Дека туристите одбираат хотели потврдува и фактот што во текот на 2022 година 77,2 проценти од туристите се сместиле во хотели, додека 21,7 отсто во други објекти и само 1,1 процент во кампови. Во текот на 2023 година се зголемил бројот на туристи сместени во хотелите. Имено, таа година во хотелите биле примени 80,4 проценти од туристите, додека во другите сместувачки капацитети 18,7 проценти, а помалку од еден процент во камповите
Туристите повеќе сакаат хотелско сместување, камповите тешко се пополнуваат
Најголем број туристички посетители на Македонија сакаат да престојуваат во хотели. По хотелите, како избор за сместување ги одбираат другите сместувачки објекти, а на крајот доаѓаат камповите. Иако најголема понуда за сместување има во категоријата други сместувачки капацитети, каде што всушност влегуваат становите или собите што се изнајмуваат во нашите туристички центри, сепак, податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека туристите што ја посетуваат Македонија претпочитаат хотелско сместување.
Па така, во 2022 година 56,1 отсто од ноќевањата биле во хотели, додека пак 42,7 проценти биле во други сместувачки капацитети, а најмал дел или само 1,2 проценти во кампови. Слична била состојбата и во 2023 година, со тоа што се зголемил бројот на гости што одбираат да се сметат во хотелите, наспроти другите капацитети или пак камповите. Во текот на предминатата година во хотели биле остварени 58,7 проценти од ноќевањата, додека во други сместувачки капацитети биле 40,2 проценти, а во камповите 1,1 отсто.
Дека туристите одбираат хотели потврдува и фактот што во текот на 2022 година 77,2 отсто од туристите се сместиле во хотели, додека 21,7 отсто во други објекти и само 1,1 процент во кампови. Во текот на 2023 година се зголемил бројот на туристи сместени во хотелите. Имено, таа година во хотелите биле примени 80,4 проценти од туристите, додека во другите сместувачки капацитети 18,7 проценти, а помалку од еден процент во камповите.
Статистичарите утврдиле дека бројот на туристи континуирано расте, но има многу поголем раст на странските туристи.
– Во 2023 година бројот на туристите е зголемен за 21 отсто во однос на 2022 година, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1 процент, а кај странските има зголемување за 37 отсто. Во 2023 година, во однос на 2022 година, има зголемување на ноќевањата за 10 проценти, кај ноќевањата на домашните туристи има зголемување за еден отсто, додека кај ноќевањата на странските туристи е забележано зголемување за 23 проценти – се истакнува во анализата „Макстат избор“ на ДЗС.
Статистичарите утврдиле дека во текот на 2023 година бројот на туристите од земјите членки на Европската Унија учествува со 42 проценти во вкупниот број на странски туристи. Притоа тие посочуваат дека во однос на 2022 година, бројот на туристите од Европската Унија во 2023 година е зголемен за 20 проценти.
– Во 2023 година ноќевањата на туристите од земјите членки на Европската Унија учествуваа со 46 проценти во вкупниот број ноќевања на странските туристи и бројот на ноќевањата на туристите од Европската Унија е зголемен за 11 отсто во однос на 2022 година – се посочува во анализата.
Меѓу другото е утврдено дека ноќевањата на туристите од седумте држави со најголем број ноќевања во 2023 година, а тоа се Србија, Турција, Полска, Холандија, Хрватска, Германија и Грција, учествувале со 54 проценти во вкупниот број ноќевања на странските туристи.
Бројките од статистика покажуваат дека, по големиот пад во пандемијата, туристите постепено се враќаат во нашата земја. Сепак, упатените истакнуваат дека не е доволно само бројките да се подобрат, туку туристичкиот сектор да има одржливост.
– Македонија има голем туристички потенцијал, но трендовите во туризмот се динамични, па така, мора да се размислува за нови алтернативни форми на туризмот. Одржливиот туризам е нашата иднина и нашиот следен чекор во развојот на дестинациите, бидејќи има неверојатни придобивки за животната средина, општеството и локалните заедници. Развојот на алтернативните форми на туризам директно ќе влијае на зголемување на девизниот прилив, јакнење на малите и средните претпријатија што работат во областа на туризмот, намалување на невработеноста, како и подобрување на севкупната економска состојба во земјата. Одговорните туристички практики имаат цел да ги минимизираат негативните влијанија врз животната средина, културата и локалните заедници додека ги максимизираат придобивките. Одржливиот туризам може да поттикне создавање работни места преку промовирање еколошки, социјално и културно одговорни практики. Со фокусирање на безбедноста, автентичноста, одржливоста и персонализацијата, дестинациите можат да ја подобрат својата репутација и да привлечат посетители и за авантуристички и за културен туризам. Нашето културно наследство претставува интегрален дел на нашиот стратегиски развој за одржлив туризам како голема предност како за Македонија така и за регионот – напоменува директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска. Е.Р.