Според економските аналитичари, главната причина за падот на нашиот извоз се: случувањата во Европа, изборите и политичката состојба кај нас, кои негативно влијаат на економијата, лошото функционирање на институциите и четвртиот фактор се проблемите на пазарот на трудот и сето она што ја нарушува бизнис-климата и ги одвраќа како домашните така и странските инвеститори
Повод: Извозот забележа голем пад од 7,8 отсто
Македонскиот економски модел нема капацитет да испорача повисоки стапки на економски раст! Тоа е „тврда“ констатација на неколку економски аналитичари со кои разговаравме во врска со македонската економија, односно за падот на извозот, како конкретна тема.
Аналитичарите издвојуваат дека главен ограничувачки фактор за националната економија е ниската конкурентност на економијата, но и слабостите на извозниот сектор.
„Потисната“ економска динамика од 2023 година
Во првиот квартал од 2024 година, БДП се зголеми за 1,2 отсто на годишна основа, задржувајќи ја потиснатата економска динамика од 2023 година. Релативно воздржаната економска активност е резултат на две главни тенденции. Од една страна, извозот забележа релативно голем пад од 7,8 отсто, подлабок од тој во 2023. Од друга страна, приватната потрошувачка, која сочинува доминантен дел од БДП, порасна за 2 отсто, што претставува некаков раст што го одразува растот на платите (12,9 отсто), иако под просекот од претходната година, се вели во макроекономскиот извештај на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 162.549.4 милиони денари и бележи пад од 5,5 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 231.266,5 милиони денари, што е за 3,7 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2024 година, изнесува 68.717,0 милиони денари.
Извозните компании да размислуваат за нови партнери и нови пазари
– Главната причина за падот на нашиот извоз се случувањата во Европа, а особено во Германија, како наш најголем купувач на стоки и услуги. За жал, состојбата во Украина продолжува, без изгледи за запирање на насилствата. Втор фактор се изборите и политичката состојба кај нас, кои негативно влијаат на економијата. Третиот фактор е лошото функционирање на институциите, проблемите на пазарот на трудот и сето она што ја нарушува бизнис-климата и ги одвраќа како домашните така и странските инвеститори – истакнува претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Како што вели тој, бидејќи состојбата во Европа нема изгледи за поправање, нашите извозни компании треба да размислуваат за нови партнери и за нови пазари. Се разбира ова не е лесно и не може да се направи ад хок.
– Ние се надеваме дека со формирање на новата влада ќе можеме да почнеме да ги решаваме домашните проблеми. Најавите во текот на изборите, дека новата влада ќе се зафати со крупните реформи во образованието, сивата економија, владеењето на правото и ќе ѝ даде приоритет на економијата, даваат надеж дека состојбите може да тргнат на подобро – додава Димитров.
Според универзитетскиот професор Дарко Лазаров, извозот мора да биде еден од приоритетите на државата затоа што тој е единствената алтернатива за одржлив развој бидејќи македонската економија е мала и отворена.
– Искуството на брзорастечеките земји, кои во изминатиот период направиле голем прогрес во делот на подобрување на перформансите на извозните компании, укажуваат дека државата е активен чинител. Во таа насока и креирањето сет соодветни политики и мерки, кои ќе бидат во насока на подобрување на перформансите, односно подобрување на економските и бизнис-условите во државата, меѓутоа и директни форми на стимулација и градење одредени алатки кон извозните сектори, можат значително да го забрзаат тој процес на подобрување на извозниот сектор на нашата земја. Во тој контекст, државата има значајна улога во тој процес – нагласува Лазаров.
Поевтината домашна енергија исто така е од клучно значење.
Исто така, тој истакнува на што треба да се работи во иднина, односно да се намали увозот на репроматеријали и суровини и да се зголеми нивното домашно производство.
– Имаме голема увозна компонента на извозот, односно голем дел од извозот е базиран на увоз на суровини и репроматеријали и треба во иднина да работиме како да го супститурираме увозот со производство на домашни компоненти што ќе бидат вградени во производите – укажува Лазаров.