Триглав го зајакнува своето присуство на полскиот пазар во согласност со своите стратешки амбиции
Триглав, преку капитална инвестиција, во следните 24 месеци ќе стекне до 24,8% сопственички удел во HPI GMA S.A., брзорастечка „insurtech“ компанија, со која што соработува на полскиот пазар во областа на осигурување на моторни возила. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), исто така, ќе стекне малцински удел во сопственоста. Со оваа инвестиција, Триглав го зајакнува своето присуство на полскиот пазар, во согласност со својата стратешка амбиција за интернационализација на своите операции.
Групацијата Триглав, на полскиот пазар на осигурување на моторни возила, соработува со HPI GMA S.A., осигурителна агенција основана во 2019-та година, која што работи под брендот Trasti. Оваа брзорастечка осигурителна компанија, со 700.000 клиенти, дистрибуира и издава полиси во име на Триглав, за осигурување на моторни возила на полскиот пазар. Со капиталната инвестиција од Триглав и ЕБОР, Trasti ќе го финансира понатамошниот раст на својот претежно дигитален бизнис и ќе ги оствари своите деловни цели.
Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав: „Нашите стратешки амбиции се фокусирани на проширување надвор од нашите постоечки пазари и зајакнување на нашата меѓународна видливост. Перспективниот полски пазар нуди значајна можност за тоа, бидејќи соработуваме со нашиот амбициозен партнер, Trasti, кој успешно комбинира модерен, технолошки управуван пристап со длабинско познавање на локалниот пазар. Преку оваа капитална инвестиција, заедно со ЕБОР, го поддржуваме неговиот понатамошен раст и го зајакнуваме нашето партнерство.“
Janusz Wojtas, главен извршен директор на Trasti: „ Trasti е модерна, подготвена за иднината, дигитална осигурителна компанија, која благодарение на технологијата и експертизата на својот тим, е способна да создава локални производи базирани на универзални процеси, со што имплементира вистински подобрувања на корисничкото искуство. Инвестицијата на ЕБОР и Триглав не е само финансиска поддршка за нас, туку и потврда дека нашиот модел функционира и дава резултати. Ќе ги искористиме овие средства за понатамошни смели иновации и преиспитување на воспоставените модели. Секој ден се прашуваме не само дали можеме да направиме нешто поинаку, туку и дали можеме да го направиме сосема одново.“
Tamas Nagy, ко-раководител на Одделот за приватен капитал во ЕБОР: „Trasti е одличен пример за технолошки ориентирана компанија со висок потенцијал, во која што сакаме да инвестираме во Полска. Задоволни сме што успеавме да привлечеме искусен меѓународен инвеститор како Триглав со оваа трансакција и уверени сме дека нашето партнерство ќе му овозможи на Trasti да созрее во лидер на пазарот.“
Andreea Moraru, регионален раководител на ЕБОР за Полска и балтичките земји: „Како еден од најбрзо растечките осигурителни посредници во Полска, Trasti е во одлична позиција да поттикне понатамошни иновации, поголема конкурентност и подобар квалитет на услугите во осигурителниот брокерски сектор во Полска. Горди сме што го поддржуваме неговиот континуиран раст.“
Групација Триглав
Групација Триглав, со своето знаење, искуство и финансиска стабилност, веќе 125 години ја оправдува довербата на клиентите и другите засегнати страни. Нејзината мисија е да гради побезбедна иднина. Таа е најголемата осигурителна и финансиска групација во регионот Адриа и една од водечките во југоисточна Европа, која што работи во шест земји и на седум пазари, а на меѓународно ниво е присутна преку партнерства со посреднички, застапнички и реосигурителни компании. Клучните столбови на нејзиното работење се осигурувањето и управувањето со средства. Групацијата вработува околу 5.200 луѓе. Триглав одржува силна финансиска стабилност, висока капитална адекватност и профитабилност во работењето, што е потврдено со високите „А“ кредитни рејтинзи од две реномирани кредитни агенции. Главните вредности на друштвото се агилност, едноставност и доверливост. Нејзината визија е насочена кон зајакнување на својот идентитет и видливост како меѓународна осигурителна и финансиска групација. Со одржлив деловен пристап, Триглав создава развојно ориентирана средина за своите вработени, гради силни партнерства и претставува стабилна, сигурна и профитабилна инвестиција за инвеститорите. Матичната компанија на Групација Триглав е Заваровалница Триглав, издавач на примарниот пазар на Љубљанската берза.
Комерцијална објава