Фото: Принтскрин

Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова вели дека на граѓаните кои платиле данок на доход во странство, а на кои сега им е дојдено даночно решение и од УЈП, имаат се уште време да ги приложат доказите до канцелариите на УЈП.

Петрова тврди дека не може да се изврши двојно одданочување, а доколку има случаи во кои граѓаните веќе го платиле данокот на доход во странство, а сега постапиле и по решението од УЈП, ќе бидат разгледани сите докази и ќе се изврши оданочување само на едно место.

– За оние кои платиле во странство и сега платиле во земјава, ќе бидат земени предвид сите докази. Зависно од меѓународниот договор – доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде да се изврши поврат или доколку е возможно, платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит, а за уплатата која е извршена овде да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година – појасни Петрова на денешната прес-конференција со министерката за финансии.

Вели дека како институција се свесни за реакциите на граѓаните, но додава дека морале да го почитуваат законот и да ги достават решенијата во законкиот рок, односно пет години по истекот на годината кокга доходот е остварен.

– Верувам дека одредени граѓани не стигнале да ги завршат активностите во однос на собирањето и доставувањето на доказите и тоа е разбиливо бидејќи се работи за пет години наназад, меѓутоа нашиот рок за завршување на постапката беше до 31 декември и тоа е законскиот рок. Имајќи предвид дека граѓаните мора да обезбедат докази за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји, ќе им овозможиме да го сторат тоа. Ги повикувам сите да ги достават доказите, ќе ги разгледаме и што може да се прифати, ќе прифатиме – рече Петрова.

Според Петрова, оваа активност на УЈП не била брза и изненадувачка, туку опсежна активност во која биле собрани податоците од банките, била направена  опсежна анализа и околу 11.000 граѓани персонално биле повикани да го подмират данокот на доход.

За протестите на овие граѓани и за нивните најави дека ќе поднесат тужби пред Управниот суд, директорката на УЈП вели дека тоа се легитимни права на граѓаните.

– Тоа ниту можеме, ниту сакаме да ги спречиме граѓаните да поведат управен спор доколку имаат докази за тоа. Сепак, повикани се и кај нас да ги достават доказите за да видиме дали имаат платен данок во странство – рече Петрова.

Димитриеска – Кочоска: Не се работи за нова давачка, станува збор за почитување на законите

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, напомена дека не се работи за законска измена и дека граѓаните треба да ги знаат нивните обврски кон државата.

– Ние досега не сменивме ниту еден закон. Даночните обврзници треба да ги знаат законите и да ги почитуваат. КОга станува збор за потврдите за остварување на дохид во странство, секој од нас треба да знае дека кога го остварува доходот во странство, во исто време треба да обезбеди и потврда во годината во која го остварил со цел да го поднесе до Управата за јавни приходи односно во месецот. Што значи дека ова не е нова давачка која ние ја сменивме во Собранието. Станува збор за почитување на законите – нагласи Димитриеска-Кочоска.

 

Од 11.000 граѓани, утврден е данок за 6.600 граѓани за 2020 година. За останатите е коснтатирано дека доходот не подлежи на одданочување. Од овие 6.600 граѓани, 2.200 граѓани самите го имаат поднесено и платено данокот, а за 4.400 граѓани донесени се решенија по службена должност. Вкупно утврдениот данок е околу три милиони евра за 2020 година.

Најавите од УЈП се дека ќе се проверуваат и останатите години.