Евростат ги регистрира најголемиот пораст на плати и највисоките трошоци за работни часови за целата ЕУ-економија
Хрватска е на прво место во ЕУ според растот на платите во последниот квартал од минатата година, објави Европскиот завод за статистика. Според нив, во четвртиот квартал од минатата година, трошоците за работна сила по час пораснале во просек за 4,3 отсто во ЕУ во однос на истиот квартал од претходната година.
– Најголемо зголемување на трошоците за работни часови за целата економија е забележано во Хрватска (13,9 отсто), Полска (13,8), Романија (13,1) и во Бугарија (13) – објави Евростат.
Најмал пораст на вредноста на еден час работа е забележан во Луксембург, Франција, Белгија, Шпанија, Финска и во Шведска. Во сите земји порастот е под просекот на ЕУ, кој, повторуваме, изнесуваше 4,3 отсто.
Кога станува збор за зголемувањето на платите во реалната економија, во Хрватска во последниот квартал од минатата година тоа е 12 отсто во однос на истиот квартал од претходната година. Во јавниот сектор (неделовна категорија) зголемувањето е 18,2 отсто, покажуваат европските статистичари.
Од друга страна, според податоците на Централниот завод за статистика, бројот на вработени во Хрватска во јануари е зголемен за 3,5 отсто во однос на истиот месец лани. Најголем раст на бројот на вработени е забележан во градежниот сектор (6,9 отсто).
Натпросечен раст на вработеноста во јавниот и државниот сектор
Она што сепак загрижува е натпросечниот раст на вработеноста во јавниот и државниот сектор, предупредува економскиот аналитичар Ивица Бркљача во Макроперспектива. Во секторот јавна администрација и одбрана има раст од 5,1 отсто, во образованието 3,1 отсто, а во здравството и социјалната заштита од 6,2 отсто.
Просечната нето-плата лани пораснала за речиси 15 отсто, а при приспособување на стапката на инфлација таа изнесува околу 11 отсто. Најголем раст е забележан пред сѐ кај дејностите во јавниот и државниот сектор, каде што просечната плата пораснала за 22 отсто.
Платите во Хрватска, особено во јавниот сектор, растат многу побрзо отколку во остатокот од Европската Унија веќе три години.