Динамиката на процесите на дигиталната трансформација, нивниот опфат и значењето за граѓаните
- Факт е дека веќе има готова тест-верзија на т.н. м.Услуги, со над две илјади симнувања во првите 24 часа. Но и судските уверенија (за неосудуваност, кривична и деловна способност итн.), исто така веќе се дигитализирани и достапни преку националниот портал за само неколку минути. Со тоа, граѓаните се на еден чекор до моментот каде што нема да мора лично да трчаат по овие документи, туку соодветна институција сама ќе ги прибавува од државните регистри…
Апликацијата м.Услуги ќе им овозможи на граѓаните електронски пристап до лична карта и возачка дозвола, а целта е сите јавни услуги да станат достапни онлајн. Тоа го истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Министерот укажа дека веќе има готова тест-верзија на м.Услуги, со над две илјади симнувања во првите 24 часа, но се осврна и на судските уверенија – за неосудуваност, кривична и деловна способност, за кои посочи дека исто така веќе се дигитализирани и достапни преку националниот портал за само неколку минути.
Андоновски нагласи дека дел од институциите, како што се факултетите и Агенцијата за вработување, веќе ги признаваат дигиталните документи, но останува потребата сите институции да го следат истиот принцип. Министерството ќе преземе чекори за целосно надминување на овој проблем.
Активно се работи на приклучување кон роаминг-зоната на ЕУ
Во врска со меѓународната дигитална поврзаност, Андоновски истакна дека Македонија активно работи на приклучување кон роаминг-зоната на Европската Унија, со цел граѓаните да ги користат мобилните услуги во странство под исти услови како дома. Тој додаде дека ако Македонија не успее да го реализира тоа следната година, ќе се пристапи и кон билатерални разговори со земјите каде што граѓаните најчесто патуваат, слично како што направија Украина и Молдавија.
– Многу е полесно тоа да го направи Европската Унија во име на државата, бидејќи има интерес од страна на Европската комисија, што претседателката Урсула фон дер Лајен веќе неколкупати го истакна. Нашата цел е едноставна – што повеќе услуги да им станат достапни на граѓаните брзо, лесно и без непотребни трошоци. Работиме на проекти што навистина го олеснуваат секојдневието – порача Андоновски.
Тој наедно додаде дека постапката за избор на трет мобилен оператор е во завршна фаза, што ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе ги намали цените на услугите. Министерот најави отворање владин центар за одговор на сајбер-инциденти, кој ќе ја следи безбедноста на владините системи и ќе реагира навремено при сајбер-напади.
Тој истакна дека неговиот фокус останува на реформите и на дигитализацијата, без разлика на евентуалната реконструкција на Владата, нагласувајќи дека „важно е вистинските луѓе да испорачуваат резултати, а не кој каде седи“.
– Моја задача е да испорачувам резултати – не само за партијата туку за државата и Владата. Направивме големи чекори од стратегии и закони до услуги за граѓаните и политики за сајбер-безбедност. Тоа ќе го продолжам додека имам доверба да бидам министер – изјави Андоновски.
Андоновски се осврна на проектот „Е-Бебе“, за кој посочи дека ќе се реализира следната година и ќе претставува значаен чекор кон поефикасна комуникација меѓу институциите и граѓаните. Според него, проектот ќе овозможи граѓаните да не мора лично да прибираат документи од државните институции, туку истите тие да се разменуваат електронски преку државните регистри.
– Целта е да стигнеме до фаза каде што граѓаните нема да мора лично да ги прибираат овие документи, туку институцијата сама ќе ги прибавува од државните регистри. Проектот, кој го нарековме „Е-Бебе“, ќе започне следната година и ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и институциите – изјави Андоновски и дополни дека Министерството за дигитална трансформација останува посветено на дигитализација на јавните услуги и на забрзување на процесот на дигитална трансформација на државата.
Е.Р.
Потребен е партнерски однос со ЕУ и Брисел треба да го препознае тоа
Министерот за дигитална трансформација Андоновски истакна и дека Македонија е технички подготвена за почеток на преговорите со Европската Унија, но дека политичките прашања и нерешениот спор со Бугарија го одложуваат процесот.
– Извештајот на ЕУ покажува дека сме напредни во повеќе поглавја. Сигурен сум дека ако утре ги започнеме преговорите, Македонија ќе ги престигне Албанија и Црна Гора – рече министерот.
Тој објасни дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ нудат конкретни алтернативи за надминување на застојот, вклучително и одложување на уставните измени или барање гаранции од Бугарија за признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур.
– Не очекуваме булдожер-дипломатија. Нам ни требаат креативност и партнерски однос со ЕУ – додаде Андоновски.
Е.Р.

\ Стефан Андоновски

































