Воспоставен е протокот на водите низ новиот бетонскиот канал кон хидроелектраната Врбен, изграден по уривањето на стариот, предизвикано од лизгање земјиштето на тешко достапен терен кон крајот на септември.
Како што соопшти АД ЕСМ, низ каналот веќе се пуштаат водите од трите најголеми зафати од доводот Горна Радика.
Завршени се и земјените работи околу поставување на цевките за пропусти од пристапните патишта до каналот, така што санацијата на хаваријата на доводот Горна Радика е успешна и истата е завршена пред планираниот рок од 30 дена, стои во соопштението.
На интервенцијата и претходеа итна постапка со дозвола на Бирото за јавни набавки за избор на изведувач на работите, градежна фирма која по првичните подготовки веднаш почна да работи на терен.
Во зафатот за санирање на настанатото оштетување се изгради нов бетонски канал во должина од 29 метри. Градежните работи со тешка механизација се одвиваа на 1500м надморска висина, на ризичен терен со можни нови одрони на карпи и лизгања на земјиштето.
Хидроелектраната Врбен во текот на целиот изминат период беше функционална, но со намален капацитет за производство поради намалениот доток, но сега е вратена на претходната инсталирана моќ.
Водите кои се собираа по системот на подземни канали, но не можеа да стигнат до електраната, се испуштаа во реката Радика и потоа во акумулацијата Шпилје, каде се искористуваа во тамошната хидроелектрана.
Инаку, лизгањето на земјиштето од обилните врнежи на 27 септември предизвика попуштање на бетонскиот канал, изграден уште во `50-те години на минатиот век, при пробивањето на тунелите и при градењето на мрежата за собирање на водите од планинскиот масив на Кораб и Горнорадички слив, за потребите на хидроелектраните на ХЕС Маврово, од кои првата е пуштена во употреба во 1957 година.