И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучувајќи го и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста туку и уште повеќе ја зголеми, истакна гувернерката Анита Ангеловска Бежоска на годишниот форум на „Виенската иницијатива“, кој се одржа во Вилнус, Литванија.
– Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу два процентни поени, што е двојно повеќе од порастот во регионот на Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ) и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка – посочи Ангеловска Бежоска на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во ЦЈИЕ.
Притоа, како што кажа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите со просечен кредитен раст од околу 7 отсто. Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5 отсто, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11 отсто, во просек.
„Виенската иницијатива“ е платформа што ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања. K.M.