Фото: „Нова Македонија“

Откако утринава два термоблока во РЕК Битола беа исклучени од мрежа, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека очекува состојбата денеска да се стабилизира и да продолжи редовното производство.

– РЕК Битола е во алармантна и катастрoфална ситуација поради сето тоа што се случувало во изминатиот период, имаше една голема акција, што е само почеток, ќе има уште многу од она што го располагам како информација, но, се бориме. Очекувам таму состојбата денеска да се стабилизира и да продолжиме со редовно производство и со она што го добиваат граѓаните. Но, борба ќе има, нормално е, тоа е наследена состојба, рече денеска Мицкоски – одговарајќи на новинарско прашање.

Како што соопшти АД ЕСМ, Термоелектраната (ТЕ) „Битола 2“ е исклучена од функција изутрина во 8:22 часот поради активирана заштита. Шест минути подоцна, од електроенергетската мрежа е исклучен и термоблокот „Битола 1“ поради активирање на заштитата на трансформаторот за сопствени потреби.

– Благодарение на навременото активирање на заштитата, не е предизвикана штета врз ТЕ Битола 1. Согласно досега направените анализи, од стручните екипи на ТЕ Битола, станува збор за надворешни причини кои дополнително ќе се утврдуваат. Во моментов течат операции за повторно вклучување на ТЕ Битола 1 во електроенергетската мрежа. Веднаш по синхронизацијата на ТЕ Битола 1 во електронергетскиот систем, во текот на денот ќе почнат операции за вклучување на ТЕ Битола 3, кој согласно планот за производство изминатите денови не беше во функција – се наведува во соопштението од АД ЕСМ.