Од Министерството за земјоделство ни потврдија дека се максимално мобилизирани во функција на корисниците на субвенции и изразија очекување „земјоделците да ги користат субвенциите за здраво зголемување и унапредување на производството“
Политиките за поддршка од државата да стигнат до секој земјоделец
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство започна со поддршка на агросекторот. Почнувајќи ја поддршката за лозарите, вчера за време на нивниот празник, Свети Трифун, од Министерството за земјоделство ни изјавија дека за сите земјоделски производители, планираната поддршка од државата ќе се реализира според предвидената динамика.
– Наше ветување и обврска е субвенциите да се исплаќаат во согласност со календарот. Тоа значи дека почна исплатата за сите лозари што ги чекаат субвенциите. Обврската што ја презедовме ќе ја спроведуваме доследно – ни изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, додавајќи дека субвенциите ќе се исплаќаат во согласност со динамичкиот план.
Министерот подвлече дека е објавен и новиот ИПАРД-повик, кој ќе трае до 29 март.
– Од понеделник со Платежната и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството ќе почнеме промоција на мерката, потсетувајќи ги руралните општини, при што и ќе ги презентираме потребните информации. За секој што нема да успее да присуствува ќе се обидеме на максимално располагање да бидат и нашите подрачни единици. Интенцијата е максимално искористување на расположливите над седум милиони евра – потенцира министерот Трипуновски.
Од Министерството за земјоделство ни потврдија дека се максимално мобилизирани во функција на корисниците на субвенции и изразија очекување „земјоделците да ги користат субвенциите за здраво зголемување и унапредување на производството“. Потсетувајќи ја јавноста, од министерството изјавија дека „државата минатата година најпрво ги исплаќала заостанатите долгови, а годинава предвидува реформа во овој сегмент“.
– За една година не можеме да направиме радикален рез во субвенционирањето, годинава почнуваме реформа во овој сегмент, но ќе продолжиме и во 2026 година. Парите што ги даваме како држава треба да имаат сериозен ефект во делот, не само на враќање кон производството туку и на негово поттикнување да оди во нагорна линија, за домашна употреба или за извоз. Очекувам земјоделците да ги употребат субвенциите за производство и за обнова, за вистинската намена за која ги добиле. Убеден сум дека вистинските земјоделци ги користат за таква намена. Со сите контроли, кои годинава ќе бидат засилени, ќе ги елиминираме сите злоупотреби. Лани откривме многу корисници на субвенции што не се вистински земјоделци, па годинава Инспекторатот за земјоделство ќе го ставиме на располагање на Платежната агенција, со што ќе се зголеми бројот на контроли. Парите мора да завршуваат кај вистинските земјоделци, во врска со државната поддршка на земјоделците – ни изјави министерот Трипуновски.
Откупени 24 милиони килограми тутун, просечната цена 399,87 денари
Во контекст на второто горливо прашање во земјоделското производство, односно за тутунарите, од Министерството за земјоделство ни нагласија, пред сѐ дека „се задоволни од откупот на тутун“. Натаму, тие истакнаа дека „веднаш по завршувањето на законскиот рок за преземање на количествата треба да почне подготовката за следната реколта“.
– Досега се откупени 24 милиони килограми, а просечната цена е 399,87 денари или речиси 400 денари, а со субвенцијата што ќе ја исплатиме ќе заокружиме 500 денари. Она што е откупено и исплатено е речиси 98 проценти. По завршување на откупниот рок, ќе се исплатат субвенциите – ни изјавија од Министерството.
Дезинформации се вестите за намалени субвенции
Деновиве со доза разочараност во јавноста излегоа пелагониските сточари, одгледувачи на говеда, по информацијата што се појави во дел од медиумите оти во новата програма за субвенционирање се намалени средствата за производителите во 2025 година – од 12.000 денари на 8.000 денари по грло крава. Но министерот за земјоделство Цветан Трипуновски се ангажира на сточарите лично да им каже дека тоа е класична дезинформација и лажна вест. Сепак, сточарите настапија во јавноста со свои ставови преку своите претставници.
– Млекото е суровина чија цена е закочена, литар млеко млекарниците ни го плаќаат по 30 до 31 денар, на помалите сточари и помалку. Големите сточарски фарми земаат нешто плус, можеби до 35 денари за литар, но и тоа не е доволно да се прехрани стоката кога знаеме колкава е цената на сточната храна – изјави во јавноста сточарот Гоце Кантаровски од Могила, кој одгледува над 100 крави.
Кантаровски изјави дека неприфатлива е пресметката на министерот Трипуновски, според која, една крава дава 6.000 литри млеко на годишно ниво и дека вкупната субвенција би била 44.000 денари по крава.
– Ако е така, тогаш сточарите треба да имаат по еден хектар земја за да прехранат една крава годишно, оти кравата без храна не дава млеко. Ретки се фармерите што вадат по шест тони млеко годишно од крава, оттука заклучок е дека субвенциите ни се намалени – рече тој.
Кире Чагоровски, сточар од Пелагонија, вели дека сточната храна не само што е скапа туку и ја нема, па математиката на министерот ќе биде прифатлива ако сточарите имаат поголеми површини на располагање на државна земјоделска земја и ако поевтинат суровините за сточна храна, за што не се оптимисти.
– Државата треба да им отстапи земја на сточарите за да ја хранат стоката. Ако е евтина пченката, сојата, ќуспето, можеби ќе стигнеме до 6.000 литри годишно, ама вака како што е реално ситуацијата на терен, со овие високи цени на суровините, ние произведуваме од три до четири тони млеко на годишно ниво по крава – вели Чагоровски.
Тони Петковски, сточар од Велушина, реагираше дека не се доволни субвенциите за задржано женско теле од 3.000 денари по грло.
– Јуницата за да порасне ќе испие 200 евра млеко, а вие давате 50 евра субвенција. Без разлика што лани беше исклучена оваа субвенција, овие пари се ништо, не ни ги покриваат трошоците – реагираше сточарот.
Но министерот Трипуновски образложи дека Владата гради стратегија за поддршка на млекопроизводството. Тој подвлече дека пред два дена и лично пред сточарите од Пелагонија ги демантирал информациите за намалени субвенции. Тој ни истакна дека субвенцијата за литар предадено млеко е зголемена за еден денар, а од годинава ќе се дава субвенција и за оставено женско теле.
– Убаво е за уво да се чуе дека субвенцијата била по 12.000 денари за грло крава, но ние во нашата програма го донесовме следното: поддршката за грло крупна стока изнесува 8.000 денари, а поддршката за предадено литар млеко од ланските пет денари се зголемува на шест денари. И каде е сега математиката дека овие субвенции се поголеми од лани – ако земеме просек од 5.000 литри млеко по крава во лактација, по шест денари по литар е 30.000 денари плус 8.000 денари по грло тоа се 38.000 денари. Лани ако 5.000 литри ги помножевте со пет денари и плус 12.000 денари по грло тоа се 37.000 денари по грло. По оваа математика значи нема намалување, туку зголемување на субвенциите – ни истакна министерот Трипуновски.
За издвојување е фактот дека сточарите од Пелагонија побараа земја за да можат да произведуваат сами сточна храна. Сточарите афирмативно ја примија веста дека ЗК „Пелагонија“ Битола е во фаза на склучување договор со Министерството за земјоделство, во кој се предвидува околу 1.600 хектари државно земјоделско земјиште да се стави на располагање на сточарите од Пелагонија.
Активности за обезбедување пласман на земјоделските производи на странски пазари
Во врска со плановите на Владата за активности за помош на извозот на македонските земјоделски производи надвор од државата, Трипуновски истакна дека за таа цел се воделе разговори со Министерството за надворешни работи и трговија.
– На состанокот се разговараше како заедно да настапиме со Министерството за надворешни и трговија за проширување на пазарите на кои треба да ги пласираме нашите земјоделски производи. Меѓутоа, за тоа да има полн ефект ние како министерство работиме да го подигнеме и домашното производство, затоа што знаете дека пазарите надвор од државата бараат квантитет покрај квалитетот. И затоа ние мора да работиме и на зголемување и на домашното производство и заедно со министерството да ги презентираме нашите производи и преработки од земјоделски производи надвор од границите. Таков еден настап се реализира и при мојата посета на Берлин заедно со винскиот сектор. Имавме посебна промоција на нашето квалитетно македонско вино. Интересот, морам да пренесам дека беше голем. Продолжуваме и во другите сектори, сѐ со цел да го презентираме нашиот квалитетен земјоделски производ – наведе министерот Трипуновски. Е.Р.
За падот на млекопроизводството
Имаме сериозен пад на млекопроизводството и тоа е резултат на погрешни политики, смета министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Тој рече дека тоа било во минатото, а изминатите шест–седум месеци како власт, нагласи, работат интензивно за да се врати сточарството, како и млекопроизводството, меѓу другото.
– Оваа година за првпат ја воведуваме мерката за оставено женско теле, односно за зголемување на основното стадо на секој фармер. Сумата што ќе ја добие секој фармер за оставено женско теле е 3.000 денари дополнителна субвенција – додаде, меѓу другото, Трипуновски во Собранието.
Тој рече дека се повела сериозна акција во делот на злоупотребата со земјоделското земјиште.
Во наредните месеци ќе има и наменски огласи за сточарите, каде што ќе имаат предност при добивањето на земјоделското земјиште. Знаеме дека на сточарите им треба земјиште за производство на храна, да ги намалат загубите во делот на производството, од друга страна да имаат сигурен прилив на храна што им е потребна – истакна министерот.
– Само да најавам дека ЗК „Пелагонија“ е во фаза на склучување анекс на договор каде што се ослободуваат 1.600 хектари државно земјоделско земјиште, што ќе го ставиме на располагање на сточарите од Пелагонија. И тоа во повеќе катастарски општини, едноставно во сите општини што гравитираат кон Битола, Могила, Новаци и преостанатите населени места, ќе можат да дојдат до земјоделско земјиште. Зборувам за квалитетно земјоделско земјиште. Така што не се сложувам со вашата констатација дека ние како влада не работиме во делот на сточарството, не се грижиме за сточарите или водиме лоша земјишна политика – нагласи Трипуновски.
Министерот рече дека нема информација оти некој градоначалник сака да дислоцира некоја фарма во државава. Напротив, во координација со сите градоначалници, како што посочи министерот, се работи на урбанизација на селата, на легализација на вакви објекти, за да можат сите фарми да бидат корисници на европските фондови.
– Во делот на развивање на сточарството, легализација на фарми и така натаму, верувајте дека само времето ќе покаже колку сме поуспешни од сите претходни – дециден беше Трипуновски. Е.Р.