Фото: Принтскрин

Капиталните инвестиции оваа година ќе завршат на ниво поголемо од 70 проценти, од тоа што беше предвидено и планирано и мислам дека секогаш може да биде подобро, истакна денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски кој одговараше на новинарски прашања по пуштањето на реновираниот прв кат на Психијатриската болница во Скопје.

Тој посочи дека 2024 година беше изборна година, а како што вели првата половина беше таква, каква што беше, но новата Влада направила се што може за да ја зголеми реализацијата.

– Ценам дека оваа реализација е сосема коректна и навистина би рекол дека новата Влада направи се што можеше нивото на реализација на капиталните инвестиции да го зголеми. Следната година е година каде што е предвиден рекорден буџет за капиталните инвсетиции не само за државните, владините проекти, туку и за општинските проекти. Тука секако морам да ја споменам и поддршката кон економијата директно, којашто ја даде Владата, односно онаа поддршка за инвестиците на економските оператори 2,5 милијарди денари, што е поголема од 2022 и 2023 година. Исто така 2,5 милијарди денари се дадени преку ТИРЗ, тука да не го заборавиме и оној кредит со 1,95% каматна стапка, којшто од јануари треба да биде достапен на македонската економија – изјави Мицкоски.

Како што посочи,  како Влада покажале и докажале дека сакаат да бидат пријатели на стопанството.

– Она што е најважно стопанството да се ослободи, а тоа го покажуваат и првите индикатори. Нема веќе политички моќници, голобради момчиња, кои купуваат трговски центри, сватови кои што возат ролс ројс, луѓе кои дивеаат во акционерски друштва и јавни претпријатија, како што тоа беше во минатото. Нема уцени, нема преземање на бизниси, нема проценти од јавни набавки итн – рече Мицкоски.

Тој ги повика и медиумите доколку почувствуваат дека има каква било индикација дека такво нешто се случува веднаш да кажат и јавно тоа да го соопштат.

-Но, ова е веќе седми месец што го гледам, таков тип на појава нема и тоа е најважното дека конечно се чувствува слобода во воздухот, после сиот оној притисок, којшто изминатите седум години постоеше – рече Мицкоски.