Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оваа Влада има намера да направи финансиска консолидација на целокупното стопанство, да ги екипира сите буџетски корисници и да направи контрола на непродуктивните трошења, ќе продолжи со зголемување на платите и пензиите, а обезбеди и средства од каде можеше за нормално функционирање на државата, рече денеска заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во текот на собраниската комисиска расправа за ребалансот на Буџетот.

Реплицирајќи ѝ на пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ според која овој ребаланс е најлошиот досега, Јанкуловски потенцира дека Владата ги креирала проекциите согласно состојбите што ги наследила.

-Наследивме 1,2 отсто економски раст, пад од 2,5 отсто на градежната активност во првиот квартал од 2024 година, многу поголем увоз на храна и пад од 21,6 отсто на извозот на стоки. Нема сектор што го наследивме каде не постои пад, во кој било дел од стопанството, земјоделство, градежништво, извоз…- укажа заменик-министерот.

Тренчевска претходно обвини дека со ребалансот нема раст на платите и пензиите, а зголемен е, нагласи, и јавниот долг од 58 на 68 отсто.

– Ребалансот не носи никаква придобивка за граѓаните и државата. Од 58 на 68 отсто е зголемен јавниот долг, бранете го, но тоа е вистината и не треба да мижиме пред фактите. Кратите од средствата за лицата со попреченост, а загрижува и продлабочувањето на буџетскиот дефицит. Во првите 30 дена покажувате чист популизам, без да донесете ниту една конкретна мерка за граѓаните – рече Тренчевска.

Таа оцени дека ако ВМРО-ДПМНЕ во текот на претходните 11 години владеење ги зголемела пензиите, не по 600 денари, денес минималната пензија ќе била 20.000 денари.

– Ова е најлошиот ребаланс, и за граѓаните и за еконоимијата. Платите и пензиите во изминатите години растеа како никогаш досега, и просечната и минималната плата, а како резултат на тоа се подобруваше животот на граѓаните и тоа е непобитен факт, но и доказ за добрите политики на СДСМ. Во делот на пензиите, ако вие како ВМРО-ДПМНЕ ги зголемувавте 11 години како ние, наместо да ги лажете пензионерите со 600 денари, денеска ќе зборувавме за минимални пензии од 20 000 денари, истакна пратеничката од СДСМ.

На тоа реплицираа повеќе нејзини колеги од ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова е најтешкиот ребаланс зашто е врз база на најлошиот и најтешкиот Буџет. Буџетот кога беше предложен тука, не нѐ слушавте ниту нас, ниту фелата, ниту економистот што го цитиравте, велевте Буџетот ќе биде развоен, дека ќе има реализација на капиталните инвестиции, а сега имаме потреба не само од фискална консолидација, туку и од консолидација на државата. Како дојдовме од развојна компонента, до потреба за консолидација? Оваа Влада ќе направи сѐ за државата да се стави на здрави нозе – порача Тони Јаревски.