Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија како земја има позиција што ѝ овозможува да произведува квалитетни земјоделски продукти, чии преработки можат да се насочат кон европските земји и да придонесат за раст на извозот од Македонија. Домашните експерти укажуваат дека проширувањето на палетата на производи што ќе се извезуваат од земјава е една од можностите за поголем извоз и укажуваат дека е потребна здрава поддршка од компаниите за раст на извозот. Еден од моделите за поголем извоз е преку брендирање на домашните продукти или, пак, преку освојување нови пазари…

Со диверзификација до поголем пласман на продукти што ќе се извезуваат од Македонија?

Има ли начини за да се динамизира нашиот извоз? Имали ли начин за поголема разновидност на извозните продукти, но и да се освојат нови пазари каде што ќе се пласираат македонски продукти? Навистина е суштински значајно да се најде модел за да се зголемат количествата што нашите компании ги извезуваат во соседството или низ поразвиените европски земји.
Последните месеци надворешнотрговската размена загуби од вредноста, особено во 2024 година. Последните податоци што ги сподели Државниот завод за статистика покажуваат дека во период јануари – октомври покриеноста на увозот со извоз достигнува 71,4 процент. За споредба, истиот период минатата година покриеноста достигнувала 75,3 проценти. Намалувањето на покриеноста на увозот е сериозен знак за намалување на моќта на нашата економија и потреба од посериозен пристап кон извозните компании, пронаоѓање мерки што ќе го поттикнат извозот. На пример, еден од моделите за поголем извоз е преку брендирање на домашните продукти или преку освојување нови пазари. Македонија како земја има позиција што ѝ овозможува да произведува квалитетни земјоделски продукти, чии преработки можат да се насочат кон европските земји и да придонесат за раст на извозот од Македонија.
Сепак, остануваат отворени прашањата дали имаат можност нашите компании да освојат нови пазари, да пласираат наши преработки на храна во европските пазари, кои се кочници за зголемен пласман и освојување нови пазари и какви се потенцијалите на нашите компании за поголем извоз.

Проширување на палетата на производи и поддршка од компаниите за раст на извозот

Домашните експерти укажуваат дека проширувањето на палетата на производи што ќе се извезуваат од земјава е една од можностите за поголем извоз и укажуваат дека е потребна поддршка од компаниите за раст на извозот.
– Диверзифицирањето на извозните производи и пронаоѓањето нови пазари е стратегиски приоритет. Земјоделскиот сектор има значителен потенцијал, особено преку зголемување на додадената вредност на земјоделските производи преку нивна преработка. Државата треба да ги поддржи компаниите од овој сектор со субвенции за модернизација, стандарди за квалитет и промоција на извозот на меѓународните пазари. Субвенции за земјоделско производство треба има, но да се промени нивната структура, односно стриктно да се врзе со приносите од производството, наместо со инпутите – укажува професорот Марјан Петрески за „Нова Македонија“.
Петрески појаснува дека голема предност за освојување нови пазари ќе биде создавање регионални брендови и искористување на европските фондови за подобрување на конкурентноста на компаниите.
– Создавањето регионални брендови и искористувањето на европските фондови за развој може значително да ја зголемат конкурентноста на овој сектор. Преку вакви насочени мерки, земјоделските производи може да станат значаен двигател на извозот и економскиот раст – појаснува Петрески.

Народна банка забележува стабилизација на извозот

Гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Ангеловска–Бежоска, посочува дека пандемијата имаше силно влијание врз извозот на нашата земја, но додава дека по падот на извозот дојде до стабилизација.
– Постојат голем број емпириски истражувања коишто ги поврзуваат степенот на надворешната трговија во една земја (извозот) и степенот на конвергенција. Кај нас во последните две декади доходовната конвергенција е двојно зголемена, меѓу другото поради големото зголемување на извозот од 70 отсто на 150 проценти од БДП, со што сме земја со најголема трговска отвореност во регионот на Западен Балкан. Имавме поголем пад на извозот во периодот на пандемијата, меѓутоа потоа следуваше процес на постепено закрепнување. Во последниот период има одредено стабилизирање, при што главно овие трендови се во согласност со светските трендови каде што се гледа забавување на растот на светската трговија којшто се сведе на 0,8 отсто. Врз македонската економија влијаеја и одредени специфични домашни фактори, односно привременото неработење на одредени капацитети од металопреработувачката и автомобилската индустрија, за кои се надеваме дека се од привремен карактер и за кои сметаме дека од наредната година ќе придонесат кон солидно забрзување на извозот од 5,8 проценти на среден рок – нагласува гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Неодамна и од Светската банка укажаа дека на Македонија ѝ е потребна диверзификација на извозот, со што повеќе фирми од државава ќе извезуваат на повеќе пазари поразновидни производи и услуги.
– Во Македонија извозот е еден од главните двигатели на развојот, но е многу концентриран на еден пазар, германскиот, концентриран е во автомобилската индустрија и во релативно мал број големи фирми, така што е многу големата концентрација на ризик. Ова што сега се случува со германската економија има големи негативни ефекти врз нашата економија – наведе Татјана Маркоска, специјалистка за развој на приватниот сектор во СБ. Е.Р.