Истражувањето на Европската комисија за патувања покажува дека Европејците ги откажуваат или ги одложуваат резервациите за одмор. Слични се состојбите и во однос на Македонија
Штом туристичкиот сектор беше ослободен од двегодишната криза предизвикана од пандемијата и почна да закрепнува, руско-украинската криза повторно донесе немири. Воениот конфликт ќе влијае негативно на туризмот и на бројот на туристи во Европа, но и во нашата земја. Според податоците на туристичките агенции, патниците речиси престанале да се интересираат за патување. Сѐ повеќе има луѓе што мислат дека треба да почекаат да се смири ситуацијата, бидејќи има многу неизвесности.
Истражувањето на Европската комисија за патувања покажува дека Европејците се надеваат дека патувањето ќе биде возможно без ограничувања за неколку месеци, поради што сѐ уште ги одложуваат резервациите за одмор. Според анкетите, стотици милиони патници сакаат да одат на туристички дестинации по пауза од две години, иако кризата во Украина натера многумина да чекаат со одлуката за патување. Дополнителни стравувања создаваат промените во плановите, кои европските туроператори веќе ги најавуваат кога се во прашање летовите и хотелското сместување. Она што загрижува е растот на цените на енергентите, што, секако, значително ќе ги зголеми цените на туристичките производи и услуги.
– Украинската криза ќе има големо влијание во туризмот, а и во самата економска криза. Веќе почнавме да ја чувствуваме, бројот на патниците се намалува, патниците стравуваат да не се случи поголема ескалација. Што се однесува за странските туристи во Македонија, сѐ уште постои стравување и досега се откажани сите групи од Русија и од Украина – посочува Дончо Нацев, директор на туристичката агенција „Арбо травел“.
Тој додава дека засега нема откажување на раните резервации од страна на македонските туристи што имаат уплатено летни аранжмани, но вели дека со зголемувањето на енергентите се зголемија и цените на превозот и на дел од хотелските услуги.
Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажевски, смета дека воената состојба во Украина ќе се одрази не само на бројот на туристи од Украина и Русија и од околните држави туку и врз веќе намалената куповната моќ кај народот од енергетската криза.
– Имаше јавувања, односно интерес од украински и од руски туроператори со оглед дека имаме и лет од Русија. За почеток беа на добро ниво, но со збиднувањата сега се затворени, не се знае што ќе биде понатаму. Се надеваме на добар компромис и разум кај сите големи сили да можат да го решат ова што побрзо и да одиме понатаму – вели Блажевски.
Како што потенцира тој, веќе се видливи негативните последици и за туристите од другите држави.
– Тука пред сѐ мислам на гостите од Полска, чиј број е значително намален. Најверојатно кај нив има стравувања, се плашат од исходот, па затоа не сакаат да резервираат аранжмани за мај, јуни, јули и август, како што било претходни години – објаснува Блажевски.
Претставници од бизнис-секторот во земјава, кои овој пат инсистираа на анонимност, посочуваат дека меѓународната конјунктура на пазарот е таква што кризата како во Украина го става на страна туризмот и го отежнува движењето на патниците. Конкретно за Европа, бројот на украинските туристи ќе биде значително намален, а што се однесува за Македонија, полските туроператори го намалуваат бројот на резервации, а дел од нив најавуваат и откажување.
– Исто така и Холанѓаните ги намалуваат резервациите или, пак, ги преиначуваат договорите од гарантирани во слободни. И бројот на турските гости е под очекувањата оваа година, а тие беа најмногубројни. Ние и натаму остануваме како земја затворени со големи ограничувања за влез на странски туристи, бидејќи сѐ уште бараме сертификати, што во услови како земја што е мала, сериозно ќе се одрази бројот на странските туристи врз бизнис-секторот, сметаме дека треба да се овозможи слободен проток. Сѐ уште сме далеку од очекувањата на враќање на туризмот за да се помогне во подигнување на економијата – истакнуваат претставници на бизнис-заедницата.