДП. Извештајот повикува на промена кон инвестиции во образованието, истражувањето и индустриската политика за да се обезбеди одржлив раст.
Да се продолжи со „креирање робустен и обединет систем на грижа за опслужување на постојните инвеститори заради брзо и ефикасно адресирање на предизвиците со кои тие се соочуваат, како и детална информираност за нивните планови, проблеми и можности, што ќе доведе до дополнителни опции за реинвестирање“, изјави Виктор Мизо, претседателот на Советот на странски инвеститори
Една милијарда евра директни странски инвестиции во Македонија во 2024 година
Една милијарда евра директни странски инвестиции до крајот на изминатата година се остварливи, смета првиот човек на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо. Тој потврди дека е потребно да се стремиме кон поголем квалитет кај идните инвеститори, за што државата треба да инвестира во соодветно образование и постојано да ја унапредува бизнис и инвестициската клима.
– Износот на странски директни инвестиции, сам по себе, е добар показател за економските процеси и состојби во земјата. Дополнително, ако се земе предвид дека на глобално ниво приливот на странски директни инвестиции годинава бележи сериозен пад, а според анализата на Виенскиот институт во Централна, Источна и во Југозападна Европа, во трите претходни квартала споредено со истиот период лани, е за 44 отсто помал во однос на бројот на гринфилд-проекти, додека 39 проценти е помал генерално од аспект на вредноста на најавени гринфилд-проекти. Исклучок е само Молдавија, која има раст, додека соседна Албанија има пад од дури 88 проценти на инвестициски проекти – го цитираше Мизо извештајот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
За потсетување, според податоците од Народната банка, во 2023 година вкупните директни инвестиции во Македонија изнесувале 616,7 милиони евра. Во структурата на инвестициите, нето-приливите кај сопственичкиот капитал изнесуваат 274,8 милиони евра, реинвестираната добивка 172,9 милиони евра и меѓукомпанискиот долг 169,1 милиони евра. Имено, во 2023 година, најголеми директни инвестиции имало од Турција (171 милион евра), а потоа следуваа Германија (108,4 милиони евра), Унгарија (63,3 милиони евра), Австрија (47,8 милиони евра) и Холандија (45,4 милиони евра). Е.Р.