Фото: Макфакс

Соработникот за енергетика во канцеларијата на премиерот, Виктор Андонов на денешната прес-конференција ги соопшти последните информации кои се однесуваат на енергетската состојба во земјата.

Како што истакна, во рамки на заложбите на Владата за подигнување на јавната свест за тоа колку е важно штедењето на електричната енергија, институциите и компаниите се многу важни во овој процес и секој треба да направи мала промена во домот и на работното место, што ќе значи многу за енергетскиот систем.

Андонов ги презентираше податоците за направениот пресек од 15 дена, од 15.10.2022 заклучно со 31.10.2022 година и информираше дека за овој период, произведени се вкупно 199.830 мегават часови.

Информираше дека дополнително, заклучно со крајот на октомври 2022 година, ЕСМ не само што го реализираше својот предвиден план за производство на електрична енергија, туку произведен е и некој гигават час на електрична енергија повеќе од предвиденото.

Тој упати апел до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи финансиските средства се обезбедени, ликвидноста на АД ЕСМ е осигурана и струја ќе има за сите во текот на оваа зима.

– Состојбата во цела Европа е комплексна и секоја земја ги бара најоптималните решенија. Нашите позиции се јасни, работиме на зголемување на домашното производство и ги ставаме во погон сите енергетски капацитети во државата. Владата постојано ја следи состојбата на дневно ниво и ќе носи соодветни мерки за ублажување на последиците. Врвен приоритет е да се обезбедат најповолните услови и граѓаните да бидат заштитени – подвлече Андонов.

Ги повика сите граѓани да вложат максимални напори за штедење на електричната енергија со оглед на тоа што доаѓаат постудени денови.

– Сега е време кога мора рационално да ги користиме енергенсите и да бидеме солидарни – порача Андонов.

На прашањето дали и како ќе се санкционираат фирмите кои се префрлија на регулираниот пазар, Андонов истакна дека трендот на ваквите злоупотреби во текот на изминатата година за прв пат беше нотиран токму од државните институции, односно од страна на Регулаторната комисија за енергетика, и со овој тренд ќе се справуваат институциите преку соодветни мерки со кои би се спречила евентуалната злоупотреба на електричната енергија, за што јавноста најтранспарентно ќе биде информирана.