Трагично е на вакви природни ресурси, почва, вода, технологии што може да бидат обезбедени, да не се создаде централизиран систем на менаџирање со производството на храна, односно со основните продукти, кои, пак, понатаму може да бидат и предмет на преработка и издигнување на степенот на преработка заради повисока профитабилност. Тоа зависи од нашата организираност, поточно неорганизираност. Индивидуалните земјоделски производители односно здруженијата треба да ѝ дозволат на државата, во вакви стопански и политички услови, па и намалување на безбедносната сигурност во светот, значи во долготрајни кризи, да има поголемо активно учество во логистиката за производство на храна. Тоа значи поддршка во планирање култури, за мелиоризација, за заштита, да обрне внимание на пласманот односно откуп на тие производи, да го обезбеди македонскиот пазар најпрвин, а потоа и пласман надвор. Државата ќе презема улога на координатор, преку своја агенција, но и ќе поттикнува создавање земјоделска банка со исклучително стимулативни кредитни линии. Зошто го нема тоа?
Светските тензии ги поскапуваат најбараните производи
Цените на најтргуваните производи на светските берзи деновиве се во постојани осцилации. Нафтата поскапува, па поевтинува, цената на златото постојано расте, а слично е и со пченицата, во континуиран нагорен тренд. Дополнително, постојано има информации за нов раст на цените на одредени прехранбени продукти во светот, како што се јајцата, кои стануваат сѐ побарани, а ги има сѐ помалку како во САД така и во Европа.
Повторно забележителен раст на цените на храната во светот
Растот на цените на најбараните производи во светот може да има влијание и врз цените во нашата земја поради фактот што увезуваме големи количества храна.
Во последниот месечен извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во светските цени на најчесто тргуваните прехранбени производи, во февруари во просек изнесуваше 127,1 поени, што е за 1,6 отсто повеќе од претходниот месец и 8,2 отсто над нивото во февруари 2024 година.
– Зголемувањето беше главно поттикнато од индексот на цените на шеќерот на ФАО, кој достигна 118,5 поени во февруари, што е за 6,6 отсто повеќе од јануари. Зголемувањето беше поттикнато и од загриженоста за построгите глобални резерви во 2024/2025 година, особено во светло на влошените изгледи за култури во Индија и лошите услови за култури во Бразил поради неповолните временски состојби. Индексот на цените на млечните производи на ФАО во просек изнесуваше 148,7 поени, што е за 4,0 отсто повеќе од јануари. Зголемувањето беше поттикнато од повисоките цени на сите главни млечни производи, вклучувајќи ги и сирењето и полномасното млеко во прав, за кои силната побарувачка за увоз го надмина производството во главните извозни региони – укажуваат од ФАО.
Меѓу другото е посочено дека расте и цената на растителното масло, која се зголемила за 2 отсто на месечно ниво, но на годишно ниво за речиси 30 проценти или неверојатни 29,1 отсто.
Тоа беше поттикнато главно од повисоките цени на маслото од палма, соја и сончоглед, во услови на сезонски тесни резерви во Југоисточна Азија и постојана силна побарувачка од производителите на биодизел. Индексот на цените на житарките на ФАО во февруари во просек изнесуваше 112,6 поени, што е раст од 0,7 отсто. Цените на пченицата пораснаа, како одраз на затегнатите резерви во Руската Федерација и загриженоста за условите за земјоделските култури во Источна Европа и Северна Америка, но, сепак, вкупниот индекс остана малку под нивото од февруари 2024 година.
– Меѓународните цени на пченката продолжија да се зголемуваат, како одраз на сезонски тесните резерви во Бразил и силната извозна побарувачка од Соединетите Американски Држави. Спротивно на тоа, светските цени на оризот се намалија за 6,8 отсто во февруари, во услови на голема достапност за извоз и слаба побарувачка за увоз – потенцираат аналитичарите на ФАО.
Притоа се посочува дека кај месото цените остануваат на слично ниво, односно се стабилни, што се должи на зголемената достапност на месото од живина и свинското место, но кај овчото и говедското месо се бележи раст на цените поради поголема побарувачка.
Има начини да го амортизиаме силниот импакт однадвор на македонскиот пазар
Економистите велат дека „сѐ зависи од растот или колку многу ќе пораснат цените на светските берзи, но дека е очекувано да се пренесе и во нашата земја, особено ако станува збор за големи разлики“.
– Цените на светските берзи не може да не се одразат на домашниот пазар бидејќи увезуваме големи количества храна. Но, дополнително, целиот свет е глобализиран и поврзан, па дури сите бевме сведоци на примената на слободна трговија, договори за слободна трговија за полесен транзите на храна и хранливи продукти, но и други производи. Сега се случуваат големи промени, кои се резултат и на настаните во Украина, но и на новините меѓу светските лидери. Воведувањето царини исто така ќе има импликации врз светските цени. Дополнително има неизвесност, која исто така може да ги наруши глобалните текови и да се одрази врз цените, не само кај храната туку воопшто и кај другите производи – укажува економист за нашиот медиум.
Но, во исто време, дури со доза на очај соговорниците ја истакнуваат нашата неорганизираност за ефективно и продуктивно искористување на ресурсите што ги имаме во нашата земја.
– Трагично е на вакви природни ресурси, почва, вода, технологии што може да бидат обезбедени, да не се создаде централизиран систем на менаџирање со производството на храна, односно со основните продукти, кои, пак, понатаму може да бидат и предмет на преработка и издигнување на степенот на преработка, заради повисока профитабилност. Тоа зависи од нашата организираност, поточно неорганизираност. Индивидуалните земјоделски производители односно здруженијата треба да ѝ дозволат на државата, во вакви стопански и политички услови, па и намалување на безбедносната сигурност во светот, значи во долготрајни кризи, да има поголемо активно учество во логистиката за производство на храна. Тоа значи поддршка во планирање култури, нивна заштита и мелиоризација, да обрне внимание на пласманот односно откуп на тие производи, да го обезбеди македонскиот пазар најпрвин, а потоа и пласман надвор. Државата ќе презема улога на координатор, преку своја агенција, но и ќе поттикнува создавање земјоделска банка со исклучително стимулативни кредитни линии. Зошто го нема тоа – издвојуваат во јавноста нашите соговорници.
Податоците покажуваат дека минатата година само за увоз на храна биле потрошени над една милијарда евра, 1.067,8 милиони евра. Една година претходно или во 2023 година исто така биле потрошени речиси една милијарда евра за увоз на храна, или 976,7 милиони евра. Во 2022 година биле потрошени 850 милиони евра за увоз на храна, додека во 2021 година 746,5 милиони евра. Бројките покажуваат раст на вредноста на сумата потрошена за увоз на храна, што секако се должи и на растот на цените на светско ниво, но и на растот на количествата. Тоа треба да биде уште еден мотив да се зголеми домашното производство на храна. Е.Р.
Ќе расте производството на пченица и на ориз во светот
Светската организација за храна и земјоделство на ОН исто така објави дека светското производство на пченица во 2025 година треба да достигне 796 милиони тони, што е малку повеќе односно за 1 процент поголемо од минатата година. Прогнозата се заснова на претпоставката за поголемо производство во Европската Унија, особено во Франција и во Германија, каде што се очекува да се прошират површините со мека пченица.
– Сепак, овие проекции за принос би можеле да бидат под влијание на предизвици како што се сувите услови во Источна Европа и вишокот врнежи во Западна Европа. Во Соединетите Американски Држави се очекува проширување на површините со пченица, но приносите би можеле да бидат малку помали поради влијанието на сувото време врз зимските култури – нагласуваат од ФАО.
Се очекува и раст на оризот, благодарение на поволните перспективи за оваа култура во Индија и добрите услови во Камбоџа и Мјанмар. Прогнозата за светското производство на ориз во 2024-2025 година е зголемена на нов рекорд од 543 милиони тони. ФАО ја зголеми својата процена за светското производство на житни култури во 2024 година на 2.842 милиони тони, малку над нивото од 2023 година.
Но ФАО предупредува и дека светските резерви од житни култури ќе се намалат за 1,9 отсто, на 869,3 милиони тони на крајот на 2025 година, при што зголемувањето во Руската Федерација и во Украина се очекува да го надомести падот на други места. Е.Р.