Пекинг со порака за разум во глобалните економско-трговски односи
Кинескиот премиер Ли Кечијанг во Пекинг во разговор со американскиот сенатор Стив Дејнс изјави дека „САД и Кина треба да изберат дијалог и соработка наместо конфронтација, истакнувајќи дека никој не може да има корист од трговската војна“. Ли Кечијанг изрази надеж дека САД ќе соработуваат со Кина во согласност со принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка. Кинескиот премиер истакна дека економската и трговската соработка се важна основа на кинеско-американската соработка, истакнувајќи дека ниту една земја не може да постигне развој и просперитет со воведување царини. За потсетување, Кина воведе царини од 10 до 15 отсто за одредени производи од САД почнувајќи од 10 март, но сето тоа како последица и одговор на воведените американски царини. Имено, американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини за сите кинески стоки во вкупна вредност од 20 отсто, бидејќи Пекинг наводно „не соработувал доволно во спречувањето на шверцот на фентанил во САД“. Но сега, Пекинг се обидува со разумни политики за договор и компромис да иницира нов приод за решавање на недоразбирањата во меѓусебната трговија, тврдејќи дека „трговската војна никому нема да му донесе просперитет, напредок и развој“. На потег е официјален Вашингтон, дали тој ќе прифати „да се спушти топката“ на меѓусебните покажувања на „мускулите“, анализираат економистите. Е.Р.