Истражувањето на американската инвестициска компанија „Инвеско“ за феноменот на враќање на златото на државите во сопствените државни трезори
„Тоа е моето злато и го сакам дома“ – тоа беше мантрата на која бевме сведоци минатата година, изјави за јавноста шефот во „Инвеско“, Род Рингроу, цитирајќи го најчестиот одговор на прашањето при истражувањето на „Инвеско“, односно „зошто повторно на голема врата се враќа трендот на златото во глобалните финансии“?
Истражувањето на американската компанија „Инвеско“ покажа дека „сè повеќе земји го враќаат златото во домашните трезори поради инфлацијата и санкциите што Западот ги воведе кон Русија“.
Според тоа истражување, „повеќе од 85 отсто од 85 стабилизациони фондови и 57 централни банки проценуваат дека инфлацијата во следните 10 години ќе биде повисока отколку што беше во изминатите 10 години“.
Токму таквиот финансиски амбиент, според истражувањето на „Инвеско“, поттикнува инвестиции во злато на пазарите во развој. Имено, западните санкции кон Русија и замрзнување на речиси половина од руските златни и девизни резерви од 640 милијарди долари се чини дека е важен поттик. Истражувањето на „Инвеско“ покажа дека „тој преседан ги загрижи централните банки, а речиси 60 отсто од анкетираните изјавиле дека златото станало поатрактивно поради истото тоа, а 68 отсто од нив сега чуваат резерви во домашниот трезор“.
„Го чувавме (златото) во Лондон… но сега го вративме дома затоа што сакаме безбедното средство и да го чуваме на безбедно“, авторите на извештајот цитираа една централна банка, која сакаше да остане анонимна.
Многумина го делат тој став, изјави за јавноста шефот во „Инвеско“, Род Рингроу, кој го коментираше извештајот.
– „Тоа е моето злато и го сакам дома“ – тоа беше мантрата на која бевме сведоци минатата година – додаде Рингроу.
Геополитиката и условите на пазарите во развој поттикнаа некои централни банки да го намалат уделот на доларот во девизните резерви и да воведат други валути.
Седум отсто од испитаниците веруваат дека растечкиот американски долг има негативно влијание врз доларот, иако повеќето сè уште не гледаат алтернатива на зелената банкнота во нејзината улога како светска резервна валута. Уделот на оние што го гледаат кинескиот јуан како можна алтернатива е намален на 18 проценти – од 29 проценти во 2022 година.
Речиси 80 отсто од 142 испитани институции сметаат дека геополитичките тензии се најголемата опасност во следните 10 години, а 83 отсто од нив сметаат дека инфлацијата ќе биде најголемата опасност во следните 12 месеци.
Титулата за најатрактивна категорија на имот ја презеде инфраструктурата, особено проектите што вклучуваат производство на енергија од обновливи извори.
Атрактивноста на Кина за инвестиции благо се намали, додека Индија ја потврди првата позиција меѓу најатрактивните, втора година по ред. Трендот на враќање на производството поблиску до матичната земја го подобри рангирањето на Мексико, Индонезија и Бразил.
Истражувањето покажа дека Велика Британија и Италија сега се помалку привлечни за инвеститорите.
Што претставува „Инвеско“?
„Инвеско Лтд.“ е реномирана американска независна компанија за управување со инвестиции, со седиште во Атланта, Џорџија. Компанијата има и дополнителни филијали во други 20 земји. Нејзините акции се составен дел на „Ес енд пи 500“ и со нив се тргува на берзата во Њујорк. „Инвеско“ работи и под брендовите „Тримарк“, „Инвеско перпетуал“, „Дабл ју-ел рос енд ко“, „Пауершерс“.
Р.Н.М.