Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во трговијата на мало во декември 2022 година, во споредба со декември 2021 година, гледано по групи и класи, има зголемување на прометот во номинален износ, но статистичките податоци покажуваат реален пад на прометот во трговијата на мало. Имено, во групите трговија на мало со храна, пијалаци и тутун, прометот номинално е зголемен за 15,7 отсто, а реално е намален за 5,1 отсто
Реален пад на прометот во трговијата на мало
Високата инфлација во изминатата година и порастот на цените во малопродажбата се одразија и на висината на прометот на трговијата на мало за прехранбените, а и за непрехранбените производи. Драстичниот пораст на цените, особено на основните прехранбени производи влијаеше на намалувањето на личната потрошувачка на граѓаните, кои мораа да ги намалуваат трошоците во согласност со месечните плати, кои беа во чекор со инфлацијата, која во последните месеци од минатата година достигна и над 18 отсто. Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во трговијата на мало во декември 2022 година, во споредба со декември 2021 година, гледано по групи и класи, има зголемување на прометот во номинален износ, но статистичките податоци покажуваат реален пад на прометот во трговијата на мало. Имено, во групите трговија на мало со храна, пијалаци и тутун прометот е номинално зголемен за 15,7 отсто, а реално е намален за 5,1 отсто. Во трговијата на мало, освен трговијата со горива, прометот е номинално зголемен за 8,7 отсто, а реално е намален за 5,3 отсто и кај трговијата на мало со непрехранбени продукти прометот е номинално зголемен за 2,5 отсто, а реално е намален за 5,1 отсто. Единствено кај групата трговија на мало со автомобилски горива е забележано номинално зголемување за 46,5 отсто, а реално за 28,4 отсто.
Граѓаните купуваат во помали количества месо, месни и млечни производи
Реалното намалување на прометот во трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун не е само „едномесечен“ показател. Освен за декември, прометот во оваа група производи реално е намален и за последниот квартал на 2022 година. Прометот на храна во ноември реално е помал за 11 отсто, во октомври за 11 отсто и во септември – 7,4 отсто.
Наспроти ова, за сите овие месеци номиналната вредност на прометот на храна и пијалаци е зголемена за над десет отсто. Највисок номинален пораст на прометот имало во ноември, за 20,4 отсто, но тогаш и стапката на инфлација беше највисока, односно достигна до 19 отсто!
Но реалниот пад на прометот во декември беше и очекуван ако се знае дека македонските граѓани ги намалија и своите предновогодишни набавки за храна и други производи, притиснати поради намалениот стандард и пониските месечни приходи, кои не го следеа растот на трошоците за живот.
– Поради високите цени на храната моравме да се откажеме од некои наши претходни навики. Први на листата на штедење се алкохолните пијалаци. Сега тоа поретко го правиме, а купуваме и во помали количества месо, месни и млечни производи. Истото е и со облеката и обувките. Кризата нѐ натера да одложиме и некои планирани набавки на апарати за домаќинство или мебел. Платите не дозволуваат да се одлучиме за поголеми набавки. Сметките во продавниците се повисоки, но има сѐ помалку производи во кошничките кога пазариме – ни изјавија наши сограѓани.
ЗТП: За генерален заклучок за намалување на реалниот промет во трговијата се потребни посериозни анализи
Од Здружението на трговските претпријатија (ЗТП) засега не ги коментираат податоците што ги објави Државниот завод за статистика, како и тоа дали има намалување на прометот во малопродажните објекти во Македонија, како резултат на намалената лична потрошувачка на граѓаните.
– За генерален заклучок за намалување на реалниот промет во трговијата се потребни посериозни анализи. Затоа и секој изнесен став без конкретни податоци би бил необјективен. Знаете дека имаше висока инфлација минатата година и како таа ќе се одрази на работењето на трговските фирми ќе се знае со завршните сметки на фирмите, кон крајот на март годинава – ни изјави Бети Ицева, претседателка на Здружението на маркети.
Економската криза, која трае неколку години, може да се забележи и низ движењата на реалниот промет во последните пет години. До пред појавата на пандемијата на ковид-19, прометот на храна, пијалаци и тутун во декември растел номинално за 10,4 отсто и реално за 9,1 отсто. Веќе следната година во декември е регистриран негативен номинален раст (-6,6 отсто) и реален раст (-10 отсто) во однос на истиот месец од 2019 година. Во декември 2021 г. прометот на храна, пијалаци и тутун е помал за -2,8 отсто.
Прометот во трговијата на мало е искажан преку продажбата на стока на мало што ја извршиле трговските претпријатија, вклучувајќи ги и продавниците на производните претпријатија и занаетчиските дуќани, пекарниците и месарниците. Не е вклучен прометот на пазарот што се врши меѓу земјоделските производители и потрошувачите и тоа се следи со посебно истражување. По истекот на секое тримесечје, месечните податоци за остварениот промет во трговијата на мало по месеци се коригираат врз основа на резултатите од тримесечните извештаи на сите деловни субјекти што се занимаваат со промет на стоки во трговијата на мало. Остварениот промет во трговијата на мало претставува вредност на продадените (испорачани) стоки на крајните потрошувачи преку продавници и дуќани, и тоа за готови пари, на потрошувачки кредит и со финансиски инструменти за плаќање.
М.Ј.