Со безготовинските плаќања во борба против сивата економија
- Еден од најчестите совети на економските експерти за сузбивање на сивата економија и во Македонија, но и во светот, секогаш е – следењето на парите или, со други зборови, намалување на употребата на кеш и зголемено плаќање преку таканаречените дигитални канали каде што има трага на движењето на парите…
Раст на електронските плаќања покажаа последните податоци на Народната банка (НБРМ) за вториот квартал од годинава, што е знак дека граѓаните почесто ги избираат мобилните апликации и платежните картички за плаќања. Префрлањето на дигиталните начини на плаќање се смета за голема предност и придобивка во борбата со сивата економија.
Еден од најчестите совети на економските експерти за сузбивање на сивата економија и во Македонија, но и во светот, секогаш е следењето на парите, или намалување на употребата на кеш и зголемено плаќање преку дигиталните канали каде што има трага на движењето на парите.
– Во споредба со истиот период минатата година, електронските плаќања со платни налози бележат раст за 9 проценти по бројност. Особено е брз растот на електронски иницираните плаќања преку дигиталните канали, односно трансакциите растат за 18,6 отсто. Најголемиот дел од платежните трансакции преку дигиталните канали (71,3 проценти) се извршени преку мобилни апликации, што потврдува дека преовладува употребата на мобилниот телефон како најбрз и наједноставен начин на плаќање – укажуваат од НБРМ.
Паралелно со растот на плаќањата со телефон, се зголемува и користењето на платежните картички. Бројот на плаќањата со картички е поголем за 8,4 проценти. Зголемувањето најмногу произлегува од зголеменото купување преку интернет, но раст има и кај плаќањата во продавниците.
Готовината ја одржува сивата економија
Сивата економија, според некои анализи, во земјава изнесува од 20 до 40 проценти од БДП, но тешко е да се утврди нејзиниот вистински обем. Главно „погонско гориво“ на сивата економија е готовината или кешот. Готовината ја умножува неформалната економија и е основа за нејзино упорно опстојување.
За да се искорени или значително да се намали сивата економија во една земја, потребна е политичка волја. Без бескомпромисен ангажман, дури и најдобрите мерки однапред се осудени на неуспех или на делумен успех. А во Македонија изминативе години се зачудувачки политичката индиферентност и пасивност во поглед на спроведувањето на стратегиите што ги донела самата држава. Едно од големите уназадувања, што ѝ даде крилја на сивата економија, е необјаснетото и неоправдано зголемување на лимитот за плаќање во кеш од 500 евра во 2019 година на 3.000 евра во 2020 година.
Но затоа, пак, силен „противник“ на сивата економија се граѓаните и нивната едукација за помасовно користење на дигиталните алатки за плаќање, со цел да се избегне готовината.
Прашање на време е, според економските експерти, кога ќе се случи целосна замена на банкнотите и монетите со електронски пари. Предностите се многукратни, а најважна е дигиталната трага што ја оставаат дигиталните пари. Покрај тоа, ќе се намалат или целосно ќе се укинат трошоците за печатење и дистрибуција на банкнотите, за нивно собирање, за уништување или замена на оштетените банкноти со нови. Е.Р.
Изводи од анализата „Сивиот дел на македонската економија: големина, импликации, решенија“
Сивата економија ја поткопува пазарната конкуренција
Анализата насловена „Сивиот дел на македонската економија: големина, импликации, решенија“, изработена од Павле Гацов, Александар Стојков и Зоран Јовановски за Стопанската комора на Македонија, посочи на маните на сивата економија. За неа, авторите укажуваат дека ја нарушува пазарната односно лојалната конкуренција и ги става во нерамноправна позиција економските субјекти што се борат на пазарот.
– Меѓународната практика покажува дека правните субјекти што се дел од сивата економија имаат тенденција да останат мали затоа што така ќе останат „под радарот“. Тоа значи дека не инвестираат за да „пораснат“, што резултира со отсуство на иновации и стагнација на работењето – се посочува во нивната анализа.
Наедно, тие укажуваат дека владеењето на правото е еден од столбовите на пазарната економија. Во тој контекст, сивата економија претставува непочитување на законите, и тоа како свесен избор на оние што се инволвирани. Некој свесно се определил да не ја извршува својата граѓанска и законска должност финансиски да придонесува во општеството. Толерирањето на сивата економија од страна на државата, свесно или несвесно, води кон намалување на довербата на економските субјекти во институциите на државата, вклучувајќи го и правниот систем.
– Парите од сивата економија се главно „погонско гориво“ за корупцијата. Сивата економија ги оштетува јавните финансии, буџетот на државата и социјалните фондови. Избегнувањето да се плаќаат давачките кон државата и да се пријавуваат вработените во надлежните државни служби значи помал прилив на средства во буџетот на државата. Во случајот на земјава тоа значи поголем буџетски дефицит, поголемо задолжување од страна на државата, поголем износ на трошоци по основ на тие задолжувања итн. Истовремено, тие што работат во зоната на сивата економија ги користат своите права и придобивки, добиваат сигурност што ја овозможуваат јавните добра и услуги, како полицијата, војската и патиштата, нивните деца добиваат бесплатно образование, нивните семејства добиваат услуги во државното здравство итн. Сето тоа се нешта што ги обезбедила државата со користење на парите собрани од оние што ги плаќаат давачките кон државата – објаснуваат економистите.
Мерки против неформалната економија
Експертите затоа укажуваат дека сивата економија со себе носи реална опасност од преобликување на општеството во согласност со потребите на промоторите на сивата економија. Во еден момент, кога доволно многу ќе окрупнат економските субјекти што работат во зоната на сивата економија, тогаш тие се обидуваат да го внесат кешот заработен од сивата економија во официјалните текови на системот, односно да ги „исперат“ парите.
– Ако успеат, тогаш поради стекнатата финансиска сила од претходно, тие ќе почнат да доминираат и во формалниот сектор на економијата. Но, со себе ја носат матрицата на непочитување на законите бидејќи така успеале во животот и во „бизнисот“. Како последица може да се очекува ваквите економски субјекти своето влијание во општеството да го насочат кон обликување на општеството во согласност со својот терк, а тоа значи трајно селективно отсуство на владеење на правото, отстранување на конкуренцијата на пазарот и „заробување“ на општеството. Затоа не смее да има никаква задршка во битката против сивата економија – укажуваат авторите.
Тие посочуваат дека има висок степен на корелација помеѓу висината на додадената вредност во неформалната економија и големината на готовината во оптек, дефинирана како процент од паричната маса М1.
– Практично, готовината во оптек е високооктанско гориво што ја движи сивата економија. Прашање на време е кога ќе се случи целосна замена на физичките банкноти и монети со електронски пари. Предностите се многукратни, а најважна за овој труд е дигиталната трага што ја оставаат дигиталните пари. Истиснувањето на готовите пари од оптек ќе влијае директно и на истиснување на сивата економија – нагласуваат авторите.
Според нив, едно од можните решенија во насока на дестимулирање на користењето на готовината е воведување данок од 0,5 отсто на износот на подигнатите пари во готово од трансакциските сметки на економските субјекти по сите основи (сметки на фирми и граѓани). Данокот би го пресметувала и задржувале финансиските институции, носители на платниот промет, и би го уплатувале на буџетска сметка на дневна основа, а извештај до УЈП би доставувале на месечна основа.
– Со ваквата мерка ќе се демотивираат подигањето готови пари и нивното користење во оптек и ќе се влијае на намалување на сивата економија што се врши со физичките пари и без оданочување. Готовината е неноминирана, не остава трага, честопати не се оданочува токму поради неоставањето траги, истата таа може да се користи за незаконски активности. Дигиталните пари се номинирани и затоа може да се следи нивното движење како шанса за откривање на евентуалните нелегални активности. Оваа карактеристика на дигиталните пари ги демотивира незаконитостите во значаен процент – заклучуваат авторите на анализата. Е.Р.
Нема прецизни бројки за опфатот на сивата економија
Иако не може точно да се утврди опфатот на сивата економијата, официјалните процени за големината на сивата економија варираат од 17 проценти од БДП на земјата – процена произведена од Државниот завод за статистика (ДЗС, 2017), околу 30 проценти од БДП, според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ, 2019) до 33,4 проценти, процена на аналитичкиот центар „Ворлд економикс“ од Велика Британија (2023). Широкиот дијапазон во процените (од 17 до 33,4 отсто од БДП) можеби не е невообичаен, но сепак создава конфузија во однос на големината на проблемот, неговите социоекономски импликации и политичко-економските решенија. Е.Р.