Со дигитално евро до поголема контрола над онлајн трансферите –
Европската централна банка (ЕЦБ) сака да го заштити еврото
Криптовалутите ги поттикнаа светските финансиски институции, особено централните банки на развиените земји, да бараат начини за „дигитализација“ на парите. Европската централна банка е меѓу лидерите, а неодамна и претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, го повика Европскиот парламент брзо да дејствува за да обезбеди закон за дигитално евро.
Наедно Лагард ја истакна својата загриженост за монетарната сувереност со оглед на извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп за стабилните монети.
Бесплатната услуга за дигиталното плаќање, достапноста во секоја земја од ЕУ и можноста за дигитални плаќања се меѓу придобивките на дигиталното евро. Иако пред минатогодишните европски избори, одобрувањето на законодавството за дигитално евро изгледаше неизбежно, политичкиот пејзаж се промени. Поради тоа, Лагард побара забрзување на дигитализацијата и додаде: „Оваа дебата, колку и да е страсна – колку и да е веројатно дека ќе предизвика загриженост, е потребна бидејќи сите ќе сносиме одговорност пред лицето на историскиот развој ако овој проект барем не биде ставен на дебата пред вас во краток рок“.
Нејзините коментари дојдоа во контекст на брзото распоредување на стабилните монети во САД. Лагард ги оцени американското прифаќање на дигиталната валута и брзината на дејствување на Конгресот, во комбинација со претседателската извршна наредба од март.
– Си мислам дека постои многу силна политичка мотивација да се оди напред што е можно побрзо, решително. Не само во Соединетите Американски Држави туку и на многу поширока основа, од причини што се поврзани со суверенитетот, од причини што се поврзани и со ширењето на суверениот долг – напомена Лагард.
Загриженост за стабилноста и трошоци за имплементација
Лагард повторно истакна дека има загриженост за депозитите што се влеваат од банките во стабилни монети, што потенцијално ги загрозуваат финансиската стабилност и монетарната политика.
Но што всушност се стабилните монети, која е разликата од криптосредствата и зошто има толкава загриженост.
Во согласност со досегашните податоци, стабилните монети се поддржани од безбедни средства како што се државните обврзници и се дизајнирани да дејствуваат како мост меѓу криптовалутите и мејнстрим-финансискиот систем. Нивните поддржувачи тврдат дека тие се поефикасни од меѓународните банкарски трансфери, но нивната анонимност ги направи популарни канали за трговија со дрога и перење пари.
Предупредувањето на ЕЦБ укажува на загриженост кај централните банкари за растот на стабилните монети. Банката за меѓународни порамнувања минатиот месец изјави дека стабилните монети „лошо функционираат“ како пари, бидејќи не се поддржани од централните банки, немаат доволно заштитни огради против нелегална употреба и немаат флексибилност на финансирање потребно за генерирање кредити.
Аналитичарите укажуваат дека крипторегулативите на ЕУ за МиЦА вклучуваат заштитни мерки против странски стабилни монети, што, според нив, може да се препознае и во признанието на Лагард дека „МиЦАР е првата линија на одбрана против секој напад на американски стабилни монети, а дигиталното евро е втора“.
Ризиците во однос на парите и другите методи на плаќање
Но како што пишува „Фајненшл тајмс“, подемот на стабилните монети поврзани со американскиот долар се заканува да ја поткопа контролата на ЕЦБ врз монетарната политика. Јирген Шаф, советник во Одделот за пазарна инфраструктура и плаќања на ЕЦБ, предупреди дека брзото усвојување на стабилните монети може да ја доведе еврозоната до слични услови како и „доларизираните“ економии во развој, каде што широката употреба на американската валута може да ги попречи напорите на локалните креатори на политики да ги утврдат каматните стапки или да ја контролираат понудата на пари.
– Доколку стабилните монети во американскиот долар станат широко користени во еврозоната – без разлика дали за плаќања, штедење или порамнување – контролата на ЕЦБ врз монетарните услови би можела да биде ослабена – напиша Шаф во статија објавена на блогот на ЕЦБ.
Според него, „нередовниот колапс“ на стабилните монети од приватниот сектор би можел „да се одрази низ целиот финансиски систем“, при што централните банки се сè повеќе загрижени.
Тетер и Серкл управуваат со двете најголеми стабилни монети, но се очекува дека усвојувањето на американско законодавство за регулирање на секторот овој месец ќе го отвори патот банките на Волстрит да ги лансираат своите понуди.
За аналитичарите е проблематично лансирањето стабилни монети, кои им плаќаат камата на депонентите, бидејќи може да ги исцеди парите од традиционалните банкарски депозити, попречувајќи ја способноста на заемодавателите да обезбедат кредити за економијата.
– Поврзаните ризици се очигледни – и не смееме да ги потценуваме – напиша Шаф, додавајќи како и Лагард дека планот на ЕЦБ за лансирање дигитално евро е „цврста линија на одбрана на европскиот монетарен суверенитет“.
Според Шаф, стремежот на Трамп да промовира стабилни монети би ја поткрепил глобалната доминација на доларот и би можел да ги намали трошоците за задолжување на САД.
– За Европа, ова би значело повисоки трошоци за финансирање во однос на Соединетите Американски Држави, намалена автономија на монетарната политика и геополитичка зависност – напиша тој.
Која е привлечноста на стабилните монети
Лагард потенцира дека повисоките каматни стапки во САД може да бидат причина поголем број граѓани да ги прифатат овие нови монети и покрај ризиците. Иако МиЦАР забранува понуди за камати за стабилни монети од европски даватели на услуги за криптосредства, корисниците што се вешти во крипто би можеле да го заобиколат ова преку ДеФИ или офшор-платформи.
Пратениците, исто така, ги доведоа во прашање трошоците за имплементација. Извештајот на Пи-даблју-си од овој месец ги процени трошоците за дигитално евро за европските банки на 18 милијарди евра, забележувајќи ограничувања на капацитетот што би можеле да ги попречат другите иновации.
Лагард рече дека не може да коментира за конкретни процени поради недоволна транспарентност на методологијата, додавајќи „дека може да се користи како закана и мислам дека треба да се усогласи со трошоците што ги проценуваме“.
Економистите посочуваат оти напредокот на стабилните монети, криптовалути врзани за американскиот долар, претставува сериозна закана за европските напори за зајакнување на глобалната позиција на еврото.
Дополнително загриженост кај креаторите на политиките предизвикува растот на пазарната вредност на овие дигитални средства, кој се зголеми повеќе од двојно за помалку од две години, скокнувајќи од 125 милијарди долари на околу 255 милијарди долари, при што речиси 99 проценти од таа вредност е поврзана со американскиот долар.
Службениците стравуваат дека растечкото прифаќање на стабилните монети би можело да ја зацврсти доминацијата на доларот во глобалните финансии и да ги задуши надежите дека еврото ќе стане сериозен конкурент.
Со години, претставниците на ЕЦБ го промовираа воведувањето на дигиталното евро како најефикасен одговор на заканата од странските дигитални валути. Целта е да се понуди сигурна алтернатива базирана на еврото што ќе им го олесни на граѓаните и бизнисите останувањето во рамките на монетарниот систем на еврозоната. Е.Р.
За што служат стабилните монети?
Стабилната монета е посебен вид дигитална валута што е дизајнирана да одржува стабилна вредност во однос на референтна актива, најчесто американскиот долар или други тврди валути.
За разлика од традиционалните криптовалути како биткоин или етереум, чија вредност често значително варира, стабилните монети се поткрепени со реални резерви – како пари на банкарски сметки или државни обврзници – и редовно се следат за да се обезбеди нивната стабилност.
Ова ги прави погодни за секојдневни плаќања, меѓународни трансфери и складишта на вредност, бидејќи корисниците можат да бидат сигурни дека нивните дигитални средства нема одеднаш да изгубат или да добијат вредност.
Споредувањето на стабилните монети со доларите на картичка открива неколку клучни разлики што ги прават стабилните монети иновативни во секојдневните финансии и бизнис.
Стабилните монети овозможуваат трансфер на пари за неколку секунди низ целиот свет, без оглед на времето од денот или денот од неделата, додека трансакциите со картички често се ограничени од работното време на банките и може да траат подолго за меѓународни трансфери. Трансакциите со стабилна монета се конечни и неотповикливи, давајќи им на корисниците поголема контрола врз нивните средства бидејќи не им е потребна банкарска сметка.
Стабилните монети се програмабилни – плаќањата можат да се автоматизираат, паметните договори можат да се користат и да се поврзат со децентрализирани финансиски услуги, што не е можно со стандарден долар на картичка. Е.Р.