Кинеската платформа-доставувач веќе присутна на европскиот пазар за храна
Кинеската платформа „Тему“ веќе одамна е присутна во светскиот и европскиот синџир на доставувачи за индивидуални клиенти. Таа сега подготвено влегува и на пазарот на храна, поточно европскиот. Имајќи го одамна предвид претстојниот тренд на недостиг од храна, кинескиот гигант веќе им пристапува на трговски оператори за храна, но и на индивидуални потрошувачи на храна во Германија, Швајцарија, Австрија… Така, компаниите или населението од овие држави сега се во можност преку оваа платформа да купуваат свежо месо, пијалаци, кондиторски производи итн. Продажбата на свежа храна претставува посебен предизвик, особено во делот на синџирот на снабдување. „Тему“ ги одредува продажните цени на производите, што би можело да значи пониски цени за доставувачите.
Во Германија мрежата на „Тему“ за продажба на храна е во тренд на развој
Како што информираат медиумите од Германија, пред неколку месеци платформата „Тему“ основаше германска дивизија за да им пристапи на доставувачите на храна. Платформата, која досега се фокусираше на (со цена исклучително пристапни) непрехранбени производи од Кина, сега има силна амбиција да стане и доставувач на храна со производи од Европа за Европа. Специјализираното списание за трговија „Лебенсмител цајтунг“ објави дека „Тему“ динамично им пристапува на помалите производители на кондиторски производи. За таа цел, како што пишува германското специјализирано списание, компанијата „Тему“ ангажираше вработени да им пристапуваат на трговците на мало – понекогаш користејќи поспецифични комерцијални методи. Така, неодамна е забележан и тим на теренот што конкретно им пристапува на клиентите. Според пишувањата на западните медиуми, и „Тему“ ги потврдува плановите – вели дека сака да „го прошири локалниот асортиман и да ја подобри услугата за европските клиенти“. Имено, германски производител на месни производи „Вурстбарон“ продава на платформата „Тему“ веќе неколку месеци и вели дека е задоволен од резултатите.
Наскоро „Тему“ на пазарот на храна во Швајцарија
За издвојување е дека „Тему“ исто така планира да влезе на пазарот за храна во Швајцарија. Портпаролот на компанијата потврди дека се во тек подготовки за отворање на пазарот, иако сè уште не е одреден конкретен датум на лансирање. Како што пишува весникот „Тагес-анцајгер“, „експерти од индустријата, како што е Дагмар Џени од Швајцарската федерација на малопродажба, веруваат дека е голема веројатноста ’Тему’ многу скоро да нуди храна и во Швајцарија“. Е.Р.