Зголемување на безбедносните стандарди, што ќе треба да ги исполнуваат сите објекти што вршат угостителска дејност, поголема контрола во процесот на издавање лиценци, како и јасно утврдување на обврските на сите државни институции поврзани со процесот е целта на најавените измени во законот за угостителство, информира денеска на прес-конференција во Владата заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Измените, појасни, ќе овозможат воспоставување систем со кој ќе треба да бидат исполнети сите прописи и да бидат верификувани пред да може да се добие лиценца за работа на сите угостителски објекти. Зголемување на безбедносните стандарди на сите објекти кои се бават со оваа дејност и поголема координација во работата на објектите со построги казни за сите локали кои ги прекршуваат законите.
– Слабостите во сегашниот закон со недореченостите кои придонеле за несоодветната координираност меѓу институциите, поголема слобода на подносителите на барањата за добивање лиценца, како издавање лиценца без притоа да бидат темелно проверени сите документи и елаборати кои се доставени со барањето. Новите измени ќе ги отстранат сите аномалии и јасно ќе ги разграничат обврските на сите органи, кои се дел од овој процес – истакна Ристески.
Тој посочи дека потребно е воспоставување повисоки стандарди за безбедност, бидејќи, како што нагласи, човечките животи се поважни од било кој профит.
– Мораме да воспоставиме строги и јасни процедури, кои мора да спречат вакви пропусти во иднина. Тука се исполнување на минимално техничките услови за вршење на дејноста, соодветни стандарди за противпожарна заштита, санитарно-здравствени и соодветни услови за заштита при работа. Дополнително, предвидуваме и сугерираме заострување на контролите на надворешните приватни фирми, кои изработуват елаборати и планови во областа на противпожарната заштита, проценка за ризици и плановите за евакуација на ваквите објекти. Со измените предвидуваме повисоки парични казни како за угостителите, кои не се придржуваат до поставените стандарди, така и за челновите на комисиите кои се надлежни за утврдување на веродостојноста на документите и контрола на субјектите – рече Ристески.
Досегашните контроли, според него, покажале голем број недостатоци во постојаната регулатива во однос на казнените одредби, како што се ниски казни, немањето можност за пломбирање на објектите од страна на инспекторите во случај на установени неправилности и други пропусти од другите законски регулативи.
– За надминување на овие недостатоци, правиме анализа и предлози за измена на повеќе закони, а ќе дадеме предлози и за промена на кривичниот законик и законот за прекршоци, со кои незаконското работење на угостителските објекти не само што ќе ги зголеми паричните казни, туку ќе има и можност да стане кривично дело – подвлече заменик министерот за економија и труд.
Една од идеите, додаде, е создавање комисија за испитување на минимално техничките и другите услови кои треба да ги исполнуваат ноќните клубови.
– Целта наша е во иднина во таа комисија да влезат повеќе институции и професионалци во својата област, кои ќе гарантираат со својот потпис во записникот што ќе го направат пред да се издаде лиценца на ноќни клубови, кабариња, дискотеки… Нашиот предлог е да влезат професионалци од повеќе институции и области, како што е државен пазарен инспекторат, трудовиот инспекторат, МВР, Општината во делот на урбанизам, ДЗС, УЈП и други, кои ќе ја потврдат можноста тој објект да влезе во процедура за издавање лиценца, а не како досега да се остава на совесноста на самата странка или вработените во секторот угостителство. Ќе има теренска контрола пред да се издаде документот. Не само пред време да се утврдат условите со потпис од комисијата и стручните лица, туку понатаму и тој записник да влезе во натамошна процедура и повторна контрола од страна на секторот за угостителство -рече Ристески. .
Голем проблем, според него, е што досега во законот се оставило на совесноста на странката при пријавувањето да ги приложи сите документи и совесноста на вработените, кои по нивна иницијатива можеле да ја проверат веродостојноста или да не ја проверат.