Фото: Министерство за економија

Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување денеска во Струга одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот, како што информираат од минисерството, привлекол голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус бил ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.

На презентацијата присуствувал и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој, како што информираат, порачал дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.

-Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома- истакна министерот Дурмиши.

Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.

Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.

Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места.

Финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците.

Мерка 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување, директно поврзувајќи ги граѓаните со компаниите што бараат кадар.

-Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки- додаде министерот Дурмиши.

Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Од Министерството за економија и труд, најавуваат дека следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.