Сѐ повеќе енергија од сонце и вода, но јагленот и понатаму е неопходен за стабилно снабдување
- Нашите соговорници, врвни експерти во енергетиката, брифираат дека ние „немаме друг ресурс освен јагленот што би можел да обезбеди базно производство на електрична енергија“. Сонцето, ветерот и водата можат делумно да придонесат за задоволувањето на потребите – кога има сонце, кога дува ветер, ако врне снег. За да се задоволат потребите на потрошувачите, според нив, треба да се обезбеди сопствено производство на јаглен за РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“. Да се поврзе ТЕЦ „Неготино“ со цевковод на природен гас и да се размислува за нејзино модернизирање со додавање две предвклучни гасни турбини, велат нашите соговорници
- Да се почне изградбата на првата акумулациска хидроцентрала Скочивир од каскадниот систем на реката Црна, со сопствени сили, користејќи го стекнатото искуство (кадар, механизација) од изградбата на хидроцентралите „Света Петка“ и „Козјак“. По завршувањето на врската со гасоводот ТАП, или во исто време, да се почне изградбата на когенеративни постројки во Битола и во Скопје, предлагаат експертите од областа на енергетиката
Производството на електрична енергија од обновливи извори како што се сонцето, ветрот или водата расте од година на година. Голем број земји имаат поставено рамки или рокови според кои треба целосно да преминат кон енергија од обновливи извори или драстично да го намалат производството на енергија од фосилните горива.
Сепак, во светот се забележува дека и покрај посветеноста да се добие поголемо количество на струја од ОИ, земјите на се откажуваат од струјата добиена од јаглен.
Светските медиуми јавуваат дека минатата година Индија ја престигна Германија и стана трет по големина производител на ветер и сончева енергија во светот, според „Ембер“. Во фискалната 2024-2025 г. земјата додаде рекордни 25 гигавати (GW) капацитет за обновлива енергија, што претставува зголемување од 35 отсто во однос на 18,57 гигавати (GW) додадени претходната година.
И покрај овие достигнувања во обновливите извори на енергија, јагленот сè уште игра витална улога меѓу изворите на енергија во Индија, при што електроцентралите на јаглен произведуваат најголем дел од електричната енергија во земјата. Како таква, индиската влада тврди дека јагленот ќе остане суштински, предвидувајќи дека неговиот удел во енергетскиот микс ќе биде висок до 55 проценти сѐ до 2030 година и сè уште на 27 отсто до 2047 година.
Во секторот за јаглен, Индија неодамна ја достигна пресвртницата од една милијарда тони произведен јаглен. Вкупното производство на јаглен во земјата достигна 1,04 милијарда тони, што одразува зголемување од 4,99 проценти на годишно ниво. Дополнително, производството на приватни, недржавни субјекти е зголемено на 197,5 милиони тони јаглен, што е зголемување за 28,11 отсто во однос на лани.
Го намалуваат увозот, го зајакнуваат домашното производство
Во меѓувреме, увозот на јаглен во Индија е намален за 8,4 проценти на годишно ниво, заштедувајќи 5,43 милијарди долари во странска валута. Според Владата, увозот на нерегулираниот сектор е намален за 12,01 проценти, додека увозот за мешање во термоцентралите е намален за 29,8 отсто, и покрај зголемувањето од 3,53 проценти во производството на електрична енергија на јаглен. Ова намалување на увозот им се припишува на владините иницијативи што помогнаа да се зголеми домашното производство за 6,11 отсто, а со тоа да се намали зависноста од странски јаглен.
И покрај овој напредок, недостигот од кокс и висококвалитетен термички јаглен сè уште бара увоз. Во насока на подобрување на енергетската безбедност, Министерството за јаглен работи на зголемување на домашното производство. Производителите на електрична енергија од приватниот сектор исто така го прошируваат својот капацитет заснован на јаглен. „Тата пауер“, на пример, размислува за своето прво проширување на производството на електрична енергија на јаглен во последните шест години, со цел да го зголеми производството во фабрика во северна Индија, неодамна објави новинската агенција „Ројтерс“.
Последната експанзија на компанијата во производство на електрична енергија на јаглен беше во 2019 година, кога ја купи компанијата „Парагвај пауер генерејшн“ (ППГЦЛ) преку заедничко вложување. ППГЦЛ е електроцентрала на јаглен со моќност од 1.980 MW во државата Утар Прадеш и сега поднесе апликација за оцена на влијанието врз животната средина за зголемување на капацитетот за 1.600 мегавати (MW), додава „Ројтерс“.
И во Македонија расте производството на енергија од обновливи извори
Домашното производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во последните години има значителен пораст. Но, иако имаме зголемено учество на обновливите извори на енергија во вкупното производство, кај хидроцентралите се забележува намалување на добиената енергија. Публикацијата на Државниот завод за статистика насловена „Животна средина“ покажува дека од 2016 до 2022 година производството на хидроенергија се намалило од 1.897 гигават-часа (GWh) на 1.345 гигават-часа (GWh). Иако анализата низ годините што ги објави ДЗС покажува дека од година на година има зголемување и намалување на енергијата добиена од хидроцентралите, сепак, ниту една година не го достигнала производството како во 2016 година.
Од друга страна, бројките говорат дека производството на енергија од сонце од година на година постојано расте. Па така, во 2016 година имало 24 гигават-часа енергија добиена од соларните централи. Иако овој тип на енергија неколку години бил во стагнација, односно се добивале исти количества енергија, во 2021 година настанува голема промена, кога производството е дуплирано, а истото тоа се случува и 2022 година. Имено, во 2021 година се добиени 51 гигават-час енергија, додека веќе во 2022 година производството повторно се дуплира и достигнува 92 часа енергија од сонцето.
Ова воопшто не изненадува, со оглед на пандемијата и драстичниот скок на цените на електричната енергија како последица на многубројните кризи, што поттикна голем број инвестиции во сончеви панели, па производството на енергија од сонце значително се зголеми.
Но бројките на статистика покажуваат дека има раст и кај биогасната електрична енергија, чие производство пораснало од 36 гигават-часа во 2016 на 51 гигават-час во 2022 година. Овој тип на обновлива енергија имал и подобри перформанси, а најголеми количества били добиени во 2020 година, кога производството достигнало 57 гигават-часа енергија.
Растот на обновливата енергија не е причина за откажување од јагленот
Последниот годишен извештај на Регулаторната комисија за енергетика покажува дека во текот на 2023 година во вкупното производство на електрична енергија за 2023 година, обновливите извори на енергија учествуваат со 33,15 отсто, додека производството на електрична енергија од термоцентралите и комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија учествува со 66,85 проценти.
Експертите се согласни дека производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија е променливо на годишно ниво и пред сè зависи од хидролошките услови и производството на електрична енергија од хидроцентралите.
Податоците говорат дека во производството на електрична енергија во 2023 година најголемо учество имаат термоцентралите со 46,27 проценти, потоа хидроцентралите со 25,15 отсто, комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија со учество од 20,57 проценти, по што следуваат и сите преостанати со учество од 8,01 отсто. И покрај растот на домашното производство на електрична енергија од ОИ, експертите укажуваат дека за Македонија како земја, која и сега е зависна од увозот на енергија, воопшто не е паметно да се напушти производството на енергија од јаглен.
– Не е паметно и не треба да се дозволи барем во следните 15 години, иако е предвидено со претходно подготвената стратегија за енергетика и климатски промени (2020 година – н.з.). Оваа стратегија ќе треба да се освежи, да се преработи во согласност со потребите и можностите на македонското стопанство. Немаме друг ресурс освен јагленот што би можел да обезбеди базно производство на електрична енергија. Сонцето, ветерот, водата можат делумно да придонесат за задоволувањето на потребите – кога има сонце, кога дува ветер, ако врне снег. За да се задоволат потребите на потрошувачите, според мене, треба да се обезбеди сопствено производство на јаглен за РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“. Да се поврзе ТЕЦ „Неготино“ со цевковод на природен гас и да се размислува за нејзино модернизирање со додавање две предвклучни гасни турбини. Да се почне изградбата на првата акумулациска хидроцентрала Скочивир од каскадниот систем на реката Црна, со сопствени сили, користејќи го стекнатото искуство (кадар, механизација) од изградбата на хидроцентралите „Света Петка“ и „Козјак“. По завршување на врската со гасоводот ТАП, или во исто време, да се почне изградбата на когенеративни постројки во Битола и во Скопје – укажува професорот Константин Димитров за „Нова Македонија“.
Според него, со реализација на овие енергетски проекти, потрошувачите ќе имаат на располагање сопствено произведена енергија, со пониска цена од цената на берзата. Е.Р.
Јагленот значаен стимул за економијата на земјите во развој
Еве неколку аргументи за домашниот јагленот како базен енергетски извор, и колку е значаен за земјите во развој, на примерот на Индија.
Имено, финансискиот придонес на секторот за јаглен во индиската економија е извонредно значаен. Овој сектор учествува со 49 проценти од вкупниот приход на железничкиот товарен сообраќај, што е повеќе од една третина од вкупниот приход на железницата.
Дополнително, производството на јаглен придонесува со над 700 милијарди INR годишно и во централната и во државната каса, поддржувајќи ги социоекономскиот развој и растот на инфраструктурата во регионите што произведуваат јаглен. Секторот за јаглен исто така игра клучна улога во развојот на инфраструктурата. Во текот на изминатите пет години, годишните капитални расходи во државните компании за јаглен изнесуваа во просек 182,55 милијарди INR, што доведе до оптимизација на ресурсите и раст на инфраструктурата.
Гасификацијата на јаглен е уште една важна област на фокус на владата во Индија. Во јануари минатата година, 85 милијарди INR (880 милиони евра) беа доделени за поддршка на проекти за гасификација на јаглен и лигнит во компаниите од државниот и приватниот сектор. Државната „Коал Индија лимитед“ е овластена да основа заеднички вложувања со други компании од јавниот сектор, како што се БХЕЛ и ГАИЛ, за развој на овие проекти за гасификација. За да го промовира неговото усвојување, владата воведе попуст од 50 отсто за уделот на приходите за комерцијални аукции на јаглен блокови, под услов најмалку 10 отсто од ископаниот јаглен да биде наменет за гасификација, што го претвора јагленот во сингас за употреба во производството на метанол, амониум нитрат, синтетички природен гас (SNG). Е.Р.